Илон Маск е во неверица откако бојкотот на Twitter/X се продлабочува после антисемитски твит
top of page

Илон Маск е во неверица откако бојкотот на Twitter/X се продлабочува после антисемитски твит

Гигантот на социјалните мрежи Twitter/X (Твитер/Икс) западна во криза овој викенд бидејќи голем број големи американски компании ги повлекоа рекламите поради стравувањата дека страницата изобилува со антисемитска содржина.



Apple, Disney, Paramount, Warner Brothers и Sky и сопственикот на NBCUniversal, Comcast, ги паузираше финансирањата за реклами на платформата бидејќи нејзиниот сопственик Илон Маск се противеше на обвинувањата дека дозволува рекламите да се прикажуваат напоредно со екстремно десничарските објави.

Бојкотот дојде неколку дена откако Маск лично одобри антисемитска објава на платформата.

Компјутерскиот гигант IBM беше првата компанија што го запре рекламирањето во четвртокот, после извештајот на непрофитната американска организација Media Matters кој тврди дека X сервира реклами за IBM, Apple, Oracle, NBC Universal и Comcast’s Xfinity напоредно со пронацистичка содржина.

Apple и другите големи брендови го следеа примерот, додека Европската комисија рече дека ќе ги паузира рекламите поради „широко распространета загриженост во врска со ширењето на дезинформации“ во неделите по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.

Во сабота Маск се закани со „термонуклеарна тужба“ против Media Matters и ја обвини дека манипулира со нивните вести за да генерира „редок пример“ на реклами кои се сервираат покрај екстремно десничарските објави.

Оваа недела, Media Matters for America објави приказна која целосно погрешно го претстави вистинското искуство на X, во уште еден обид да ја поткопа слободата на говорот и да ги доведе во заблуда огласувачите“, се вели во соопштението на X.

Сепак, претседателот на Media Matters, Анџело Карусоне, рече: „Далеку е од поборникот за слобода на говор кој тврди дека е, Маск е насилник кој се заканува со неосновани тужби во обид да ги замолчи извештаите за кои тој дури и потврди дека се точни. Маск призна дека спорните реклами се појавија заедно со пронацистичката содржина што ја идентификувавме. Ако не́ тужи, ќе победиме“.

Потенцијалната правна борба со Media Matters следи по одделен инцидент во средата кога Маск му одговори на корисник на X кој промовираше антисемитска теорија на заговор дека Евреите им помагаат на „ордите на малцинствата“ во САД да ги заменат белите луѓе. „Ја кажавте правата вистина“, одговори Маск на Твитер.

Таканаречената теорија за замена беше верување застапено од Роберт Бауерс пред да убие 11 верници во синагогата „Дрво на животот“ во Питсбург, Пенсилванија, во 2018 година.

Бурните реакции по твитот на Маск стигна до Белата куќа, каде што портпаролот рече: „Ја осудуваме оваа одвратна промоција на антисемитска и расистичка омраза“.

Во обид да ги задржи последиците, извршната директорка на X, Линда Јакарино, во петокот рече: „X беше исклучително јасен во нашите напори за борба против антисемитизмот и дискриминацијата. Апсолутно нема место за тоа никаде во светот“.

Последниот бран на бојкот на компаниите предизвика нови прашања за одржливоста на X, кој Маск го купи пред една година за 44 милијарди долари. Договорот беше делумно финансиран со долг од 13 милијарди долари од банките на Волстрит. За време на неговото кратко, но бурно владеење, Маск ја преименуваше компанијата, нарушувајќи ја функционалноста на страницата, воведе функции што се платени и отпушти илјадници вработени, вклучително и модератори на содржини, во обид да ги спречи огромните загуби.


Сепак, страницата останува силно зависна од огласувачите. Податоците од аналитичката фирма Guideline минатиот месец сугерираат дека овој приход паѓал во просек за 55 отсто секој месец од преземањето. Јакарино, поранешен шеф за рекламирање во NBCUniversal, беше донесен во мај во обид да ја стабилизира ситуацијата и да ги врати огласувачите во јатото.


Директорот на една голема лондонска агенција за дигитално рекламирање рече: „Клиентите мора да се повлечат, барем на краток рок. Дали ќе се вратат? Едноставно не знам. Ова е многу полошо од било што [Маск] направил или рекол во минатото. Ќе биде тешко да се прости“.


„Ниту еден огласувач не сака нивниот бренд да биде поврзан со токсична содржина“, рече Алис Ендерс, шеф на истражување во Ендерс Анализис, но додаде дека многу организации ќе држат дел од вниманието на рекламирањето за претседателските избори во 2024 година во САД. „Има многу политичко рекламирање и медиуми на X. Циклусот на политички реклами навистина ќе го фаворизира Илон Маск во 2024 година“.


Последната контроверзија на Маск околу X дојде додека компанијата на милијардерот SpaceX се подготвуваше за второто лансирање на својата најголема ракета досега, Starship, која се лансираше од Тексас во саботата.


bottom of page