Добитникот на „Мостови на Струга“, Џерардо Мазучо, се бори со својот идентитет како поет
top of page

Добитникот на „Мостови на Струга“, Џерардо Мазучо, се бори со својот идентитет како поет

„Струшките вечери на поезијата“ се приближуваат со целата нивна помпа, и возбуда што доаѓа со овој фестивал. Оваа година „Златниот венец“ го добива Шунтаро Таникава, поетски и книжевен џин, кој и за време на неговиот живот е јасно дека ќе одолее на заборавот. Но, тука е и наградата „Мостови на Струга“ која е обмислена како контратежа, се доделува на младите поети кои само што ја почнале својата трка, и можеби ќе се вратат еден ден по својот Златен венец. И признавам – токму така се запознав со Џерардо Мазучо, кого го чепкав, па задевав, па дури и се нурнав во она што го работи: амбициозен уредник на млада, двегодишна издавачка куќа Утопија, која во толку кратко време има пораснато не само како италијанска туку и европска институција на книгата. Издавач кој има збирка поезија на која навистина не ѝ е потребно никакво посебно претставување ниту посочување на награди и успеси кои ги добила, туку многу очигледно стои сосема автономно во вредноста на својот збор. Малку по малку го колвав Џерардо Мазучо, но чашата ја прелеа пост на Инстаграм каде што изразува неверица дека ќе гостува во Струга, и неговото име заклучува низа на поети кои тој очигледно ги почитува – во најмала рака. Па беше време да разговараме. „Прашањава се месести“ – го предупредувам, издавачот – поет, бидејќи стиховите му се чисти, а зборовите секогаш таму само кога се неопходни „но тактиката е да те внесам во мојот коментар, наместо дополнително да те изненадам“ - и еве гледате, со воведов го погазив својот збор.


Riflessione sulla poesia


Non ha senso

E ne da. Come un giglio

Che gridi a chi passa

Da un cigglio di via:

Fin qui visse un uomo


Рефлексија на поезијата


Нема смисла

И дава. Како крин

Кој им довикува на минувачите

Од работ на улицата:

Дотука живееше човек



Дива: Патот низ Твојата поезија, мојот, беше кривулест, чуден, и упорно доаѓав до следниот впечаток: Тишината одѕвонува на начин како кога некој сакан гостин ќе замине, па седиш со чашата одложена со отисоци, перничето е паднато, а отисокот на плочките во тоалетот ја пополнуваат Празнината и ја нагласуваат Тишината. Јазикот, иако ги исчитував стиховите (со различен капацитет ) на четири јазици, секогаш педантен, чист, некомплициран, но комуницира комплексност, до степен на егизтенцијализам. Но сепак е секојдневен јазик, кој е атмосферичен. Последното што го прочитав од Fin Qui Visse Un Uomo („Дотука живееше човек“ ) беше “Ma i poeti migliori hanno scelto il silenzio” („Поетот живее во тишината.“) со која се отвара книгата. Дали Ти живееш во Тишината, каде е, доколку е место и дали е синонимна со Празнината? И дали поетот и издавачот се сретнуваат, или се истиот човек со различни шапки?


Џерардо Мазучо: Пишувам во своето отсуство. Отсуството е дом на тишината. Јас постојам, секако. Како човек, како уредник. Но како поет – доколку вистина сум поет – чувствувам постхумна врска со моите стихови. Јас се обмислувам себеси и мојот живот од димензија која очигледно не е сè уште смрт, но е чистилиште. Кога пишувам, потребно е да се соголам од време, оваа тешка наметка која ми ги преиначува цртите на лицето, која ги преиначува цртите на секој човек. Отаде времето, тишината е апсолутна, и е единствениот јазик. Да се даде зборот на тишината, преку поезијата, е највисоката експресија на апсурдното. И животот, за мене, е ништо до апсурден. Непосредноста на јазикот, е наменета да компензира за комплексноста на овие контрадикции.

Дива: Ти си главен и одговорен уредник на Утопија. Нејзиниот критериум за објавување на книги, и бирање наслови не е во потенцијалот на бројот на книгите кои би биле продадени, но го зголемивте влогот, и ја поставивте Утопија во улога на оние кои го диктираат вкусот: Утопија е издавач на книги кои не можат а да не бидат препорачани. Па, каде е насочена сказалката, на млада издавачка куќа, која има земено како своја задача да ја диктира европската култура, или поспецифично литературата? Дали е повеќе на страната на исполнително, заживувачки, или фрустрирачки и исцрпувачки? Или сето набројано?


Џерардо Мазучо: Јас сум напросто читател кој ги уредува книгите на другите луѓе. Кога ќе се затекнам себеси како читам книга која се чини дека е способна – и ова е многу ретко – да го надвладее предизвикот на време и место, два ланци, за кои човекот е врзан, се обидувам да ја издадам. Литературата не старее. Или не е литература. Литературата не ја губи својата моќ на границите. Или не е литература. Кога роман кој е сто години стар, продолжува да ми зборува, по мене заслужува да биде реиздаден. Кога една книга ќе пристигне во Италија, од другата страна на светот, но продолжува да ми зборува, по мене, заслужува да биде преведена. Останатото трае по сезона. Со огромен успех, можеби. Но кому му е гајле за тоа? Добар уредник, според моето мислење, не смее да биде замаен од моментот. Литературата е секогаш. Или не е литература. Тогаш, кога има илјадници читатели, кои се потпираат на изборите на една издавачка куќа, како што е случајот со Утопија, сè е повеќе возбудливо. Вистинскиот суд за мојата работа како издавач, сепак, ќе биде донесен од читателите кои сè уште не се родени. Тие се оние за кои работам.



Дива: За Утопија, услов за избирање наслови за издавање е - бегството од Време - и - Место континуумот: доколу за двестотини години, човек на другата страна на светот ќе може да се поврзе, и ја исчита книгата тогаш би бил добар кандидат да биде издаден во Утопија. Кој критериум си го поставуваш на себе, во својата работа, или процес како поет: дали имаш прашање, критериум кој мораш да го исполниш, за да ги пуштиш стиховите, на пример, во светот?


Џерардо Мазучо: Ниту еден писател, според моето мислење, не е во состојба да го процени сопствената дело, со луцидност, дури и доколку е уредник. Писателот на текстот, не може напросто да го прочита она кое е штотуку напишано, како останатите читатели. Тој ги знае намерите и амбициите на текстот, и продолжува да чита, во напишаниот текст, она кое не било напишано, она кое е во неговата глава. Единствената помош доаѓа од времето. Мноштво месеци, или дури години подоцна, писателот може да ги чита сопствените стихови, преку очите на друга личност. Затоа, доколку немам никаков сомнеж за талентот на оние кои премногу пишуваат, имам многу сомнежи за оние кои премногу често објавуваат. Добар поет си дава време на себе, за да стане својот сопствен уредник. Fin qui visse un uomo ризикуваше да не биде објавена. Јас сакав да се отарасам од нејзе. Беше пријателка, и самата поетеса, таа која ги знаеше стиховите, која ме спречи да не го направам тоа и, со соучесништвото на мојата партнерка, Лаура, се координираа со издавачот.


Дива: Паѓа во очи твојата младост и е нешто што веројатно го слушаш често: Таа, младоста, во контраст со безвременскиот квалитет на класиците (и во случајот со Грација Деледа: каде откри, повторно, заборавен ракопис) кои одново се раѓаат со секоја нова генерација и нови очи. Но, иако (на Инстаграм) во објавата за Струшките вечери на поезијата, скромно забележа дека низата на имиња која завршува со Твоето, те зачуди. Но креативно и професионално се чини дека си во позиција на човек, уметник, поет, кој веќе ги одминува своите средни години а овој хипотетички човек, едвај се сеќава на младоста во која ти си вселен. Дали сметаш дека таа позиција е опасна, креативно лесно можеш да се лизнеш, или дезориентираш. Или освен „штипни ме, сонувам“ - моментите, не обрнуваш многу внимание на статусот како поет па и издавач, или накратко: креативец?

Џерардо Мазучо: Како читател или како издавач, сум во длабоко соучесништво со авторите, класици или живи, кои никогаш не сум ги сретнал во живо. Како што Монтале пишува „ è possibile, lo sai, amare un'ombra, ombre noi stessi“ („возможно е, знаете, да ја сакате сенката на самата сенка.“) Ова е обид да се избега од затворот на времето, исто така. Овде, слободен, се чувствувам на иста возраст како Вергилиј, Петрарка и Унгарети. Предложувам, сепак, да ги прочитате. Јас не сум сигурен дека сум поет.

bottom of page