Кластер – изложба на Иван Ивановски во КИЦ Скопје: уметност за телото, толпата и губење на „јас“
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Jul 14
- 2 min read
Изложба на Иван Ивановски
🗓 17 јули 2025, 20:00
📍 КИЦ – Скопје, Продажен салон

„Толпата не е ниту сума, ниту збир. Таа е орган што пулсира надвор од границите на поединецот.“
Во новата изложба на Иван Ивановски, Кластер, телата не се само присутни — тие се војска, структура, наговестување. Претставени преку слики, скулптури и цртежи, тие стануваат јазични единици на една поширока, визуелна синтакса: составен говор на масата, ехо на колективното искуство.
Во времиња на вишок од присуства и дигитална гужва, Ивановски не се враќа на поединецот за утеха — тој влегува во толпата. Кластер е проект што ја истражува психолошката, социолошката и политичката драма на групата, без да го банализира. Терминот, преземен од технолошкиот речник, овде добива меко, но интензивно значење: како пулсирачка единица на акумулација, како телесна густина без центар, како хоризонтален нервен систем.
Она што е највознемирувачко — а воедно и најнежно — е начинот на кој Ивановски го прикажува исчезнувањето на „јас“: не како загуба, туку како мутација.
Од Мезанин до _cracy
Иванов Ивановски не е нов во трасирање на граничните зони меѓу личното и колективното. Од неговите анимирани филмови до издавачката работа, па се до наградените скулптури во Градскиот парк, тој постојано се движи низ граници: медиумски, политички, емотивни. Кластер делува како кулминација на таа практика — кондензирана, прецизна, но отворена за толкување.

Иван Ивановски (1983) е мултимедијален уметник од Скопје. Дипломира вајарство на ФЛУ – Скопје (2008), а магистрира режија на Академијата Ф.А.М.У. во Чешка (2014). Моментално е на постдипломски студии по културологија. Работи скулптури, цртежи, инсталации, видео и анимација, со фокус на теми како телото, колективното и психосоцијалната динамика.
Зад себе има над 28 самостојни изложби низ Македонија и интернационално (Белград, Њујорк, Гуанџоу, Берлин…), како и бројни групни настапи. Добитник е на наградата „Денес“ за млад ликовен уметник (2014), а јавноста го препознава и како автор на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк – Скопје.
Ивановски има реализирано и повеќе анимирани филмови прикажани и наградувани на фестивали, и е автор на неколку уметнички книги и изданија. Неговата работа се движи низ различни медиуми, но останува доследна на ангажираниот и експериментален израз.
Comments