Евровизија 22: скандал и кансел култура
top of page

Евровизија 22: скандал и кансел култура

Околу полноќ интернетот на македонски се раздвижи во гнев кој не можеше да се разлачи и разбере од каде доаѓа. Торино. Скандалот е тест за сериозноста на македонската држава. Прогонете ја! Запалете ја вештерката! Се́ упатуваше на тоа дека се случил некој дипломатски скандал од размери кои не сме ги виделе во разноликата млада македонска историја.

Но не. Нешто се случило на Евровизија. Што се случило? Девојката го запалила знамето на сцена? Го прекинала настапот и прогласила дека Македонија е Грција? Што?!

Се откажав во залудното фаќање на конците на социјалните мрежи(хаштазите имаат своја функција луѓе!) и побарав сама: македонија евровизија торино знаме. Излезе видео, на кое македонската претставничка, Андреа, дотерана, нашминкана, стои пред група фотографи, кои стандардно довикуваат инструкции за да ја фатат сликата која ја посакуваат. Таа е пргава и млада, се смее, замавнува со знаменцето, прави чекор напред наведната за да излезе од кадар, и го лизнува по земјата и продолжува со позирањето.





НАВИСТИНА ДЕЧКИ?! НАВИСТИНА ОВА БЕШЕ ТРИГЕРОТ ЗА ТОЛКУ МНОГУ ПРАВЕДНИЧКИ ГНЕВ?

Следното утро и попладне, реакциите не само што не стивнуваат, туку се засилени и земаат чудни текови. Првично се надевав дека Андреа ќе биде заштитена од коментарите затоа што има прилично голема задача деновиве, но очигледно е закачена на тапет и никој не е помилуван и со тоа Евровизија станува најнеблагодарната работа за која кревката македонска музичка сцена може да се надева. Таа дала видео со извинување. Обвинителството дало изјава. МРТВ размислува да ја повлече.

И помеѓу сите овие наслови се́ посилен е сентиментот на огорченост од друг тип. Ние сме клети. Ние сме болни. Ние сме комплицирани и не заслужуваме ништо добро. Само ние можеме да изреагираме толку екстремно на толку недолжен гест.




Но имам добра вест и лоша вест. Нашето однесување не е никако надвор од некој поопшт стандард. Лошата вест – само ние мислиме дека имаме лоша среќа да бидеме проколнати во секој чекор, секој одраз и лице на нашите животи, всушност ова не може да биде држава, туку е вукојебина!

Тажно е што оваа кратка кансел приказна, се одвива со разврската на една од најголемите и значајните приказни од тој жанр во позадината: Џони Деп, еден од најголемите глумци последниве 30на години, беше сосема откажан откако неговата млада сопруга излезе во Вол Стрит Џурнал со напис каде го обвинуваше за семејно насилство. Во моментов оди судењето каде тој за тужи за клевета, во кое ја вадат утробата на лешот на нивниот брак во болни детали. Во овој момент културата на откажување доаѓа до некој тип антиклимакс, во кој се повикува на малку поодмерени реакции доколку некој е ставен на тапет на срамот. Можеби не е се́ така како што се чини?

Но доколку ви се чини дека семејното насилство е неспоредливо со прашања на националниот идентитет, или – со евровизија , од друга страна – не е секогаш толку екстремно. Некогаш има исто толку недолжни случки кои го провоцираат гневот на (интернет) масата. Снимка од Аријана Гранде од безбедносна камера на слаткарница. Стои со дечко и́, и чека нешто, излегува вработената и им покажува огромни крофни. Аријана запрепастено ги гледа, и вели „ја мрзам Америка.. ја мрзам Америка!“ ..






Мишел Обама коментира „За прв пат сум горда на мојата земја„ – откако нејзиниот сопруг е избран за претседател.

Актерот Џуси Смолет е обвинет дека исценирал лажен расистички и хомофобичен напад за да може да се нарече себе си „Јас сум геј Тупак„ ... Кевин Харт е откажан од водителската улога на Оскарите затоа што во 2009та на Твитер напишал дека не би сакал син му да биде геј. Листата е навистина долга, исцрпна и апсурдна на моменти, и се чини дека и овде ја спознавме потентноста на социјалните мрежи, и со тоа на гласот кој го проектираме таму. И со тоа културата на откажување е во полн ефект.

Како ќе си играме со таа играчка?

Иако е веќе во залез во оваа досегашна или тековна форма, или барем има озбилно преиспитување, во исто време кога кај нас доаѓа на голема врата, би било корисно да ги научиме лекциите, и да ги прескокнеме моментите од кои можеби би се срамеле некогаш во иднината, понесени од моментот.

Терминот кансел станал синоним за раскинување, преку релативно непозната песна од 80те„Твојата љубов е откажана“, која се појави на албумот на Шик од 1981 година, таа не била хит, но, метафората што ја измислил Роџерс - идејата за „откажување“ на личност поради неприфатливо однесување- си зема засебен живот

Watchin’ the late show

I made up my mind, oh

A love that is free like a love should be

Fallin’ behind, oh

Don’t you see you are the one

I couldn’t have begun

No, your love is cancelled


Има многу дебати за тоа што е тоа и што значи, вклучително и дали тоа е начин да се повикаат на одговорност луѓето, или тактика неправедно да се казнуваат луѓето, или мешавина од двете.

Да се ​​каже „кансел култура“, значи веќе да се изрази гледна точка, имплицитно негативна. Иако културата на откажување не е движење - таа нема ниту лидери, ниту членство, а оние кои учествуваат во него го прават тоа непредвидливо, можеби само еднаш, и не споделуваат кохерентна идеологија - таа упорно се припишува на екстремите на политичката левица на Запад, но во Македонија, се чини дека се вдоми во катчињата на конзервативниот дух... Но обично тоа е симптом на Woke-ness, првично изведен, а потоа пренаменет од црниот народен јазик во „woke“, кој повикува на дух на будност за да се види светот каков што навистина е. (Експерименталниот романсиер Вилијам Мелвин Кели можеби беше првиот што го воведе „woke“ во мејнстримот како придавка, во неговиот есеј од 1962 година за црниот идиом, „If you're woke you dig it“, во кој забележа како се менуваат зборовите со бојата на луѓето што ги користат).

Њу Јорк Тајмс забележува во текстот „Долгата и измачена историја на кансел културата„ :

Културата на откажување не постои затоа што отсекогаш постоела, во гласини, шепоти и кампањи за оцрнување, а цензурата и одмаздата се многу полоши кога се спонзорирани или премолчени од државата, како со затворањето и судски пресуди во „кенгурски судови„ на оние кои практикуваат слобода на говорот во време на тоталитаризам, или ставање на црна листа и забрана за вработување на осомничени комунисти во Соединетите Држави во 1940-тите и 1950-тите, заеднички напор помеѓу Комитетот за неамерикански активности на Претставничкиот дом и приватниот сектор кој сака да го задоволи.

Брзината, отсуството на вештина и релативната анонимност на социјалните мрежи не создадоа радикално нов вид на малтретирање; тие само олеснуваат и влошуваат еден стар вид. А некои би рекле дека тоа воопшто не е малтретирање, туку спротивното: средство за борба против навредливото однесување и експлоатација на моќта и неопходен коректив на неуспехот на државата да ги заштити своите граѓани.„


Кога ги читаме коментарите насочени кон Андреа, од типот повикувања за силување, како би станала „вистинска жена„ – не можете да не посакувате, тој бренд на будност, да го одомаќиниме и овде, баш така – како коректив на шокантно однесување. Но за да си го послушам сопствениот совет – можеби со таа играчка треба внимателно да си играме, затоа што најчесто, ситуацијата преминува од играчка во – плачка. Која форма, кој систем е идеален во кој ќе се оддржува однесувањето на луѓето во посакувана смисла за нормалност, го немам тој одговор. Но знам, дека доаѓање до тие одговори, и до општество кое повеќето не само што го толерираат туку и слават – е процес. И што е уште побитно: е возможно.

bottom of page