Во Салон 19:19 — магијата оживува со „Оки Железо и магичното сечило“ на Елена Бошбож
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 6 days ago
- 1 min read
Во среда, на 22 октомври од 19:19 часот, во Салонот 19:19 при Културно-информативниот центар – Скопје, ќе се одржи промоцијата на детската книга „Оки Железо и магичното сечило“ од младата авторка Елена Бошбож, во издание на „Антолог“. За книгата ќе зборува Ивица Дукоски, а модераторка на настанот ќе биде самата авторка.

Во фантастичниот свет на Бошбож, сончевите моќи се враќаат на земјата преку ликот на човек што ги носи во себе, а кралството Крунски се распаѓа меѓу магии, предавства и борби за престолот. Две кралски ќерки, секоја заробена во свој свет, мораат да изберат меѓу преживување и владеење, додека Токиј Токмак тргнува на потрага што ја преиспитува лојалноста и пријателството.
Приказната отвора прашање што ја надминува жанровската рамка:
Кој кому ја плете судбината — боговите на луѓето, или луѓето на боговите?
Елена Бошбож (1996) е писателка и магистриран професор по англиски јазик и книжевност. Нејзиниот дебитантски роман е првиот дел од епската фантазија Сонцето под земја, кралството над него. Има објавено раскази во The Dark Corner Zine (2020) и Collective Chaos (2024), и е членка на Македонското научно друштво – Битола.





Comments