top of page

ОФФЕСТ - откажан!




После исклучително тешките пандемиски години, за културњаците, тие наместо на спасувачки брод наидуваат на дополнителен шок: Министерството за култура годинава се чини ја извлече и последната нишка стабилност од тлото на оние кои го чуваат оганот на македонската култура од згаснување. Па така, ОФФЕСТ дојде до веројатно тешка одлука: да го откаже (про)летниот фестивал, кој вообичаено го означуваше почетокот на таа културна сезона. Скопскиот џез фестивал вели, без да се воздржува:


,,Доделените милион денари за ОФФест на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата, скратени за половина од минатогодишната сума, не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на ОФФест (предвиден од 7 до 10 јуни) како (повеќедневен) фестивал. За жал, по 21-годишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор.



Немаме намера да поднесуваме жалба до второстепената комисија и да се изложуваме на натамошни понижувања, кои и со поддршката често ги имавме со Министерството за култура во изминатите години. Лани, на пример, вложивме жалба на 1 март, ОФФест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата (се разбира негативен) добивме на 19 септември. Ние знаеме дека на овој конкурс имаме приложено исклучително квалитетни апликации и дека средствата што биле на располагање во оваа дејност не биле намалени во споредба со минатата година.



Немаме намера да ја коментираме Годишната програма, која, според Законот за култура, ја донесе министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, ниту пак да се впуштаме во некакви споредбени анализи. Тоа е наполно бесмислено сè додека квантитетот на одобрените проекти е замена за оценката што е, а што не е, национален интерес во културата, според критериуми и квалитет, со конечно напуштање на популизмот и антиевропските политики во културата, присутни во Годишната програма.



Од третманот на ОФФест, како и на есенскиот Скопски џез фестивал, кому, исто така, му се скратени средствата (за тоа во друга прилика), од актуелната министерка за култура веројатно не треба да бидеме изненадени. Особено ако ја имаме на ум нејзината изјава дека културните проекти во иднина ќе мора да водат повеќе сметка за својот „забавен карактер“. Во што ОФФест и Скопскиот џез фестивал очигледно тешко се вклопуваат.



Но, не е наше да се бавиме со ликот и делото на министерката, заробени во скафандер, и со нејзиното педигре во културата. Се знае чија должност е тоа.



Се разбира, еден министер за култура не мора да знае сè. Ништо - не е опција. Партијата, во улога на Господ, тука не може да помогне. Ако во конкретниот случај на министерката не ѝ се познати долгогодишниот програмски растеж и континуираниот висок квалитет на фестивалите како ОФФест и Скопскиот џез фестивал, јасно признаени кај нас, а уште повеќе во светот, има за тоа на дофат опсежни материјали во самото Министерство, како дел од апликациите по годишните конкурси и програмските и финансиски извештаи.



На ОФФест му останува пријатната обврска да го реализира, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, четиригодишниот проект „Sounds of Europe”, поддржан од Европската Унија (преку програмата „Креативна Европа“). Овој проект, меѓу другото, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на бројни европски сцени."



Министерството за култура, пак од своја страна, ја објаснува и оправдува својата стратегија на распределување на парите со следниот резон:


Комисиите кои одлучуваа по пријавите по дејности, останаа доследни на принципите: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за  ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост“




Comentários


bottom of page