Младите ја преминаа границата: Повеќе од 10.000 учесници во македонско-грчката младинска соработка
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Jul 11
- 2 min read
Нешто што политичарите не успеваа да го сторат децении, го направија младите – ја преминаа границата. Не само географски, туку и ментално, културно, емотивно. Проектот „Соработка за Заедничка Иднина“, кој завршува со официјален настан на 11 јули во Скопје, опфати над 10.000 млади од Македонија и Грција, кои низ пет години соработуваа, патуваа, креираа и рушеа предрасуди.

Пет години, четири фази, илјадници гласови
Проектот се одвиваше во периодот од 2020 до 2025 година, низ четири програмски фази, и претставува еден од најобемните прекугранични младински процеси во регионот. Тоа не беше само формална размена – туку долгорочен напор да се создаде одржлива инфраструктура на меѓусоседска соработка одоздола: меѓу млади, активисти, организации, образовни институции и претприемачи.
Според Извештајот за постигнатите резултати, младите „ги срушија предрасудите и стереотипите“ и покажаа „како треба да се градат добрососедските односи“.
Во еден момент кога односите меѓу двете држави се под постојан притисок од внатрешни и надворешни политички агенди, ваквиот извештај е ретка потврда дека помирувањето и соработката не се само зборови за во декларации – туку пракса што се учи, гради и пренесува.
„Следни Поглавја за Заедничка Иднина“ – завршен настан, отворен процес

Завршниот настан, насловен „Следни Поглавја за Заедничка Иднина“, се одржува во Скопје, на 11 јули (петок), од 09:00 до 15:00 часот, во ресторанот Воденица Мулино.
На него ќе присуствуваат повеќе од 80 учесници од Северна Македонија и Грција – вклучувајќи претставници од:
владини институции,
социјални претприемачи,
академската заедница,
медиуми,
и граѓанскиот сектор.
Проектот го спроведува Младински Сојуз – Крушево, една од водечките организации во земјава кога станува збор за младинска демократија и транснационална соработка. Тие се организатори и на овој настан, кој ќе вклучи и бридфинг за медиуми во 10:30 часот, каде ќе бидат претставени наодите од извештајот и главните заклучоци од процесот.
Моќ за дејствување, не само учество

Она што проектот „Соработка за Заедничка Иднина“ го постигна, не се мери само во бројки. Тоа е практична демонстрација на младинска моќ за дејствување – одлуките да се создаваат сопствени канали на комуникација, соработка и културен превод, без да се чека на формални структури.
Во годините кога официјалната политика често е парализирана или вртоглава, младинските процеси како овој покажуваат дека промената не е невозможна – само има различна брзина и друга насока.
Ч.А.
Фотографија: Фејсбук Youth alliance;





Comments