Изложба на Ѓорѓе Јовановиќ во Музејот на град Скопје
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 18 hours ago
- 4 min read
Приказни што се одмотуваат: уметност, текст и невидливи животи во Музејот на град Скопје

На 20 ноември, во 20:00 часот, Музејот на град Скопје ќе се отвори за „Приказни од маргините“, најновиот мултимедијален проект на Ѓорѓе Јовановиќ, уметник кој одамна го артикулира грчот на нашата епоха преку јазикот на инсталацијата, документот и гестот. Изложбата е најавена како хибрид: комбинација од кратки раскази напишани од седум автори од регионот и визуелни секвенци анимирани од Јовановиќ. Овој мост меѓу литературата и уметноста не служи само како формален експеримент; тој создава патека кон невидливите животи кои го носат товарот на секојдневието, но ретко се појавуваат во културниот фокус. Тоа зборува за храброста и одважноста на оваа генерација културњаци, а во исто време не се зборува за таа калкулирана молчаливост во најлош случај, или за недостаток на волја да се загази и залута во ,,длабокото”.
Концептот на изложбата е едноставен во конструкцијата, но богат во импликациите. „Маргината“ овде не е географска, просторна одредница, туку еден подвижен ментален простор, зона во која се сместуваат оние приказни што не стануваат носечки. Инсталациите функционираат како мали апарати за слушање: свитоци што се одмотуваат под тежината на допирот, анимации што го оживуваат текстот, цртежи што се разлеваат како графички дневници. Посетителот не е само гледач; тој е оној што активира, што го „пали“ наративот, што ја доведува приказната до живот.

Во својот кураторски текст, Јовановиќ говори за маргините како места на нестабилност простори каде што политиките се кршат, каде што економијата произведува тивки загуби, каде што општествените неправди стануваат навика. Но тој додава и нешто важно: маргината е исто така место каде што растат алтернативни форми на заедништво, начини на грижа што центарот едноставно не ги препознава.
Интеракцијата меѓу текстот и визуелниот материјал создава полифонија. Расказите се тивки, често интимни; анимациите се решени во суптилни тонови, како да не сакаат да ја нарушат деликатноста на приказните. Темите што се обработуваат прекарност, тивка сиромаштија, невидлива бездомност, квир-осаменост, граѓански ранливости, еколошки ерозии се преплетуваат во еден трагикомичен регистар, блиску до документарната поезија.

Роден во 1980 година, Јовановиќ веќе две децении е фигура чија практика го спојува антрополошкото со ликовното. Често употребува хумор, но не за да ја разигра темата туку за да пробие простор за размислување. Неговите проекти постојано тестираат како уметноста може да стане медиум за општествена интеракција, а не само за естетско доживување.
Последните години ги обележа со изложби како „Bitter Sugar“ во МСУ (2023), „Chocolate Drops“ во Виена (2018) и радио-интервенцијата „Радио Слободно Скопје“ (2015–16). Уметник кој истражува, но и гради терен: член е на неколку колективи, соработува со независни иницијативи и знае да ja претвори уметничката сцена во заеднички проект, а не во поле на индивидуални подвизи.

Изложбата се потпира на седум кратки раскази секој со своја меморија и свое микрокосмичко согледување на маргината.
Стефан Алијевиќ (Македонија)
Млад автор, остроок, со јазик што го познава урбаниот хабитус. Во изложбата се присутни неговите „Одбивање“ и „Одрон“ текстови кои се занимаваат со институционалното молчење и со колективната амнезија, но преку ликови што дишат, страдаат, се надеваат.
Николина Андова Шопова (Македонија)
Нејзиниот расказ „9:15“ функционира како фотографија фатена во движење: момент што го обележува животот на жена што работи како чистачка, фрагмент што се претвора во метафора за повторувањето, тивкоста и уморот што ретко допираат до јавната свест.

Петар Андоновски (Македонија)
Автор кој одамна ја отвори темата на телото, стравот и другиот. „Покана за дејт“ е кратка, но силна интервенција во романтичниот мит: приказна за двајца аутсајдери кои не успеваат да ја „слушнат“ љубовта што ја посакуваат.
Румена Бужаровска (Северна Македонија)
Нејзините раскази одамна функционираат како рендген на општеството. Во „Пловење по Дунав“ реката е наративен канал: носи луѓе, носи тајни, носи општествени талози. Во анимацијата, сино-зелените тонови се движат како да го симулираат текот на времето.
Георги Господинов (Бугарија)
„Задоцнетиот подарок“ е прецизна, нежно иронична приказна мал есеј за долговите, пропуштените моменти и сентиментот што ги опкружува „малите животи“. Господинов е автор што знае да го претвори секојдневието во метафизичка опсервација.
Теа Тулиќ (Хрватска)
„Вила Тибериа“ отвора митологија од модерна перспектива. Напуштената куќа крај морето станува приемник на уловени гласови, резервоар на сеќавања, простор што ги впива трагите на изгубените.

Интерактивниот формат е главната иновација на овој проект. Посетителите не седат и гледаат; тие влегуваат во мали темни простории, одмотуваат хартија, го следат линискиот тек на цртежот, како да читаат стрип кој се движи. Во овој процес, расказите добиваат трета димензија: боја, светлина, звук.
Тоновите се внимателно избрани: жолтата светлина на „9:15“ што потсетува на автобуски утрини; студената сина на Дунав; црвените пробиви на Господинов; пастелната тивкост на Тулиќ. Ништо не е случајно. Секој расказ има свое микросценографско дишење.
Во време кога културните институции често се обидуваат да го репродуцираат познатото, „Приказни од маргините“ нуди нешто спротивно: документарен хибрид што го опфаќа регионот како органска целина.

Фактот што автори од Македонија, Бугарија и Хрватска настапуваат во заеднички фронт во една изложба зборува за нешто потивко и поважно: дека маргините се глобален јазик. Секое општество ги има своите невидливи, своите „тишини“, своите исклучени. Но овде тие гласови се враќаат, видливи, движејќи се низ простор на уметничка грижа.
На 20 ноември, во Музејот на град Скопје, ќе започне уште едно мало движење кон видливост. Јовановиќ и неговите соработници ќе нè поведат низ темните улици, пристаништата, скриените ходници и напуштените куќи што ја сочинуваат сенката на општеството. Нивната порака е едноставна, а сепак неопходна: ако сакаме поинаква реалност, мора прво да ги слушнеме оние кои најчесто се тешко чујни.

