Куќата од мали коцки – тивка анимација за сеќавањата, времето и загубата
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 7 days ago
- 2 min read
Наградуваниот анимиран краток филм „Куќата од мали коцки“ на Кунио Като е бездијалошка, поетска медитација за стареењето, сеќавањата и животот што потонува слој по слој.

„Куќата од мали коцки“ (The House of Small Cubes )е мал, тивок, речиси невидлив филм ако не му пријдеш со забавено дишење како да приоѓаш на пеперутка или диво животно. Нема дијалог, нема објаснување, нема потреба да се „разбере“, само да се остане со него некое време, како со стара фотографија пронајдена меѓу страници на книга.
Што ќе видиме кога ќе се приближиме? Куќа што расте нагоре бидејќи водата непрестајно расте. Старец кој додава нов кат секогаш кога сегашниот ќе стане неупотреблив. Секој кат е сегашноста, секое нурнување е во минатото. Просторите што веќе не можат да се живеат не исчезнуваат, тие само тонат. Под водата остануваат маси, чаши, детски чекори, нечии очи. Архитектурата тука не е функционална, туку мемориска. Куќата е тело. Водата е време.
Филмот трае дванаесетина минути, но се чувствува како еден долг внатрешен монолог што никогаш не бил изговорен. Визуелниот јазик на Като е намерно кревок: линии што не се сигурни во себе, бои што личат на сеќавање пред да избледи. Нема спектакл, туку упорна, тврдоглава тишина. Токму таа тишина ја носи емоционалната тежина.
Куриозитет што вреди да се знае: филмот ја доби наградата Оскар за најдобар краток анимиран филм во 2009 година – редок момент кога нешто толку интимно и антиспектакуларно влезе во центарот на глобалната сцена. Кунио Като, дотогаш релативно маргинален автор, остана верен на својот минималистички, речиси зин-естетски пристап и по овој успех. Ниту го „објасни“ филмот, ниту го претвори во платформа за големи пораки.
Често се чита како алегорија за климатските промени, но филмот одбива да биде заклучен во еден кат. Може да се чита како филм за стареењето, за губењето, за прилагодувањето, за животот што продолжува и кога не изгледа логично да продолжи. Или едноставно за тоа како ги складираме спомените: не во главата, туку во просториите што веќе не ги користиме.

Зошто да се гледа?
Затоа што The House of Small Cubes не бара ништо од гледачот, освен внимание, присутност. Затоа што нè потсетува дека минатото не е зад нас, туку под нас. Дека се раѓаме во иднината секој ден. И затоа што во култура што постојано бара гласност и став, овој филм избира нешто порадикално: тивка, упорна емпатија.





Comments