Лери Дејвид: Мојата вечера со Адолф
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Apr 22
- 3 min read
Бил Мар беше критикуван за неговите пофалби кон актуелниот американски претседател, велејќи дека кога се сретнал со него, сметал дека лидерот е „љубезен“ и „самосвесен“. „Сè што некогаш не ми се допаѓало кај него беше – се колнам во Бога – отсутно, барем таа вечер со овој човек“, рече тој во една епизода од неговото шоу „Real Time“.
21 април 2025
Од Лери Дејвид

Замислете колку бев изненаден, кога пролетта 1939 година на мојата адреса пристигна писмо со покана за вечера во Старата канцеларија со најомразениот човек на светот, Адолф Хитлер. Бев гласен критичар на неговите постапки на радио уште од самиот почеток, прилично точно предвидувајќи што сѐ ќе направи на патот кон диктатура.
Никој што го познавав не ме охрабри да одам. „Тој е Хитлер. Тој е чудовиште.“ Но, на крајот заклучив дека омразата не води никаде. Знаев дека не можам да ги сменам неговите ставови, но треба да разговараме со другата страна – дури и ако таа извршила инвазија и анектирала други земји и направила неописливи злосторства против човештвото.
Две недели подоцна, се најдов на предните скали на Старата канцеларија и бев воведен во раскошен салон, каде што беа собрани неколку од најгласните поддржувачи на Фирерот: Химлер, Геринг, Лени Рифенштал и Војводата од Виндзор, поранешен крал Едвард VIII. Разговаравме за некои од прекрасните уметнички дела на ѕидовите што биле земени од домовите на Евреите. Но, нашиот разговор нагло заврши кога слушнавме гласни чекори како доаѓаат по ходникот. Сите се вкочанија кога Хитлер влезе во собата.
Носеше костум во беж боја со лента со свастика на раката и ми упати ентузијастички поздрав што ме затекна неподготвен. Искрено, беше потопол поздрав дури од оној што вообичаено го добивам од моите родители, и беше придружен со тапкање по грбот. Целата ситуација ми делуваше прилично разоружувачки. Се пошегував дека сум изненаден што го гледам во беж костум, бидејќи ако излезе така облечен, тоа би било сфатено како не-фирерски. Тоа бескрајно го забавуваше, и сфатив дека никогаш порано не сум го видел како се смее. Одеднаш изгледаше толку хумано. Еве ме, подготвен да се сретнам со Хитлер, оној што го имав видено и слушнато – јавниот Хитлер.

Но, овој приватен Хитлер беше сосема друга ѕверка. И чудно, овој изгледаше поавтентичен, како ова да е вистинскиот Хитлер. Од целата ситуација ми се вртеше во главата.
Рече дека умира од глад и нè одведе во трпезаријата, каде ме покани да седнам до него. Геринг веднаш зграпчи парче ‘пумперникел’, на што Хитлер се сврте кон мене, преврте со очите, па шепна: „Гледај. Ќе заврши со целиот оброк пред ти да каснеш двапати.“ Тоа навистина ме насмеа. Геринг, со полна уста, праша што е толку смешно, а Хитлер рече: „Само му раскажував за оној пат кога кучето ми имаше дијареа во Рајхстагот.“ Геринг се сети. Како можеше да заборави? Ја обожаваше таа приказна, особено делот каде Хитлер го застрелал кучето пред да се врати во автомобилот. Потоа, блескајќи од радост, Хитлер рече: „Еј, ако можам да убивам Евреи, Роми и хомосексуалци, сигурно можам да убијам и куче!“ Тоа можеби предизвика најголема смеа таа вечер – и верувајте ми, имаше многу смеење.
Но, не беше само еднонасочна улица, каде Фирерот доминираше во разговорот. Беше прилично љубопитен и ми постави многу прашања за мене. Му кажав дека штотуку поминав низ брутален раскин со девојка ми, бидејќи секогаш кога одев некаде без неа, таа инсистираше да ѝ раскажам сè што сум зборувал. Не можам да поднесам да морам да го паметам секој детал од секој разговор. Хитлер рече дека може да се поистовети – и тој го мразел тоа. „Што сум јас, секретарка?“ Ме советуваше дека е најдобро да немам повеќе контакт со неа, инаку ќе се вратам точно каде што почнав и на крајот ќе морам да поминам низ сето тоа повторно. Реков дека сигурно е лесно за диктатор да помине низ раскин. Тој рече: „Ќе се изненадиш. Сè уште имам чувства.“ Хмм… сè уште има чувства. Тоа навистина ме допре. Сепак, не сме толку различни. Помислив дека кога само светот би можел да ја види оваа негова страна, луѓето можеби би имале сосема поинакво мислење.
Два часа подоцна, вечерата заврши, и Фирерот ме испрати до вратата. „Многу ми е мило што те запознав. Се надевам дека повеќе не сум чудовиштето што мислеше дека сум.“ „Морам да кажам, мој Фиреру, многу сум благодарен што дојдов. Иако не се согласуваме за многу прашања, тоа не значи дека мораме да се мразиме.“ И со тоа, му упатив нацистички поздрав и излегов во ноќта.
Лери Дејвид е комичар, писател и актер.
Comments