Будимка Поповска: „Посветено на Мирко Попов, чијашто музика ќе остане засекогаш да ми го разигрува срцето...“
top of page

Будимка Поповска: „Посветено на Мирко Попов, чијашто музика ќе остане засекогаш да ми го разигрува срцето...“


Протор, време и душа
Посветено на Мирко Попов, чијашто музика ќе остане засекогаш да ми го разигрува срцето...
Пред некој ден замина на оној свет. Од овој свет. Велат дека кога ќе се најдеш на страшниот суд, (такво е преданието и да, се базира на верување), значи, ќе ти биде поставено само едно прашање: Ме сакаш ли? Наводно, прашањето ќе го постави Господ. Нема душевадник, нема хамартолошко сметководство. Самите се казнуваме кога не сме во состојба на љубов, сфатена како петиот елемент на постоењето. Но нели е оксиморон или поскоро, контрадикција ин адјекто, судот да се става во иста равенка со љубовта?


Епа ете, тука сме. Во една бајковита и слоевита земја. Во која лицемерието е на врвот на скалата на сакани/несакани вредности. Кога е подобро да се молчи, и да се биде постојано во комфор зоната на добриот изговор за немањето храброст. Можеби и тоа е подобро отколку само вербалното витештво.
Како и да е, колку повеќе се зголемува бројот на погребените и иселените, а се намалува бројот на новородени, сѐ повеќе станува јасно дека животот е крајно индивидуална работа – и како што вели главното начело на макробиотиката – за да биде успешна исхраната и да има добри резултати, треба да се јаде храната од поднебјето каде што се живее. Глобалната макроекономска политика во последниве неколку децении направи сѐ што можело да се направи за да биде овој принцип невозможноа мисија. Освен можеби во Пакистан или во Индија, на Хималаи или на Хаваи. Остатокот од светот ќе јаде ГМО домати како прилог а главното јадење ќе се печати од тродимензионален печатач, во вид на говедски бифтек или крап или пилешки крилца, во зависност од наредбата што ќе ѝ се даде на вештачката месарска интелигенција вградена во малата пластична кутија со моќ да печати шницли. Тоа што се однесува до телото. Има ли уште нешто? Оди ли нешто во пакет со распадливиот спој на елементи што коа еднаш ќе се спуштат под земја, секој од нив му се враќа на својот извор – водата во океаните, здивот во етерот, земјата станува пепел, а огнот едноставно се гаси. Човек живее толку колку што гори огнот во неговото срце. Од таму љубовта, од таму страста, и од таму жедта за убавина и знаење. Паметна хемија.


Четирите - пет елементи од кои е составено сѐ што постои во моментот на раѓањето се појавуваат во овој свет како индивидуален, оригинален и неповторлив жив спој во вид на човечко суштество...Исто како што во мигот на смртта, елементите се разијдуваат: секој на своја страна и толку од холограмското присуство на неповторливиот матичен број на планетава. А за време на престојот овде, останува и понатаму една од најголемите загатки ever – дали софверот е во хардверот или хардверот е во софтверот? Наводно, не е душата во телото туку телото е во душата. Како, како? Значи ако ја замислиме душата како меур од сапуница, телото е прашинката проземена од хелиум којашто за да може да дише во меурот, мора да има белодробни крилја во телото во кои кислородот прави оган во срцето слично како кога ќе заборавиш да ја затвориш плинската боца и било каква искра може да предизвика експлозија и пожар... можеби не сосема така, но ајде да речеме... животот е горење.
Ако телото ѝ се враќа на земјата ashes to ashes, каде оди душата? Ако огнот во еден миг се изгасил и човекот престанал да дише, не значи дека некаде таму не постои место каде што огнот никогаш не згаснува (веројатно од таму идејата за факелот на олимпијадите), барем во тоа сме сигурни. Дека јадрото на планетата земја е вжештена магма којашто повремено знае да избие на површината на земјата во вид на вулканска лава. Така како што со дишењето човечкото тело ја претвора материјата (краставичките, спанаќот и киселото млеко) во енергија и таа енерија го прави да биде жив и здрав, слично на локомотива и парен котел.
И како од сите тие прекомплицирани материјални предуслови потребни за да постои човек со име и презиме, којшто ќе оди по улица или ќе вози велосипед, ќе пишува домашно и ќе седи на тротоар и ќе свири гитара да дојдеме до ситуацијата некој да влезе во концертна сала и да ја употреби својата животна сила за да им го одземе животот на други слични на него луѓе?
Постои една многу интересна мапа за толкување на постоењето – според која ова ниво на коешто сме сега е сфера на Дуализам – има добро и зло, топло и ладно, убаво и грдо и т.н., и аналогно на тоа или за да е полесно да се сфати - има Вистински Бог и тој не е во овој свет, и има лажен Бог и целиот заеб е што тој е тука. Ние живееме во неговиот свет. Со телото сме во овој свет, а папочната врвка на душата е поврзана со другиот свет. Во моментот на смртта телото му се враќа на овоземниот бог, а душата - на оноземниот, оној што живее на третото небо, сметајќи од доле кон горе. И колку и да алудира прикаската со дуализмот на бесконечност опции во понатамошниот развој на ситуацијата, ние во овој живот сме се паднале да живееме на територија на ортодоксно христијанство – а според принципите на макробиотската исхрана за да се биде здрав, нели треба да се јаде само она што расте во близина на телото, (а што е со номадите?) па така, можно е дека не постои поубава и со поголем капацитет за утеха религија освен таа срочена во симболот на православната вера – каде што се вели дека погонот на издржливоста или моќта на човекот да ги издржи сите зла и апсурди на коишто ќе налета во овој свет, е во духот кој може да гледа од обратната песрспектива. И со тој поглед, со таа глетка да издржи (најмногу што може) и да го дочека воскресението од мртвите кога повторно ќе бидат заедно сите што се сакале пред да бидат разделени со смртта.
Надеж.

bottom of page