top of page

Објавен потесниот избор за регионалната книжевна награда „Штефица Цвек“ 2025

Во финалето се најдоа Румена Бужаровска и Билјана С. Црвенковска, заедно со авторки и автори од регионот.

ree

Четвртото издание на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ повторно го собра корпусот на највозбудливата современа книжевна продукција од просторот на поранешна Југославија. Оваа година беа номинирани повеќе од сто наслови објавени во текот на 2024 година на македонски и на БХСЦ јазиците, што сведочи за жива и разновидна литературна сцена во регионот.


Книжевната награда „Штефица Цвек“ 2025, која четврта година по ред ги препознава најсмелите, феминистички и квир книжевни гласови од регионот.


Меѓу седумте финалисти годинава се издвојуваат и две македонски авторки — Румена Бужаровска со романот „Тони“ (ТРИ) и Билјана С. Црвенковска со детската книга „Приказни од Ѕунливото Море“ (ИД-Концепт / Чудна шума). Нивното присуство во потесниот избор потврдува дека современата македонска книжевност има силен и разновиден глас во регионалниот контекст.


Првата жири-комисија — Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ — ја имаше задачата да го прегледа и евалуира целиот корпус, сведувајќи го изборот на 22 книги. Потоа, второто жири во состав Марија Бошковска, Ивана Дражиќ и Матеј Вребац ги „наостри ножиците“ и го скрои финалниот, потесен избор за 2025 година.


„Ги баравме оние книги што ќе ги разнишаат кроевите и силуетите на регионалната книжевност, што ќе ги распорат конзервативните шавови на литературата. Сакаме да оставиме дупки незакрпени за низ нив да може да протече воздух, светлина, феминистичка, бунтовна книжевност“, изјавија членовите на второто жири.


Да се изберат неколку наслови што најјасно го отелотворуваат духот на признанието „Штефица Цвек“ — квир и феминистички книжевен гест, критички немир и уметничка сила — значело да се мисли не само на естетската вредност, туку и на политичката и општествената резонанца на делата. „Не баравме совршенство“, велат тие, „туку книги што најсилно инсистираат на несавршеноста на светот, што се осмелуваат да вознемират и разнишаат хоризонти, што отвораат простор за нови имагинарии и субверзивни читања.“


Потесниот избор на „Штефица Цвек 2025“ не ги содржи „најдобрите“ книги во класична смисла, туку оние што успеале да изненадат, потресат и ги поместат границите на современата регионална книжевност.

ree

Во продолжение е финалниот избор на книги за 2025 година (по азбучен ред):


  • Долж остриот нож лета птица, Тања Ступар Трифуновиќ (Лагуна)


    Поетски згуснат роман што на зрел начин ја обработува темата на војната и загубата, избегнувајќи херојски приказни. Гласот на тинејџерката Вања открива универзална приказна за растење во страв и молк, во општество што одбива да погледне кон насилството.

  • Како се кршат тањирчиња, Мак Маслаќ (Дурије, 2024)


    Хумористична, формално разновидна и квир поезија што го мисли телото како простор на траума и еуфорија. Со свеж тон и храброст, Маслаќ отвора теми на љубов, идентитет и род со стилска мерка и искреност.

  • Празни куќи, Данка Ивановиќ (Партизанска книга)


    Фрагментарен, духовит и поетски деби роман што ја отвора темата на женските наследства и празнините што стануваат поетика на присуство. Ироничен, топол и критички прецизен текст што ја расклопува идејата за „полната“ куќа.

  • Приказни од Ѕунливото Море, Билјана С. Црвенковска (ИД-Концепт / Чудна шума, 2024)


    Детска книга што зборува за врсничко насилство, родови предрасуди и еколошка свест низ фантастичен универзум. Со јазична игривост и изворен израз, ја потсетува литературата за најмладите дека може да биде и магична и ангажирана.

  • Папочна врвца, Лусија Тунковиќ (Фрактура, 2024)


    Автофикциски роман-дебитант што ја разоткрива генерациската и класната траума на посттранзициското општество. Исповедна, бесна и емотивно остра проза што говори за табуа без патетика — книжевно и феминистички уверливо.

  • Столица без наслон, Данијела Репман (Трети трг)


    Исповедна, хумористична и болна книга за смртта, депресијата и животот со попреченост. Нараторката не нуди утеха, туку искреност што предизвикува емпатија. Миграцијата тука станува чин на самоодржување, а не бегство.

  • Тони, Румена Бужаровска (ТРИ)


    Со „Тони“, Бужаровска остроумно ја превртува перспективата — пишувајќи од гледна точка на еден нарцисоиден, емоционално дисфункционален маж. Јазикот е прецизен, ироничен и вознемирувачки, а романот — лесен за читање, тежок за заборав.



Регионалниот избор „Штефица Цвек“ го организира поширокиот колектив Побунети читателки, во соработка со Побунети читателки (Србија), Културтрегер / Букса (Хрватска), Нараториум (Босна и Херцеговина) и Коалиција МАРГИНИ (Северна Македонија), со поддршка од Реконструкција женски фонд (Србија).



Стани Дивотно

Comments


Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page