Последниот филм со учество на Дејвид Линч ќе има премиера на Филмскиот фестивал во Локарно
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Jul 11
- 2 min read
„Legend Of The Happy Worker“ – драмата што го носи последниот печат на култниот режисер – премиерно ќе биде прикажана надвор од конкуренција на фестивалот во Швајцарија.

Филмот Legend Of The Happy Worker, последниот проект поврзан со покојниот Дејвид Линч, својата светска премиера ќе ја има на Филмскиот фестивал во Локарно 2025, што ќе се одржи од 6 до 16 август. Линч, познат по серијата Twin Peaks, како и по филмовите Dune и The Elephant Man, почина во јануари на 78-годишна возраст, во домот на својата ќерка во Лос Анџелес, по евакуацијата за време на шумските пожари во градот.
Иако не режираше уште од култната Twin Peaks: The Return во 2017, Линч остана активен на маргините на индустријата. Се појави во филмот The Fabelmans на Стивен Спилберг во 2022, а кај Legend Of The Happy Worker е потпишан како извршен продуцент. Режисер на филмот е Дувејн Данам, долгогодишен соработник на Линч и монтажер на оригиналната Twin Peaks.

Во главните улоги се појавуваат Томас Хејден Чрч (Spider-Man 3) и Колм Мини (Gangs Of London), додека наративот ја следи приказната на Џо (Џош Вајтхаус), човек кој се бори да го сочува она што со години го граделе тој и неговите колеги. Официјалната синопсис ја опишува драмата како борба за зачувување на заедничката работа и вредности.
Според The Hollywood Reporter, филмот ќе биде прикажан надвор од официјалната конкуренција на фестивалот. Точниот датум на проекцијата сè уште не е објавен.
Во меѓувреме, големо внимание привлекува и Unrecorded Night, неснимената Netflix-серија на која Линч работел пред смртта. Иако продукцијата била запрена поради пандемијата на КОВИД-19, проектот стигнал до фаза на избор на локации. Според директорката на продукцијата и долгогодишна соработничка на Линч, Сабрина Сатерленд, сценариото било „најдобро нешто што некогаш го напишал“.

Со „Legend Of The Happy Worker“, светот добива последен увид во имагинацијата на Линч – овојпат од сенка, но со неговиот препознатлив печат.
Comments