top of page

Сем Алтман заврши во Мicrosoft

Стив Џобс (Steve Jobs), воден од неговата генијалност и неговата храброст, го измисли iPhone-от и го претвори Apple во највредната компанија во светот. Беше бескомпромисен, поголем од животот и незаменлив. Неговиот живот ја создаваше иднината, која ќе беше исполнета со уреди контролирани од нивните корисници.



Сем Алтман (Sam Altman) ја помина последната година преземајќи ја одговорноста на г-дин Џобс како претприемачот на Силиконската долина кој е задолжен за иднината. Тоа е најголемата работна позиција во Силиконската долина, а сега и најтешката. Бидејќи се́ повеќе луѓе се загрижени дека ќе бидат контролирани наместо да имаат контрола, иднината е набабрена од опасност.



До петокот, г-дин Алтман беше главен извршен директор на OpenAI, доминантната компанија за вештачка интелигенција. Тој ветил дека В.И. ќе го воведе првото златно доба на човештвото, иако доаѓа од истиот вид на пронаоѓачи кои мислеа дека постои пазар за тостери поврзани на интернет.

Нејасните, но огромни амбиции на г-дин Алтман го доведоа во неволја со одборот на OpenAI, кој рече дека тој „не бил конзистетно отворен“ во неговите комуникации и го отпушти. Ова ја шокираше Силиконската долина, која направи сè освен да маршира до седиштето на компанијата во Сан Франциско со вили и факели, за да побара враќање на г-дин Алтман. Иднината е апстрактна, но беа загрозени сериозни суми на пари.


Обидот за враќање на позицијата очигледно не успеа - ова е тековна сага - но последните неколку дена ги продлабочи паралелите со г-дин Џобс, кој беше маргинализиран од бордот на Apple во 1985 година. Apple се колебаше, а г. Џобс не беше баш примерен работник. Тој ја напушти компанијата на која беше основач и индустријата за персонални компјутери за која се залагаше.


Единаесет години подоцна, кога Apple беше во уште полоша состојба, Џобс се врати. Тоа беше најголемиот втор чин во американската бизнис историја.

Apple сега вреди 3 трилиони долари.


Кариерата на г-дин Џобс, кој почина во 2011 година, на основачите на технологијата им е примамлива, но можеби невозможна споредба. Има многу клишеа за Силиконската долина за кои Силиконската долина сака да верува дека се вистинити, вклучително и „Не се работи за парите“ како и „Движи се брзо и крши работи“ и „Тројца луѓе работат на нешто во гаража, што ќе биде следниот Google“.


Едно од најупорните клишеа е она на визионерскиот основач - извршниот директор кој може да допре до иднината, да откине дел и да го направи нешто што масите го обожаваат. Направете го ова правилно и вашата компанија ќе вреди трилион долари. Направете го тоа погрешно и имате прескап тостер.


Легендата за визионерскиот основач не започна со г-дин Џобс, но тој ја турна на ново ниво. „Изгледаше дека можеше да види малку подалеку од хоризонтот кога другите луѓе не можеа да видат подалеку од крајот на нивниот нос“, Мајкл Мориц, историчар на Apple кој подоцна стана прептриемач на ризичен капитал, изјави за Њујорк Тајмс во 1985 година.


Тоа беше опис што самиот г-дин Џобс го прифати. „Некои луѓе велат: „Дајте им го на клиентите она што го сакаат“, рече тој во една од најцитираните изјави. „Но, тоа не е мојот пристап. Наша работа е да откриеме што тие ќе го сакаат пред да знаат што е тоа“.


Г-дин Џобс направи тоа да изгледа лесно.Мал уред што содржи илјада песни? Продадено. Но, дури и со нешто толку едноставно за разбирање како самоуправувачките автомобили, не е сосема јасно што луѓето ќе засакаат.


Додека г-дин Алтман неуспешно преговараше во неделата да си ја врати работата, беше објавена оставката на Кајл Фогт како главен извршен директор на Cruise, одделот за самоуправувачки автомобили на General Motors. Неговото заминување беше поттикнато од кошмарниот редослед на настани минатиот месец, кога една жена во Сан Франциско, која штотуку беше жртва на удар од кола, кога возачот избега, потоа беше прегазена од Cruise робо-такси. Лиценцата на Cruise за работа во Калифорнија беше суспендирана по несреќата.


Г-дин Фогт беше ко-основач на Cruise, кој General Motors го купи во 2016 година и беше главен архитект на неговиот успех во некогаш популарното поле на автономни старт-апи. Неговите напори сега се пречка, што го направи неговото напуштање неизбежно. Застапниците за само-возење можат да тврдат дека многу повеќе луѓе се повредени од човечки возачи отколку од автономни возила, но има нешто длабоко вознемирувачко во автомобил кој се чини дека се одметнал.


Г-дин Фогт беше заменет со двајца инсајдери на Г.М. , еден од нив генерален советник на компанијата. Тоа прати остра порака: ова не е момент за визионерски лидери.



И покрај сета немилосрдна егзалтација на г-дин Алтман во текот на викендот, екстравагантните тврдења што ги изнесоа тој и неговите поранешни колеги од OpenAI на крајот ќе имаат свој момент за пресметка. В.И. „Ќе биде најголемата сила која ќе доведе до економско зајакнување и до збогатување на многу луѓе што некогаш сме ја виделе“,рече тој во февруари.

Луѓето ќе прашаат: Кој поточно ќе се збогатува? Дали го сакаме ова?


Пред една верзија на ChatGPT да биде објавена во јавноста пред една година, г-дин Алтман беше во голема мера непознат надвор од Силиконската долина. Тој беше полу-успешен претприемач кој раководеше со Y Combinator, инкубаторот за стартапи. Таму научил дека превирањата секогаш се кријат под перспективна нова компанија. „Стартапите одвнатре се секогаш во голема мера искршени," рече тој.


Алтман имаше углед на далаверџија. Тој напиша на неговиот блог во 2017 година дека се чувствува поудобно да разговара за контроверзните идеи во комунистички Пекинг отколку во либералниот Сан Франциско.


Можеби мислеше на времето во 2015 година кога на конференција рече дека „В.И. најверојатно ќе го доведе крајот на светот, но во меѓувреме, ќе има одлични компании“.

Дали на луѓето во светот ќе им ги скенираат очите во замена за понекоја лажна валута и нејасни ветувања дека нивните мрежници ќе бидат искористени, некако, некогаш, од некого, за да помогнат во докажувањето дека тие навистина постојат? Тоа беше еден од страничните облози на г-дин Алтман, воведени летово. Дури и кога беше исмејувано, тој изјави дека „ние особено ги сакаме нашите порекнувачи, ни дава енергија, ве молиме продолжете со омразата!“

Стотици вработени во OpenAI во понеделникот потпишаа писмо со барање за враќање на г-дин Алтман. Во петокот таа беше една од најважните компании во Силиконската долина; во понеделник наутро, повеќето нејзини вработени се заканувале дека ќе дадат отказ. Г-дин Алтман е визионерскиот основач кој може да ги спаси, и OpenAI, а можеби и целото човештво.

Овој наратив за суперхеројот е тајниот мотор на речиси секоја книга што ја сакаат претприемачите од Силиконската долина. Тревис Каланик, основач на Uber, беше приврзаник на Ајн Ранд, чии херои се во војна со општеството. Џеф Безос, основачот на Амазон, беше љубител на „Ѕвездени патеки“ од детството, каде што капетанот Кирк ја носеше секоја одлука и ја презеде одговорноста за секоја екскурзија. Питер Тиел, капиталист кој го поддржа Доналд Џ. Трамп во 2016 година, го сака „Господарот на прстените“, епска приказна каде што неколку херои го спасуваат светот. Корпоративните имиња на г-дин Тил (Палантир, Митрил, Валар) се преземени од таа приказна.

Г-дин Алтман, по негова заслуга, застана позади широк список на книги, кој оди подалеку од книгите напишани од неговите пријатели во Силиконската долина, како г-дин Тил. Тој препорача уште еден фаворит за Долината, научно-фантастичната серија „Фондацијата“ на Исак Асимов, која зборува за тоа како еден харизматичен и дарежлив свештеник и неговите главно машки соработници можат да спасат баш секого, во овој случај 25 милиони планети.



Но, патот да се стане вистински Гандалф или капетан Пикард е преполн со опасност.

Елизабет Холмс од Теранос се моделирала по г-дин Џобс. Кога не можеше да успее со својата технологија за тестирање на крвта, да профункционира, таа едноставно се преправаше дека е функционална. Адам Нојман вети дека повторно ќе го измисли канцелариското искуство со WeWork. Таа прогласи банкрот пред две недели, иако г-дин Нојман успеа да се збогати. Сем Банкмен-Фрид, светлата надеж на криптовалута, ќе биде осуден во март за измама. Илон Маск не му помогна на својот углед или на својата банкарската сметка со купувањето на Twitter, сега наречен X.


За г-дин Алтман, изминатиов викенд можеби беше личен врв. После сите муабети дека В.И. ќе презема работни места, тој одеднаш стана единствената суштинска личност во целата технологија. Во објава на X од Ерик Шмит, поранешниот главен извршен директор на Google, долови дел од расположението без разлика што Google е во жестока конкуренција со OpenAI:

„Сем Алтман е мој херој. Тој изгради компанија од ништо до 90 милијарди долари во вредност и го промени нашиот колективен свет засекогаш. Едвај чекам да видам што ќе прави следно. Јас, и милијарди луѓе, ќе имаме корист од неговата идна работна позиција - тоа ќе биде едноставно неверојатно“.

Ова е пофалба на ниво на Џобс. Можеби мудро, г-дин Алтман ги отфрли сите понуди што ги доби за да го финансира својот следен старт-ап. Microsoft, најголемиот инвеститор во OpenAI, објави доцна во неделата дека Алтман ќе дојде таму. Сега ќе работи за други.


Дејвид Стрејтфилд пишува за технологијата и нејзините ефекти веќе 20 години. Во 2013 година тој беше дел од тимот што ја доби Пулицеровата награда за објаснувачко новинарство. Повеќе за Дејвид Стрејтфилд.

Comments


bottom of page