Небиднина на Ацо Шопов, по Иван Ивановски
top of page

Небиднина на Ацо Шопов, по Иван Ивановски






На почетокот на јуни, под иницијатива и кураторство, на Ѓорѓе Јовановиќ се отвори изложба на стрип-табли, од генерацијата уметници кои се не само мултимедијални (дали воопшто има креативци во дигиталната ера кои не се?) туку ги имаат сите одбележја на ново-ренесансни артисти - речиси сите уметности кои им оставиле печат, тие ги владеат. Едноставно одбиваат да бидат пасивни посматрачи на уметничките разговори.



Ѓорѓе Јовановиќ за Слободен печат кажа Она што е, исто така, особено важно е дека дел од изложените стрипови се работени по мотивите на приказните или песните на современи македонски писатели. Мојот стрип е работен според мотивите на „Кинеска делегација во Прилеп“, чин од драмата „Чернодрински се враќа дома“ од Горан Стефановски. Матеј Богдановски се претстави со стрип-адаптација на новелата „Улица“ од Славко Јаневски, Иван Ивановски со своја стрип-адаптација на песната „Небиднина“ од Ацо Шопов, додека другите автори покрај цртежите се автори и на приказните “ .

Преклопувањето на поезија и стрип не е нова идеја но сепак е невообичаена, често стиховите, или дури цели поеми се инкорпорирани во поголемата, централна приказна, на пример, Rootsong, на Henry Dumas со која се отвара и затвора Црн Пантер 3, но речиси никогаш не е исклучиво поезија како што е случајот со Ивановски и Небиднина.


Во овој момент не можеме да ви кажеме за мотивите и мисловниот процес на Иван Ивановски - кој деновиве една по една ги објавува таблите на Небиднина(„Ти должам интервју!“ ) - но можеме да ви кажеме дека овој инсинкт да направи кросполинација на поезијата, литературата, со визуелната уметност, е со него, откако го знам - а тоа е во самите почетоци на неговата уметничка кариера - која веќе е застрашувачки потентна(сите уметници, музичари за кои веќе зборувавме, ја имаат истата одлика). Иван со платно , кое веќе беше исцртано , го нудеше за да оставам свој поетски печат, и беше прилично упорен во таа амбиција бидејќи го имаше замислено на одреден начин, и не отстапуваше од својата визија. Би сакала да ја имав зрелоста да пристапев на таа ситуација поинаку - имено да објаснев пишувањето често не е висцерално на начин на кој сликањето е. Но ова не е текст за мене, туку желбата на Иван да даде поетски печат, или жртва со крв од мастило, или крстување, припитомување на она во што се дава и го прави.


Враќањето кон уметниците пред нас


Референцирањето преку семплови на музика, и со тоа давајќи ѝ втор живот, на стихови или цитати, како поставување на тонот на содржината која следи во книжевноста…. мустаќите на Мона Лиза на Дишан, спорот на Ворхол кој оди до врховниот суд, поради позајмена фотографија и преработена (на Принс) - сето ова не е ништо ново(вклучувајќи ја и тужбата) и се стандардни уметнички практики. Но во култури, како македонската, одново читање и навраќање на џиновите на чии рамења стоиме е веќе прашање на самопрезервација. Но и интересна вежба за контексти.


Со тој новоизведен, од него создаден, збор-слика, збор-метафора, збор-симбол, како јас што го сфаќам, Ацо Шопов засега едно длабоко македонско чувство, што се сублимирало со векови низ нашата историска судбина. Уште кога обидот на Хацон да ги обедини македонските племиња го осуетила Византија, започнала нашата небиднина. Пропаднал и обидот на Пребонд да ги обедини македонските склавинии во една држава. Пак небиднина. Кога Самуил успеал да создаде големо царство, и тоа било краткотрајно, нов пораз од Византија, со 14 илјади ослепени сведоци на една сурова небиднина. Со небиднина завршиле и востанијата на Делјан, подоцна и на Војтех, задушени со оган и меч. Потоа идат Турците, долга, црна, петвековна небиднина: вистинско е чудо како низ неа се одржал еден мал народ. Буната на Карпош да создаде кралство – уште една, свирепа небиднина: наденат на кол, останал само легенда. Наспроти Илинденската епопеја убиен е и Гоце, голема загуба, голема небиднина. Кога во неподготвено востание пукнало црешовото топче, го огласило македонското гесло на „Слобода или смрт“, најавувајќи крвава небиднина. Сепак: блесок на Крушевската република, прва на Балканот, но само 10 дена. Небиднина. Ослободувањeто од Турците, за Македонија поголема небиднина: распетие, во битки за поделба меѓу Србија, Бугарија и Грција. Најтрагичната, Версајската небиднина, ни ја запечати судбината. Дури и празникот на македонската слобода, дојде со сенка на небиднина – останаа во неа Македонците од Егејска и Пиринска Македонија.“ - пишува Душко Наневски. Но во 1976! Можеме да се кладиме дека доколку се понудело ова читање последниве пар децении тој со сигурност ќе бил проценет како бирократски писател, режимско пискарало, склоно кон романтизирање на чувства кои никако не би требало да бидат тоа, туку исклучително голо рацио.

На страна книжевната критика во бившата Југославија( можеби интересно за помладите генерации убедени дека таму биле загушувани и пенализирани овие мисли), самиот Ацо Шопов се чини бил фасциниран од „поимот на небиднината“ но надвор од идеологијата, а повеќе како интимно егзистенцијално соочување со соптсвената финалност, како да го ископал тој збор макотрпно, 18 километри во својата срж, само за го избегне абјектот, на смртта. Дури и во школските верзии за биографијата на Ацо Шопов, и неговите креативни етапи, тој се одалечува од партизански, патриотски, идеолошки теми и се приближува кон себе, внимателно и упорно како кон диво животно, кое едноставно мора да го припотоми и да отвори разговор со него. Или нејзе. И 70 години подоцна доаѓа Иван и седнува до заедничката Небиднина.


























bottom of page