top of page

Најголемите пропалици во филмската индустрија: „Островот на д-р Моро“



Херберт Џорџ Велс е еден од пионерите на жанрот научна фантастика. Исто како својот главен лик во „Островот на д-р Моро“ Едвард Прендик тој бил вљубеник во биологијата и еден од неговите професори на Ројал Колеџ бил Т.Х. Хаксли, дедо на друг познат писател на научна фантастика, Олдос Хаксли. Тој прв ги сковал зборовите „временска машина“ и „патување во времето“, меѓу првите зборува за генетичко инженерство, вонземјани, марсовци и прв пат спомнува ласерски пиштол. Многу од неговите дела се адаптирани во филмови. Меѓу нив се „The Time Machine“, „The invisible man“ и „War of the Worlds“ за кој освен филм, своевремено филмскиот маг Орсон Велс направи и радиодрама која предизвикала паника меѓу слушателите, кои верувале дека вистински се случува инвазија на марсовци. Во „Островот на д-р Моро“ Велс зборува за генетичко инженерство односно ликот на д-р Моро креира хуманоиди од животни со вивисекција. Во позадина лежи алузија на деградацијата на човештвото и напуштање на патот на разумот и враќање кон бруталните анималистички карактеристики, како и критика на експериментирањето со животни и суровоста кон животните. Моралната дилема дали човекот треба да глуми Бог, т.е. дали науката може да ја замени природата во создавањето и дали треба, и каде е рамнотежата помеѓу научниот прогрес и етичкото однесување.




„Островот на д-р Моро“ доживеа три екранизации, во 1932, 1977 и 1996.

Верзијата од 1932 со изменет наслов „Островот на изгубените души“ била контроверзна и долго време забранета да се прикажува во неколку земји и никогаш не е прикажана на британска телевизија поради алузиите на вивисекција и на секс на хуманоидите со луѓе. Во неа првпат е воведен женски лик, жената-пантер, нешто што ќе го искористат и други две идни верзии. Kathleen Burke била избрана да ја глуми жената-пантер во натпревар на кој се пријавиле 60.0000 жени. Легендарниот Бела Лугоси бил избран да го глуми кажувачот на законот дури откако започнало снимањето и тој ја прифатил улогата затоа што прогласил банкрот. Авторот на книгата, Велс воопшто не бил задоволен од оваа филмска адаптација и мислел дека на сметка на инсистирање на хорор се запоставени филозофските аспекти од книгата.




Верзијата од 1977 е повторен обид, но и повторно промашување. Покрај темпото, како замерка може да се земе и начинот на кој се користени вистински животни и грижата за безбедноста на актерите во сцените во кои се борат со диви животни.


Верзијата од 1996 била направена на 100 годишнината од објавувањето на романот, но ја пропуштил шансата соодветно да му оддаде чест на легендарното дело на Велс и наместо тоа остана запаметен како едно големо фијаско во Холивуд. Првичниот режисер Richard Stanley (режисер на култниот пост-апокалиптичен сајбер-панк филм Хардвер со многу индастриал музика и со Иги Поп како водител) не можел да ги држи работите под контрола за време на снимањето и избегал во џунглата откако бил отпуштен. Потоа се вратил и го гледал снимањето од блиску носејќи маска на еден од луѓето-животни.




Ќерката на Марлон Брандо се самоубила само што започнало снимањето и не се знаело дали тој воопшто ќе дојде. Кога дошол одбивал да го научи својот текст и постојано ја омаловажувал продукцијата. Вал Килмер бил во конфликт со Брандо, со кој биле во натпревар на тоа кој има поголемо его. Марлон Брандо бил критикуван заради претераната ексцентричност со која го глуми ликот на д-р Моро, т.е. неговото лице е покриено со бела пудра и носи кофа за мраз на главата. Тој исто така инсистирал во филмот да биде вклучен еден мал деформиран човек додавајќи на целата конфузија на филмот. Тој се појавува во секоја сцена во која е Брандо со исти костими, што подоцна е инспирација за „Мини-Јас“ во Остин Пауерс.



Брандо во д-р Моро го канализира полковник Курц од „Апокалипса сега“ и двата ликови се преставени како ексцентрични лидери на култ кои ги поместуваат границите на доброто и злото со голема доза на мистерија. И двата филмови можат да се споредат по големите проблеми со продукцијата (на снимањето на „Апокалипса сега“ имало невреме, Мартин Шин добил срцев удар, и кршење на правата на животните) со тоа што за разлика од „Островот на д-р Моро“, „Апокалипса сега“ доживеал успех и останал како антологиски филм во историјата. Брус Вилис требало да го глуми д-р Монтгомери, но откажал заради разводот со Деми Мур. Во исто време и жената на неговата замена, Вал Килмер, побарала развод. Други незгоди кои се случиле биле: куќата на мајката на Richard Stanley била погодена од гром три пати, веднаш по започнувањето на снимањето дошол ураган кој ги уништил филмските сетови, бродот во кој биле транспортирани дивите животни биле фатени во ураганот и Richard Stanley бил помочан од пума, обидувајќи се да ги спаси. Fairuza Bulk која ја глуми Аиса се обидела да избега од снимањето но била вратена од аеродром.



John Frankenheimer бил донесен на сет како замена за Richard Stanley, но тој не успеал да го спаси филмот. Иако го опишуваат како најлошиот филм направен некогаш, „Островот на д-р Моро“ не е најлош, но сепак може да се забележи дека нешто не е во ред. Филмот комерцијално не успеа, но хаосот на неговото снимање и уникатната естетика придонесоа за тоа тој да остане запаметен како пример за „фијаско.“ Во документарниот филм „Lost Soul: The Doomed Journey of Richard Stanley's Island of Dr. Moreau“ дополнително е претставен како една од најсуровите илустрации на разликата помеѓу амбициозната визија на еден автор и реалноста на Холивуд. Иронично, филмот успеа да ја илустрира деградацијата и лудилото што Велс го предвидел во романот – само што наместо во неговата фиктивна дистопија, тие се појавуваат на самиот филмски сет.



Лени Гелева, фотограф , е една од најважните имиња во современата македонска фотографија и важен глас на домашниот визуелен идентитет. Има работено на филмови, десетици групни и самостојни изложби, во последните две децении. Таа е страстен филмски фан, која се прелева во филмската критика. 

留言


bottom of page