Јана Коцева ја изгледа „Дамер..“ -вистински криминал серијата која го улови глобалното внимание
top of page

Јана Коцева ја изгледа „Дамер..“ -вистински криминал серијата која го улови глобалното внимание


Фото: Зденко Петровски
Фото: Зденко Петровски //Јана Коцева го гледаше Чудовиште: Приказната за Џефри Дамер

Сериозна критика на сегрегациското американско општество, како и редефинирање на приоритетите во развојот на личноста, со акцент на самата средина, тоест опкружувањето на субјектот што делува несвесно.

Психологијата на XIX-от век сметаше дека од примарна важност е генетиката, потоа активноста на единката, а најнакрај фактор е и амбиентот во кој постои, а со тоа и делува дадениот субјект.


Напротив, серијалот, дава посебен акцент на околината во која се раѓа, расте и се формира едно човечко суштество. Истовремено, поставен е и мултиаспектниот дискурс на христијанството, со сите свои мани и доблести и неминовно се наметнува дали, воопшто за кој било од нас постои сотеролошки излез од пеколот на земјата, или секој од нас има право на микро-лудило, сѐ додека не е казниво со закон.

Нема никакаква апотеоза на антихеројот, само навидум. Од друга страна, се чини дека Америка како таква има потреба од антихерои, и тука е најголемата загатка што се поставува пред гледачот, да се поистовети, да се отколони или да го стави во ист кош со останатите сериски убијци и овој бездруго фасцинантен лик, ако постои таков меѓу помрачените умови.

И тоа е навидум.

Олку демистифицирано парче доку-фикција одамна не сум изгледала со сласт.

Топло го препорачувам на секој со посилен стомак и умешност да не се поистовети со фикцијата.





Секако, тука мора да се спомне и возбудливата нелинеарна наратива, предадена преку мноштвото време-просторни дигресии, што овозможуваат самиот гледач, за миг, да го заземе светогледот на Дамер и да ги почувствува феномените од перспективата на еден сериски убиец, што отворено вели дека не е луд и мошне свесно расудува за тоа дека заслужува смртна казна за своите злодела.


Музичката селекција е неприкосновена, како и мајсторлукот на Evan Peters да го долови Jeff Dahmer во секој здив.



Подтемите, како микро-односи во семејството, верската заедница, хипокризијата на истите, осаменоста, бивањето геј во 70-тите години на минатиот век, сексуалните преференци и аберацииите, пропаднатоста на правниот систем, универзалната правда (ако воопшто постои таква), правичноста, занемарувањето на децата на сметка на мирот на родителите, и сфаќањето дека детето не е смален возрасен, ами суштесво на одреден стадиум на когнитивен развој, се само уште неколку слоја што неминовно се наметнуваат. Примарното врзување со мајката и траумите од недостигот на истото.

И најнакрај, бивањето белец или црнец губи секакво значење пред административната власт, се чини дека е главниот лајтмотив што се провева одново и одново, е тоталната дехуманизација на единката како крајна цел.


Толку одамна, а толку близу, колку минато време, толку севкупна актуелност.







Јана Коцева / GreenFuzz на Фејсбук// GreenFuzz на Bandcamp

bottom of page