Избран добитникот на XIX награда ДЕНЕС 2025: нов бран во македонската млада визуелна сцена
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 1 hour ago
- 3 min read
Избран добитникот на XIX награда ДЕНЕС 2025: нови практики, нови гласови

Во неделата, во просторот на Националната галерија – Чифте амам, беше соопштен добитникот на деветнаесеттото издание на наградата ДЕНЕС – единствената национална награда посветена на млади визуелни уметници до 35 години во Северна Македонија. Отворањето на изложбата на финалистите, проследено со објавувањето на лауреатите, уште еднаш покажа дека оваа награда е важен показател за развојот на локалната сцена и за новите генерации уметници кои ја туркаат практиката нанапред.
Овогодишниот процес го организираше Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во соработка со меѓународната мрежа YVAA, резиденциската програма Residency Unlimited (RU) во Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding. Со дваесет и две години континуитет, ДЕНЕС одамна е повеќе од награда – тоа е структура што ги поврзува младите автори со меѓународни институции, резиденции и образовни програми кои отвораат нови перспективи во нивната уметничка работа.
Жири-комисијата годинава беше составена од:
Хитоми Ивасаки, поранешна кураторка и директорка во Queens Museum, а денес во Фондацијата Исаму Ногучи, Њујорк;
Рона Копецки, кураторка и историчарка на уметност и уметничка директорка на галеријата acb во Будимпешта, ко-основачка на платформата Easttopics;
и Ѓорѓи Десподов, мултидисциплинарен уметник кој живее во Хаг и добитник на наградата ДЕНЕС 2023.
По увидот во делата и презентациите на финалистите, жирито се одлучи за тројца автори чијашто практика јасно се издвојува во различни насоки. Главната награда ДЕНЕС 2025 му беше доделена на Крсто Глигорјадис, кој во 2026 година ќе оствари двомесечна резиденција во Residency Unlimited во Њујорк. Мила Добревска е добитничка на едномесечен резиденцијален престој во Галеријата „Простор“ на „Културен хаб Хрватска“ во Сплит, придружен со самостојна изложба во истиот простор. Наташа Неделкова, пак, ќе ја реализира својата самостојна изложба во Северна Македонија во 2026 година, како дел од програмата на наградата.
Од своето основање во 2002 година, а официјално прво доделување во 2003, наградата ја има задачата да им отвори простор на младите автори да ја продлабочат својата уметничка практика, да се поврзат со меѓународната сцена и да изградат професионална самостојност. Покрај резиденциите, програмата вклучува и учество во специјалниот едукативен процес „Совршениот уметник“, средби со интернационалното жири и продукција на ново дело за финалната изложба.
Преку годините, ДЕНЕС ја обликуваше локалната уметничка мапа; меѓу нејзините добитници се имиња како ОПА, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Елена Чемерска, Славица Јанешлиева и други автори кои денес се дел од пошироката регионална и европска сцена.
Како жирито ги прочита годинешните практики?

За делото на Крсто Глигорјадис, жирито го истакна неговото истражување на машкоста, траумата и ритуалот – области во кои телото се појавува како место и на распаѓање и на обновување. Според жирито, неговата „кореографија на дезинтеграција“ нуди можност да се размислува за ослободување од веќе познатите идентитетски рамки, третирајќи го телото како екосистем што може да компостира штетни наративи.
Работата на Мила Добревска, посебно нејзината посветеност на мозаикот како редок, но богат медиум во современата продукција, беше оценета како практика што заслужува историски и материјален контекст каков што нуди Далмација. Сплит, со своето римско наследство, претставува природна средина каде нејзината чувствителност кон материјалот може да се развие понатаму.
Во практиката на Наташа Неделкова, жирито ја препозна теоретската длабочина и концептуалната комплексност, особено во нејзините истражувања за алгоритамската слика, маските, менталните состојби и отпорот кон капиталистичките режими на исцрпеност. На авторката ѝ беше препорачано дополнително да ги зајакне презентациските вештини со цел богатството на проектите да биде уште повидливо и комуникабилно.
Биографиите зад наградените практики

Крсто Глигорјадис (1996, Скопје) е мултидисциплинарен автор чија практика се движи меѓу ритуалот, телото и бунтот. Делата како „Де(конструкција) на машкоста“, „Панталоните“ и „Здолништето на татко ми“ отвораат простори за кревкост, отпор и колективно исцелување. Добитник е на наградата QUEER MAKEDONIUM 2025, а неговите настапи се препознатливи по емоционалниот интензитет и телесната симболика.
Мила Добревска (1999) работи на пресекот на сликарството, мозаикот, текстилот и скулптурата. Во нејзината практика, фигурата се појавува како симбол на емотивни и идентитетски слоеви. Изложувала на биеналето на современ мозаик во Равена, Paratissima во Торино, во Националната галерија во Скопје и бројни регионот. Добитничка е на наградата Paolina Brugnatelli (2022).
Наташа Неделкова (1993, Скопје) делува помеѓу филмските студии, новите медиуми и современата уметност. Студирала во Скопје, Лион и Париз, каде моментално е докторска кандидатка на Универзитетот Париз 8. Нејзините истражувања се фокусирани на перформативноста на алгоритамските слики и на кризите на саморепрезентацијата во документарниот филм. Учествувала на Manifesta 14, Биеналето на млади во МСУ Скопје, GMK Загреб и Zeta Gallery во Тирана.
Паралелна изложба: „Сè што незабележливо ползи“ на Ивана Самандова
Вечерта беше збогатена со отворањето на самостојната изложба на Ивана Самандова, добитничка на наградата за самостојна изложба во рамки на ДЕНЕС 2024. „Сè што незабележливо ползи“ ја продолжува нејзината линија на внимателно набљудување на маргиналните, кревки процеси на секојдневието – работа што детално го слуша тивкото и неприметливото.
Двете изложби се отворени за публиката до 13 декември во Чифте амам.
Фотографија: Наташа Гелева;





Comments