Резултати од пребарување
Search this site
1211 results found with an empty search
- На прагот на нешто возбудливо: дванаесетто издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО
Соочувајќи се со сегашните предизвици, критички гледаме кон борбите од минатото. Програмата заговара зајакнување на транснационалното поврзување на феминистичките заедници кое е клучно за радикална, неметафорична солидарност. Низ неа, заедницата, сфатена како глагол, оживува како најефективен облик на бунт против патријархатот[1], различните империјализми и длабоко вкоренетиот расизам. Пропрашувајќи ги лекциите од минатото, продолжуваме понатаму, прегрнувајќи ги соништата за иднината - солидарна, рамноправна, праведна. Доколку ве инспирираше овој call to action на Tiiiit Inc.! тогаш ќе сакате да присуствувате на македонската премиера на феминистичката театарска претстава „Свет без жени" од авторките Олга Димитријевиќ и Маја Пелевиќ ќе се одржи на 16-ти мај во 20 часот на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Оваа претстава е дел од програмата на фестивалите ПЕРФОРМАНС ПЛАТФОРМА и ПРВО ПА ЖЕНСКО #12, во организација на LOKOMOTIVA-Centre for New Initiatives in Arts and Culture и Tiiiit! Inc. Успехот на "Свет без жени" е докажан не само на македонската, туку и на меѓународната сцена. Претставата ја освои наградата од публиката на престижниот Фестивал БИТЕФ во 2022 година. Претставата третира теми како женитe и нивната улога во современиот свет, со акцент на жените кои борат за своите права и слободи. По изведбата, во рамки на дискурзивната платформа на Локомотива и Tiiiit! Inc. - Дијалогот што недостасува, ќе следи разговор со авторките, модериран од Калиа Димитрова. Влезот е слободен, но поради ограничените места, се препорачува резервација на tiiiit.inc@gmail.com.
- Искра Гешоска стана лауреат на престижниот Гете медал
Искра Гешоска, истакната македонска теоретичарка на уметноста, организатор на фестивалот КРИК и директор на невладината организација Контрапункт, есеист, преведувач на наслови во областа на тероијата, е прогласена за една од овогодинешните добитници на престижниот Гете медал. Ова признание и́ се доделува како нашироко признат облик на почит кон нејзиниот извонреден придонес во областа на интернационалната културна размена и обогатување на независната културна сцена во Македонија. Од основањето во 2001 година, Гешоска со Контрапункт и културниот центар Точка направи огромен придонес во поддршката на младите уметници, зајакнувајќи ја независната културна сцена во земјата. Општествените и политички турбуленции, укинаа неколку културни простори под политичкиот притисок во тоа време (кон крајот на првата деценија на 2000-те), но не ја сопре Гешоска и нејзините напори да го зајакнат гласот на уметноста и културата. Гешоска е исто така советничка за културни прашања на Претседателот на Република Северна Македонија од 2019-та година, што го покажува нејзиното континуирано влијание и присуство во културните политики на највисоко ниво. Гете медалот, којшто го доделува Гете-институтот од 1955 година, е најважното признание на странската културна политика на Федералната Република Германија. Од неговото институирање, медалот е доделен на повеќе од триста одбраници од 70 земји, вклучувајќи и многу престижни имиња од светот на уметноста, литературата и науката. Изборот на Гешоска како добитник на медалот Гете е доказ за нејзината немерлива силна визија и континуирана работа на унапредување на културните размени и чување на независниот културен идентитет во регионот и пошироко. Во ова светло, Искра инсистира - доделувањето на медалот не е само признание за нејзината работа, туку и за оние коишто се залагаат за промени низ уметноста и културата во опкружувања што често се спротивставуваат на слободниот израз и креативност. Сепак таа инсистира, дека медалот не и́ припаѓа исклучива на нејзе, дека без македонската култура и уметниците и културните работници кои ја сочинуваат заедницата, кои се месото и духот, јадрото на македонската култура, во и за која работи. Ова инсистирање само го запечатува она што е ионака очигледно: признанието не само што е заслужено, туку можеби и го надминува во сфери повисоки и поголеми од одликувањата и се само интерпункциски оддишки во многу побитна приказна. Сепак, кога сме кај приказните - во име на цементирање на наративот на македонската култура (како строг непобитен архивар), но и наративите и приказните на жените кои се најчесто изоставани од историите па дури и од анегдотите како рамноправни чинители - Гешоска колку и да сака да зачекори во својата навика да дава, и да ја сподели заслугата со своите колеги, своето пошироко семејство: треба и мора одважно и гордо да ја прифати како своја - и со тој чин ќе утврди една многу важна историја, валидација на историја, која нашироко се верува дека е резервирана на дипломатските маси за преговори. На посебна, важна култура, со свои посебности, и со тоа има право да бара и да сонува за повеќе. Во добро друштво Доколку на момент застанеме и го разрешиме убедувањето дека „престижно друштво“ и „елита“ не е категорија која е морално сомнителна, туку таа позиција е заработена, со макотрпна работа, визионерство, талент, и често одрекувања, дури и казнувања, клуб чија влезница некогаш се наплаќа и со животот, тогаш ќе дозволиме без грижа на совест да се гордееме со статусот кој го стекна Гешоска. Меѓу впечатливата листа на добитници на медалот Гете, неколку имиња се врежани во колективната свест со својот глобален углед и придонес. - Светлана Алексиевич белоруска новинарка и нобеловка за литература, беше одликувана со Гете медалата во признание на нејзината длабока посветеност на раскажувањето на приказните на обични луѓе заплеткани во вихорот на големите историски настани. - Давид Гросман, израелски писател, е уште еден лауреат, чии дела, преведени на над дваесетина јазици, подлабоко ги истражуваат темите на љубовта, тагата и политичката поделбеност, нудејќи пријателска рака над границите на суштествувањето. -Амартија Кумар Сен индиски економист и Нобелов лауреат, ја доби медалата за неговото тело на работа што ги разгледува идеите на правдата, економската нееднаквост и демократијата. Неговиот придонес трансцендира академските кругови, пружајќи прониклив увид во начините на кои културата и развојот се пресекуваат. - Пина Бауш, германска танчерка и хореографка, чиј иновативен работен стил и перформативна изразност ги отворила вратите за нови форми на изразување во танцот, се смета за пионер во современиот танц. Нејзиното влијание продолжува да инспирира танчери и хореографи низ целиот свет. Познати лауреати на медалјата Гете од Балканот и нивното културно наследство Меѓу добитниците на медалот Гете, се издвојуваат и неколку забележителни личности од поранешната Југославија и Балканот, чии придонеси во културата и науката ги прејдоа границите на нивните татковини. Една од таквите личности е Перо Слијепчевиќ, професор и литературен критичар од Хрватска. Како добитник на Гете медалот, на Слијепчевиќ му беше оддадено признание за неговите визионерски трудови во преведувањето и проучувањето на германската книжевност во Југославија. Зденко Шкреб, истакнат хрватски германист, тероетичар на книжевноста и универзитетски професор, исто така беше добитник на медалјата Гете. Неговите објави и истражувања во областа на германската книжевност и филозофија значително придонесоа кон разбирањето и споделувањето на германската култура во широк круг на читатели, академици, студенти во поранешна Југославија. Вредно е уште да се споменат и придонесите на Камила Луцерна, која како учена од Австрија се смета за значаен мост меѓу германската и јужнословенските култури. Нејзините дела и активности како преведувач и културен посредник, значајно придонесоа кон културното поврзување и размена. Овие лауреати на медалот Гете од поранешна Југославија и Балканот ја симболизираат важноста на меѓукултурниот дијалог и размена. Нивните трудови и ангажмани не само што го надминуваат јазичното и културното различност, туку и продолжуваат да инспирираат нови генерации на уметници, културни делувачи и научници, коишто градат мостови на разбирање и заедничките вредности меѓу различните култури и народи по цел свет. Нивните достигнувања сведочат за бескрајните можности на културната кооперација и моќта на книжевноста и уметноста да ги надминат границите и да ги поврзат луѓето. И покрај многубројните аргументи кои често ме искушувале токму по ова прашање, сепак, единственото нешто во кое верувам е заедницата на споделени идеи, визии, акции, реакции и креативни конфронтации. Верувам во политиките на споделеност и органско заедништво кое создава простори на постојано еманципирање низ критичко (себе)преиспитување. Верувам дека општествените динамики можат да бидат поттикнувачки и отворени само преку слободната размена на храбри индивидуи, кои успеваат да ја сочуваат својата автономија здружувајќи се и создавајќи силни и вибрантни платформи на солидарност и на единство на различностите. А најмногу верувам во тоа дека никој не може сам да чекори по патот ниту пак дека може сам да создаде каквао било вредносно јадро. Токму затоа, без двоумење, велам дека ова признание не е за мене, туку за сите нас. За сите кои заеднички сме чекореле низ предизвикувачките социо-културни Сцили и Харибди, без да ставиме восок во ушите. Јас не сум ништо без сите вас. И токму затоа, ви благодарам за сите заеднички битки, за сите заеднички приказни, за сите заеднички исчекори и обиди да направиме разлика, да не се втолпиме, и постојано да бидеме будни и спремни да се спротиставиме на секој кој ќе посегне и ќе сака да ја загрози автономијата во општеството, во културата, во естетските и етичките хоризонти. Гете медалот за 2024 година го доби Македонија. Тој ни припаѓа на сите. - Искра Гешоска. Церемонијата за доделување на медалите ќе се одржи на 28 август, на роденденот на Гете, во Вајмар, во соработка со кунстшествената фестивалот во Вајмар. Овој настан нe само што слави постигнувањата на овогодинешните добитници на медалот, туку и нуди мост за културна соработка и дијалог меѓу различни културни и уметнички сцени од целиот свет.
- Соло проектот Мирко Попов Квартет со нов сингл “Дијагноза”
Мирко Попов Квартет излезе со нов сингл – Дијагноза. Синглот се чини дека е епилог или фуснота на медиумската галама која се случи кога на митинг на локалните избори после драматична пауза констатираше „Скопје е...дијагноза„ и со тоа медиумите, често мрзеливи, во елаборирањето или едноставно пишувањето на приказни – се закачија за моментот кој отскокна од старите уморни фрази, и ги покачи пулсовите, и со тоа ги нахрани сеирџиските кучиња. Мирко Попов самиот вели дека не е изверзиран во новата технологија и дека има отпор кон дигиталната ера, но доколку тоа навистина е така е вистинска штета: со излегувањето на синглот Дијагноза покажува талент и смисла за контрола на наративот, и не му се дава така лесно. Оние кои се „маркетиншки генијалци„ обично преку хумор ги превртуваат контроверзните моменти наопаку, и со исмејување ја празнат гневната енергија. Но реконтекстуализирањето на елемeнт кој е извор на препирки, и реапроприација во посакувано значење е нешто повеќе од само маркетиншки трик - тоа бара креативност и талент. Го видовме Кање Вест пред една деценија како позира нагрнат со расистичкото конфедерациско знаме а потоа носеше и јакна со знаменце на ракавот: „Реагирајте како сакате секоја енергија е добра енергија. Знамето на Конфедерацијата на некој начин го претставуваше ропството. Тоа е моето апстрактно мислење за она што го знам за тоа, нели? Па, ја напишав песната „Нови робови“. Па, го зедов знамето на Конфедерацијата и го направив мое знаме. Сега е мое знаме!“ Но повеќе од само насловот кој може да се гледа како јадица, оваа електро трака е песна за Скопје, лајтмотивот на Мирко Попов кој е поставен наспроти „Македонија„(или „Македониа„) во не само неговото творештво туку и јавен дискурс кој се провелкува од интервјуа, па и низ коментари по социјалните медиуми. Тој сонува за Скопје во сите свои несовршености, „ Живееш во град во мојот град Соништа во кал Не е град во омраз шал Околу вратот мал„ како Њујорк, Лондон, како прогресивен, урбан интелектуален елемент, наспроти регресивната, назадна, емотивна, ако не и инстинктивна конзервативна, националистичка „Маќедонијa”. Оваа дихотомија поставена среде амбиција да се придвижи Македонија од општество кое е комично во својата немоќ кон средина која е во најмала рака достоинствена. Всушност се сеќаваме на Мирко на своите 20+ години во 90-тите, како кажува на камерата (ова во кулминацијата на транзициската Македонија, и завоениот Балкан) дека има голема доза на оптимизам, дека ќе пораснеме во општество во кое се надеваме. Една деценија подоцна, ПМГ стана од колектив во бенд, и дебитираше со „Скопјанка„ во 2007-ма (кога дел од Скопје во еуфорија ја потпевнуваше во тие денови, а слушавме анегдоти од типот „Татко ми ме праша дали ја слушнав Скопјанка„) и до ден денес, го нема напуштено Скопје како мотив на текстовите, инспирација, креативна опсесија која според него преоѓа во патологија, во дијагноза. Мирко Попов стана современ, музички, Данило Коцевски, само што скопската хроника на Мирко не е во бележење историографии, туку носталгијата се чита преку музиката и текстовите: лесно може да се слее Дијагноза во Атомик од Блонди, или во било која електро, електро/клеш, рок, поп мелодија од скопските подиуми во бесконечните журки на нашите животи.
- Мирко Попов: Градот ме тера да плачам
Во пресрет на "Градот ме тера да пеам" и "Крај Вардарот Џез" (повеќе за фестивалите деновиве), Мирко сосема отворено ранлив со зборови на охрабрување среде околности кои се упорно тешки, заморни, сурови... самиот пркос е чин на бунтовништво. Но, небитно што ние имаме да кажеме, Мирко најубаво ќе ви раскаже за неговото утро, после децении. "Се вратив едно утро дома скроз накресан се разбира :) и ја пуштив оваа музика (компилација) да преслушам што тоа кажува јубилејното 200-тото издание на ПМГ Рекордингс. Така фино откачен, совладан од нежна утринска емоција, слушам неверојатно добра музика и плачам и плачам... и плачам. Плачам од возбуда колку се убави овие песни; плачам од морничавоста на сознанието за нашиот опстанок среде оваа македонска коруптивна жабокречина; плачам од што сум педесет годишна будала која 30 години го прави истово ова: живее од денес за утре и ги собира најубавите песни за да им ги понуди на гладните, жедните и незаинтересираните. Плачам заради привилегијата да го живеам својот сон. Но, тоа е сон за кој сами се изборивме. Го изборивме поради тоа што бевме воспитани, образовани, култивирани, бестрашни и убави. Ова е приказна за убавите деца на овој град... убавите деца на оваа земја. Ги има многу, ама живеат опкружени со купишта омраза, простотилак и игнорантност. Тоа се деца кои имаат 20, 30, 50, 70 години... сосем небитно колку години имаат. Нивната понуда е конструктивна идеја. Основа да се изгради подобар град, подобар свет, пред се за нас самите. Најпрво во мојата глава, а сега и во реалноста, ПМГ Рекордингс е запис за современата Македонска музичка култура. Пример за убавината која во себе ја носи овој чуден народ кој се задоволува со премалку. Темел (подрум:) за изградба на едно попродуховено денес и утре. Континуитет кој го предизвукува гласното, динамично малцинство на културолошки пресврт. Искрена понуда. Вројатно надеж. Не знам навистина. Тука сме, слободни да твориме свои песни на својот јазик, свои згради, свои патишта кон сонцето кое великодушно ни ги милува глупавите глави. Таа слобода треба да се искористи. Без страв. Слобода е кога човек не се плаши. Предлагам да не се плашиме од промената на подобро.
- Мирко Попов: пет нешта од 2022
Како минува времето, ги вртам фокусот и енергијата се повнатре кон себе и сето тоа во функција на завршување на неверојатниот број обврски кои буквално само се напластуваат со возраста. Без разлика дали е тоа некоја од многуте креативни активности кои главно ги работам бесплатно, или пак се однесува на секојдневни работни и приватни обврски, моето внимание е се помалку свртено кон надворешни дразби, како туѓа музика, уметност, движења, што и да е. Веројатно со годините имам натрупано информации во себе кои тивко вријат и раѓаат некој вид “мој“ резултат, но претпоставувам и дека несвесно, со дигитална брзина, перцепирам се што ќе ми фатат сензорите. Ова е мојот обид за 5 нешта од 2022 за Дива. 1. Преокупиран сум со минувањето на времето и промените, но и анахроностите кои тоа ги носи. Во 2022 ги следев изблиците на носталгија кај симпатично досадните постари екипи, но и обратниот процес: потценувањето на минатото и презирот кон него од страна на помладите. Динамиката и судирот на носталгијата и промена беа движечка сила во мојот креативен процес, поточно духовното милје за новиот ПМГ Колектив албум, десетти по ред, кој се надевам ќе започнеме да го работиме во 2023. Ми се чини дека долго се подготвувам за него. 2. Во 2022, многу размислував и за флоскулите како идентитет, традиција... Всушност не се флоскули, тоа се синоними за трансцедентно постоење во времето и просторот и не му припаѓаат на минатото, туку на сегашноста. Под притисок од популарната мисконцепција дека тие нешта му припаѓаат на минатото, а инспириран музичките авантури со мојот друг бенд Кантон6, составив еден филм, кој се занимава токму со оваа проблематика. Се надевам дека во 2023 ќе успеам да соберам доволно самоувереност да го објавам. 3. 2022 за мене испадна година на јубилеи. Отсекогаш сум гледал крајно скептично на јубилеите и нивната (зло)употреба. Сепак, имав неколку извонредни настани на кои сериозно прокомуницирав со луѓето во мојата средина и сфатив дека тие нешта се всушност самите скалила кои ме носат на следниот стадиум од себеприфаќањето. Нешто што еден 50 годишник кој работи во главно младинска култура мора да го избалансира во главата како процес. 4. Презадоволен сум од дванаесеттото издание на ПМГ Рекордингс Фестивалот, годишна инкарнација и став на мојата дискографска куќа во просторот. Дали беше сон, амбиција, или предизвик, мислам дека успеав да го постигнам пред се за себе, но и за средината во која си замислувам дека градам култура. 200тотото издание на ПМГ Рекордингс, компилацијата “Градот ме тера да пеам“ е инкарнација на стремежите на едно дете од Скопје со развиена фантазија. Толку добро се чувствувам околу тоа, што би земал одмор во 2023. А нема :) 5. #Дијагноза
- Поткаст лектира: Мирко Попов
И ете не́ на ваков ден, тежок, емотивен, со шок кој одѕвонува во ушите, кој заглушува, полека се помируваме со фактот кој звучи неверојатно: дека со смисла на конечност треба да правиме резимирања и да ставаме точки, да го заокружуваме креативниот опус на Мирко кој се чини од друга страна дека е бесконечен, и кој ќе бара експертско знаење да биде целосен и приближно до точен. Затоа ќе почнеме со поткастите каде што поради нивниот формат, Мирко имаше простор да се опушти и раскомоти и да ни даде шанса да го запознаеме и поинтимно. На 15-ти април, 2022 гостуваше во „Парк шема“ со Андреј Игњатовски и Петар Марковиќ каде јасно заблескува она за кое се зборува во тагувањето - пасијата кон музиката, почитта и одговорноста која ја негуваше кон помладите генерации, и љубовта која потцртуваше се́ што правеше: Мирко во Celebrate life поткастот со Индог ја отворија годината, „ го разбиваме и митот на Порано беше боље 🧐 103јка и начинот на размислување. Слободата во општеството и дискриминацијата, комплетната подиумска автономна слободна зона во Метропол и носењето на градот во прогрес. Иднината и нај новиот културен центар во Скопје Лабораториум каде што во петок на 5ти јануари со Мирко по повод промоција на #celebratelifepodcast ќе пуштаме заедно плочи. 🥳“ Во Амок радио имаше редовен сет, но гостуваше/соработуваше и на/со Microdosing со Galatheia каде имаа PMG recording showcase Не́ опушти и почасти со дневно матине во МКЦ со концерт: ...но и со опуштена вечерна Амок сесија: Wax preservation society: Градот убав - Мирко со сет пред 26 јули гаражата, пред галерија од графити: Но најдовме и поткасти чиј автор е самиот тој, но се музички и со тоа сосема соодветни - тоа е јазикот кој најмногу го сакаше, и инсистираше дека имплицитно содржи од идеи до идеологии. На битолската „Не ја конзумирај културата - креирај нова!“ Мирко со уште еден музичи поткаст насловен како „ЧОВЕК СО 615ЈСЕТ ЛИЦА“ И пред пар недели, дојде во Јадро на муабет со Брза Кучка:
- „До небото замок“: Музички филм на Мирко Попов
„Последниве години, моите чил-after hour афери главно го поминувам сам, во дневната соба од станот каде што пораснав, гледајќи низ прозорецот и разговарајќи со духови. David Bovie, Milan Mladenović, мајка ми, а и татко ми. Не дека ми кажуваат нешто особено, ама тука се за муабет. Другарски ми ја олеснуваат иманентната трансгресија од малецок јас, до замокот на небо што е“
- Будимка Поповска: „Посветено на Мирко Попов, чијашто музика ќе остане засекогаш да ми го разигрува срцето...“
Протор, време и душа Посветено на Мирко Попов, чијашто музика ќе остане засекогаш да ми го разигрува срцето... Пред некој ден замина на оној свет. Од овој свет. Велат дека кога ќе се најдеш на страшниот суд, (такво е преданието и да, се базира на верување), значи, ќе ти биде поставено само едно прашање: Ме сакаш ли? Наводно, прашањето ќе го постави Господ. Нема душевадник, нема хамартолошко сметководство. Самите се казнуваме кога не сме во состојба на љубов, сфатена како петиот елемент на постоењето. Но нели е оксиморон или поскоро, контрадикција ин адјекто, судот да се става во иста равенка со љубовта? Епа ете, тука сме. Во една бајковита и слоевита земја. Во која лицемерието е на врвот на скалата на сакани/несакани вредности. Кога е подобро да се молчи, и да се биде постојано во комфор зоната на добриот изговор за немањето храброст. Можеби и тоа е подобро отколку само вербалното витештво. Како и да е, колку повеќе се зголемува бројот на погребените и иселените, а се намалува бројот на новородени, сѐ повеќе станува јасно дека животот е крајно индивидуална работа – и како што вели главното начело на макробиотиката – за да биде успешна исхраната и да има добри резултати, треба да се јаде храната од поднебјето каде што се живее. Глобалната макроекономска политика во последниве неколку децении направи сѐ што можело да се направи за да биде овој принцип невозможноа мисија. Освен можеби во Пакистан или во Индија, на Хималаи или на Хаваи. Остатокот од светот ќе јаде ГМО домати како прилог а главното јадење ќе се печати од тродимензионален печатач, во вид на говедски бифтек или крап или пилешки крилца, во зависност од наредбата што ќе ѝ се даде на вештачката месарска интелигенција вградена во малата пластична кутија со моќ да печати шницли. Тоа што се однесува до телото. Има ли уште нешто? Оди ли нешто во пакет со распадливиот спој на елементи што коа еднаш ќе се спуштат под земја, секој од нив му се враќа на својот извор – водата во океаните, здивот во етерот, земјата станува пепел, а огнот едноставно се гаси. Човек живее толку колку што гори огнот во неговото срце. Од таму љубовта, од таму страста, и од таму жедта за убавина и знаење. Паметна хемија. Четирите - пет елементи од кои е составено сѐ што постои во моментот на раѓањето се појавуваат во овој свет како индивидуален, оригинален и неповторлив жив спој во вид на човечко суштество...Исто како што во мигот на смртта, елементите се разијдуваат: секој на своја страна и толку од холограмското присуство на неповторливиот матичен број на планетава. А за време на престојот овде, останува и понатаму една од најголемите загатки ever – дали софверот е во хардверот или хардверот е во софтверот? Наводно, не е душата во телото туку телото е во душата. Како, како? Значи ако ја замислиме душата како меур од сапуница, телото е прашинката проземена од хелиум којашто за да може да дише во меурот, мора да има белодробни крилја во телото во кои кислородот прави оган во срцето слично како кога ќе заборавиш да ја затвориш плинската боца и било каква искра може да предизвика експлозија и пожар... можеби не сосема така, но ајде да речеме... животот е горење. Ако телото ѝ се враќа на земјата ashes to ashes, каде оди душата? Ако огнот во еден миг се изгасил и човекот престанал да дише, не значи дека некаде таму не постои место каде што огнот никогаш не згаснува (веројатно од таму идејата за факелот на олимпијадите), барем во тоа сме сигурни. Дека јадрото на планетата земја е вжештена магма којашто повремено знае да избие на површината на земјата во вид на вулканска лава. Така како што со дишењето човечкото тело ја претвора материјата (краставичките, спанаќот и киселото млеко) во енергија и таа енерија го прави да биде жив и здрав, слично на локомотива и парен котел. И како од сите тие прекомплицирани материјални предуслови потребни за да постои човек со име и презиме, којшто ќе оди по улица или ќе вози велосипед, ќе пишува домашно и ќе седи на тротоар и ќе свири гитара да дојдеме до ситуацијата некој да влезе во концертна сала и да ја употреби својата животна сила за да им го одземе животот на други слични на него луѓе? Постои една многу интересна мапа за толкување на постоењето – според која ова ниво на коешто сме сега е сфера на Дуализам – има добро и зло, топло и ладно, убаво и грдо и т.н., и аналогно на тоа или за да е полесно да се сфати - има Вистински Бог и тој не е во овој свет, и има лажен Бог и целиот заеб е што тој е тука. Ние живееме во неговиот свет. Со телото сме во овој свет, а папочната врвка на душата е поврзана со другиот свет. Во моментот на смртта телото му се враќа на овоземниот бог, а душата - на оноземниот, оној што живее на третото небо, сметајќи од доле кон горе. И колку и да алудира прикаската со дуализмот на бесконечност опции во понатамошниот развој на ситуацијата, ние во овој живот сме се паднале да живееме на територија на ортодоксно христијанство – а според принципите на макробиотската исхрана за да се биде здрав, нели треба да се јаде само она што расте во близина на телото, (а што е со номадите?) па така, можно е дека не постои поубава и со поголем капацитет за утеха религија освен таа срочена во симболот на православната вера – каде што се вели дека погонот на издржливоста или моќта на човекот да ги издржи сите зла и апсурди на коишто ќе налета во овој свет, е во духот кој може да гледа од обратната песрспектива. И со тој поглед, со таа глетка да издржи (најмногу што може) и да го дочека воскресението од мртвите кога повторно ќе бидат заедно сите што се сакале пред да бидат разделени со смртта. Надеж.
- Виолета Качакова: ЗА МИРКО ПОПОВ
Тешко ми е денеска да ги најдам вистинските зборови за да можам барем малку да Ви го доближам, и му оддадам почит на Мирко Попов, мојата љубов, партнер и најдобар другар. Треба да се напише книга за да се доближи неговиот лик и дело, како вистинска движечка тридецениска сила на македонската култура, идентитет и урбано Скопје. Мирко сакаше сам да ја напише оваа книга, но, не како негова биографија, туку, како запис и сведоштво за секое движење, мисла и акција, кое придонесуваше во градењето на еден урбан и поубав свет, земја и град. Мирко Попов е бастионот на урбано Скопје. Не е случајна оваа симболика. Ми раскажуваше дека кога бил мал, но доволно голем да препознае и сака култура, многу се грижел дали во средината во која се родил и живее постои таа урбана култура. Онаа култура која допирала до него преку музиката и грамофонските плочи, кои можеле да се купуваат во Скопје, и кои уште од 8 годишна возраст се фокус на неговиот интерес. Но, и централа тема на преговори со родителите да му го купат новиот албум на „Duran Duran“ или на „Yazoo“, кој мајка му го донела од службен пат. Во таа средина, „Бастион“ е бендот кој кога првпат го слушнал му дал верба и надеж дека имаме урбано и модерно Скопје и дека се ќе биде во ред. Како негов личен омаж кон значењето и симболиката на „Бастион“, Мирко во 2007 го издава албумот компилација „WORKS & REWORKS BASTION“. На него освен оригиналните песни од бендот, ги собира музичарите од тогашниот нов скопски и македонски музики бран и секој од нив обработува по една песна од бендот. Љубовта на Мирко кон музиката и македонската урбаната култура се развива уште како дете преку радиото и редовно слушање на програмите на Радио Скопје, примајќи ја културата визионерски најавена од Шпато, Пејовски, Џамбазов, Костов, па се до денешна плејада композитори, музичари и творци. Со голема жар и решеност уште од раните 90-ти години на минатиот век, ја почнува својата културна дејност како диџеј, радиски водител и уредник на Канал 103, како придвижувач и креатор на електронската клупска музика сцена, организатор на бројни музики настани и фестивали. Во ‘98 ја активира „ПМГ Рекордингс“ која денес со неколку специјализирани подлејблови за џез, електронска и современа музика има повеќе од 300 изданија. Ќе го потенцирам ова уште еднаш, 300 ИЗДАНИЈА МАКЕДОНСКА МУЗИКА ОД МАКЕДОНСКИ АВТОРИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК. Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет, кој освен како издавач го негува и чува идентитетот и како автор, композитор и изведувач на музика, преку работата во неговите бендови „ПМГ Колектив“, „Кантон6“ и „Македониде кру“. Неговиот жар за знаење, образование, и голема љубов кон пријателите и најблиските преточени како систем вредности се присутни во бројните текстови, песни, стихови, рецензии, колумни, интервјуа како и во двете книги на кои е автор „Монографијата: 20 Години те сакам“ и „Розевата планета“. Љубовта кон историјата и градење на подобро општество се наследство од неговиот татко, а Мирко бескрајно ја сакаше и ценеше македонската култура и историја и се обидуваше да го сочува и му даде нов живот на оној специфичен наш автохтон бит, како во неговата оригинална форма, така и во негов нов современ израз. Тоа е особено видливо во неговата работа со бендот „Кантон6“. Во овој контекст, сакам да го споменам и проектот „Распеани Валандовчани“, кој со невиден жар го иницираше и го започнаа заедно со ансамблот и Владан Дробицки. Значаен омаж на неговото семејство и културата на градот Валандово, кој во чест на Мирко ни останува да го завршиме и да го издадеме веќе снимениот материјал на винил. Толку многу се радуваше на секое издание и е главен виновник за веќе 13 изданија на македонска музика на ВИНИЛ. Пред некој ден ми збореше колку многу ги сака овие винил изданија, дотолку, што би можел да го прави само тоа. Во рака го имам и последниот винил на ПМГ Рекордингс - ПОП Култура, кој дава пресек на најмладата македонска поп сцена на музички автори. Повеќе: Петок во Лабораториум - ПОП: современата поп продукција од млади македонски музичари. Ако Југославија го имаше „Пакет Аранжман“ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го има новиот бран на поп музика на компилацијата ПОП Култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините кои што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а ние во негова чест ќе ја направиме овој петок во Лабораториум. А Младите, тие прекрасни паметни убави суштества со бистар ум, космоплитиски став и поглед кој допира далеку. Овој град и земја е среќна што има низа генерации прогресивни млади и секоја од нив прави пукнатина во ѕидот на стравот и заостанатоста, и ја исполнува со светлина. Мирко континуирано креираше простори за младите, особено на оние кои создаваат музиката. Еден куп изданија, концерти, клупски вечери, слушачки промоции, фестивали... од кои веќе 13 години „Земјотрес“ како единствена смотра на најрецентната младинска музичка култура. Човек од 51 година кој не се задоволуваше неговото влијание да биде само во форма на наследство, пример и мотивација. Тој неуморно и постојано работеше тој процеп и простор за младите да постои и функционира во сите поволни и неповолни ситуации, кои ги носи македонското општество и култура. И секогаш ми велеше: „Слушај мораме да комуницираме и да се дружиме со младите, зошто само така вистински ќе знаеме каде оди светот и ние ќе останеме млади. Со голема љубов ја започнавме платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ и Мирко преку неа ме запозна и ми го доближи светот на најновата генерација креативни и прекрасни млади умови, кои создаваат нова култура и музика, денес. Толку многу ги сакаше сите и се радуваше дека го градат оној град во кој тој веруваше. А јас сум благодарна што тие го препознаа искрениот жар и отворениот простор од страна на Мирко и му вратија со љубов и убава соработка назад. Млади, Не застануваме! ШТО МИ ОСТАВИ МЕНЕ МИРКО ПОПОВ Безвременска мултиверузмска љубов која ќе ме исполнува и ќе ми дава сила да бидам тоа што сум и да верувам во себе. Или како што се вели во песната The Perfect Kiss на еден од нашите омилени бендови New Order – I know, you know, we believe in the lend of love. Да се гледам со очите со кои тој ме гледаше - достоинствена, силна и непокорна пред сите предизвици. Ми остави едно големо и прекрасно семејство полно со љубов, вистински другари и пријатели, кои многу не сакаат и со кои и низ добро и лошо секогаш ќе бидеме заедно, и две најубави во свет деца кои ќе ги сакам и чувам додека сум жива, како да се мои. Ми остави мисла и збор дека мора да одам напред и да го правам сето она што заедно го правевме досега и во што верувавме. Денес се збогуваме со еден свет. Денес се збогуваме со еден град придвижуван од витешката сила на Мирко, кој неуморно создаваше урбани простори и култура со сите пријатели и соработници кои веруваа во тоа. Но како ФЕНИКС - симболот на Центар, место во кое Мирко живееше и често со гордост го споменуваше – ОВОЈ ГРАД И СВЕТ, Денес повторно се раѓа. Затоа, од денес, Одговорност на секој еден од нас е да веруваме во подобро утре, како Мирко што веруваше, и да градиме поубав свет за нас и нашите деца, исполнет со музика и култура. И најважно од се, да продолжиме да се забавуваме и да бидеме среќни. Како и самиот што вели во една од песните на албумот ПМГ Колектив Скопје. „Среќен – научи на бидеш Среќен“ На крај би го споменала „До небото замок“ албум, кој со ПМГ Колектив го издаде во 2019 година и кој претставува негова многу интимна музичка приказна за себе и своите блиски. Омотот на албумот е горниот дел од неизградената црквата „Константин и Елена“ во центарот на градот, која многу му се допаѓаше, и која го носи името на татко му и неговата тетка. Песната која си ја посвети на себе вели „Ме вика Мирко, смртен си плен, пушти ме играм, уште е ден“. За Мирко и за самите себе ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ИГРАМЕ! 24.03.2024 Виолета Качакова
- Констракта на Агеласт
Доколку ви треба контекст, стандардно интелигентен муабет на овој поткаст - без да ве смори, и на крај излезете од него енергизирани - Агеласт е секогаш добра идеја, независно од гостите. А Констракта, беше неочекувана содржина како за на Евровизија посебно од балканските земји…што има да каже во фотофиншот пред Евровизија, овде:
- Забавната страна на лингвистиката и јазикот!
Хрватскиот поткаст „ Блиски средби од јазичен вид“ почнал откако на филологот Томаш Гај му пукнал филмот! Од својатање, портарството(gatekeeping) и натурање на авторитети, кои живата и комплексна природа на јазикот ја гушеле со кабинетската лингвистика! Томаш е преведувач од англиски и германски на хрватски(и обратно) а неговата ко-водителка Ања Лорданиќ Мустаќ од Задар(исто така филолог и преведувач но од англиски и италијански) го отпочнале поткастот и со тоа вгостиле лепеза на разновидни професионалци, и непрофесионалци со уште поразновидни теми: бајки, пцости, уредување и лекторирање на романи, за хуморот во корелација со депресијата, пелтечењето, растењето со глувонеми родители и учење на јазикот на тој начин - можеме вака до утре - тие започнале за време на пандемијата а веќе имаат уснимено над 150 поткасти! Ги има на сите поткаст платформи(освен јутјуб), овде избравме некои кои нѝ изгледаат како теми кои би биле интересни и за оние што не слушале поткасти нешто особено ако и воопшто! Добар апетит и уживајте!
- It's a Pixie Podcast со нова епизода како најава за новиот албум Doggerel
"Замислете дека сте член на рок бенд. Бенд толку влијателен што вашата работа создаде сосема нов жанр. Жанр кој ја дефинираше современата музика за цела генерација слушатели. Потоа, замислете дека и покрај извонредните критики и популарни признанија, вашиот бенд се распадна. Замислете дека исчезнувањето на вашиот бенд всушност ја зголеми неговата легендарност и влијание до тој степен што популарната побарувачка ве принуди да се обедините. И по 13 години пауза, вашиот бенд стана попопуларен од кога било досега. Сега замислете, 14 години по враќањето на сцената, повторно сте во студио и снимате нов албум, за да го надградите вашето наследство и да го заземете вашето место во првите редови на жанрот што го создадовте. Замислете - вие сте член - на Pixies.„ - ова беше трејлерот во 2019 на поткастот на Pixies кои издадоа поткаст серија It's a Pixie Podcast со кој го документираа снимањето на тогашниот албум Beneath the Eyrie. Тогаш го најавата беше „Поткаст серијата од 12 продолжетоци, водена и раскажана од бестселер авторот на Њујорк Тајмс, Тони Флечер. „Its a Pixies Podcast“ го документира создавањето на нивниот нов албум „Beneath the Eyrie“ во студијата на Дримленд во близина на Вудсток,а Тони Флечер ја открива нивната приказна. Преку секојдневни разговори и форензичко испитување на нивното минато, Тони открива дека нивната креативна амбиција и нагон остануваат релевантни - и чудни - како и секогаш. Серијата е достапна на сите поткаст платформи на глобално ниво, вклучувајќи ги: Apple, Spotify, Deezer и Stitcher.“ Сега како излегоа со нов сингл There's a Moon On тоа го направија напоредно со поткаст епизода.













