Маалска архива: работилница за приказните што градот ги памети, но не ги запишува
- 4 minutes ago
- 2 min read
Во Паркот на Франкофонија на 10 и 11 јуни ќе се одржи дводневна работилница за креативно пишување со Марија Бошковска, посветена на маалските легенди, исчезнатите простори и невидливите градски приказни.

Секој град има свои неофицијални хроничари. Луѓе што паметат каде била старата продавница, кој живеел во напуштената куќа на аголот, како настанала некоја маалска легенда или што се случувало на клупата под дрвото каде што денес никој не застанува. Тие приказни ретко завршуваат во книги, архиви или музеи. Најчесто остануваат во разговорите меѓу соседи, во случајните средби и во колективната меморија на едно маало.
Токму по тие невидливи траги ќе тргне работилницата „Маалска архива“, дводневна работилница за креативно пишување што ќе се одржи на 10 и 11 јуни во Паркот на Франкофонија.
Под водство на авторката и едукаторка Марија Бошковска, учесниците ќе создаваат фиктивни маалски хроничари инспирирани од реални собирачи на улични приказни, урбани легенди, исчезнати простори и необични локални ликови. Преку читање, набљудување и собирање детали од непосредната околина, ќе се гради заедничка архива во која намерно ќе се мешаат стварноста и фикцијата.
Работилницата е отворена за сите љубопитни, без разлика на претходно искуство со пишување. Потребни се само внимателно око, желба за истражување и подготвеност да се забележи она што најчесто останува на маргините на градската меморија.
Она што ќе се создаде во текот на двата дена нема да остане затворено во рамките на работилницата. Архивата ќе продолжи да живее и по нејзиното завршување, како отворен документ што идните архивари ќе можат да го читаат, дополнуваат и надградуваат со нови приказни.
Работилницата ќе ја води Марија Бошковска, програмска координаторка во КСП Центар – Јадро, која работи како авторка и едукаторка. Во изминатите години развива програми за креативно пишување за деца и млади, а нејзини текстови се објавувани во различни жанрови и изданија, од проза и поезија до книжевни и филмски критики и литература за деца.
„Маалска архива“ ќе се одржи на 10 и 11 јуни, од 17 до 19 часот, во Паркот на Франкофонија.





Comments