top of page

Перформанс Платформа фестивал 2026 помеѓу утопија, тело и заедничка имагинација

  • 2 hours ago
  • 2 min read

Перформанси, танц, работилници и технобурлеска од 1 до 13 јуни во Скопје, во програма што ги истражува телото, задоволството, меморијата и колективната имагинација.

Од 1 до 13 јуни, Скопје повторно станува простор за современи перформативни практики со пролетното издание на Перформанс Платформа фестивал (ППф) 2026, кое низ претстави, работилници, предавања, перформативни прошетки и технобурлеска ќе ги истражува пресеците меѓу задоволството, отпорот, колективноста и политичката имагинација.

Годинашната програма го разгледува перформансот не само како уметничка форма, туку и како простор за создавање заедници, споделување знаење и преосмислување на начините на кои живееме заедно. Во фокусот се телото, сеќавањето, желбата и јавниот простор, како и нивната улога во создавањето нови можности за колективно дејствување.

Фестивалот започна со четиридневната лабораторија „The Pleasure Practice (A Spell for Utopia)” на американската кореографка Лусијана Ачугар, која заедно со уметници и истражувачи од Македонија, регионот и Европа го истражува потенцијалот на танцот како простор на ослободување, ранливост и заедничко создавање.

На 5 јуни во КСП Центар – Јадро, Ачугар ќе го одржи предавањето „Utopia as Practice; Practice as Ritual; and Dance as a Practice of Being in Pleasure“, додека следниот ден ќе води и отворена танцова работилница за професионалци и непрофесионалци.

Еден од поинтересните програмски сегменти е „Амам интернационала – под куполите“ на Синиша Илиќ и Бојан Ѓорѓев, што ќе се одржи на 7 јуни пред остатоците од поранешниот Ѓулчилер/Шенѓул амам. Перформативниот патопис го користи историскиот простор како појдовна точка за размислување за меморијата, архитектурата и можностите за заеднички живот во градот.

На 12 јуни, во Киното во Железничка зграда, словенечката уметница Неја Томшич ќе го изведе „Opium Clippers“, перформанс кој ги поврзува приказните за чајот, опиумот, трговските патишта и колонијалната историја со современите форми на глобална потрошувачка и капитализам.

Завршницата на фестивалот е резервирана за „Крадци на слики“ на словенечкиот колектив The Feminalz, технобурлеска што преку хумор, поп-културни референци и визуелен ексцес ги преиспитува родовите норми, национализмот и медиумски конструираните идентитети. Настанот е ко-програмиран со Викендот на гордоста Скопје и ќе се одржи на 13 јуни во МКЦ.

Перформанс Платформа фестивал 2026 е во организација на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, а кураторка на јунската програма е Биљана Тануровска-Ќулавковски.


Програмата се реализира во соработка со Викенд на гордоста Скопје, Факултетот за драмски уметности, КСП Центар – Јадро, ФРУ, МКЦ и платформата Медуза.

Стани Дивотно

Comments


Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page