„И после сѐ, проблеми со родот“ – промоција на зборник кој се спротивставува на антиродовите митови
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 1 day ago
- 3 min read

На 3 декември, со почеток во 20 часот, во Кафе КОТУР ќе се одржи промоцијата на И ПОСЛЕ Сѐ, ПРОБЛЕМИ СО РОДОТ – Критички истражувања за родот, полот и сексуалноста, нова публикација на Коалиција МАРГИНИ која настојува да го отвори просторот што сè повеќе се стеснува под притисок на антиродовите политики и говори. Тоа е книга што се појавува како гест на отпор, но и како интелектуален одговор во време кога јавниот дискурс лесно се заплеткува во митови, паники и поедноставувања.
Зборникот е замислен како колективна платформа за критичко мислење, особено важна во услови во кои неоконзервативниот наратив станува агресивно присутен. Наместо да се прифати диктатот на стравот и идеолошкото сведување, текстовите во ова издание се обидуваат да ги вратат поимите „род“, „пол“ и „сексуалност“ во нивната аналитичка, научна и еманципаторска димензија. Книгата се движи низ повеќе дисциплини – од историја до неврологија, од политичка економија до антропологија, од еволутивна биологија до југословенскиот социјализам и современите квир студии. Таа широкост не е случајна: токму преку пресек на знаења се расплетуваат механизмите што стојат зад антиродовите митови и се оголуваат нивните идеолошки претензии.
Мрежа на идеи која ја откорнува фикцијата за „биолошкиот ред“
Една од силите на зборникот е неговата интердисциплинарност. Теориите на Џоан Валах Скот, Џудит Батлер, Гејл Рубин, Барбара Џ. Рисман и Џорџијан Дејвис се надоврзуваат со регионалните историографски истражувања на Ивана Хаџиевска, Ивана Пантелиќ и Адријана Захаријевиќ. Паралелно со тоа, текстовите на Франко Дота го отвораат погледот кон ран хомофилен активизам, додека Марија Лугонес, Серена Нанда и Џени Андрин Мадсен Еванг носат постколонијална прераспределба на перспективите.
На биолошкиот терен, пак, делата на Џоан Рафгарден, Мајра Џ. Херд, Закари Дубоа, Хетер Шатак-Хајдорн, Хајд, Биглер, Џоел, Тејт, Ван Андерс и Агустин Фуентес се дел од современите научни ревизии што го разоткриваат митот за стабилниот биолошки бинаризам. Овој слој додава токму она што антиродовите наративи најчесто го исклучуваат: комплексност, нестабилност и разновидност на живиот свет.
Во еден ваков амбиент – во кој политиката сака да го претвори телото во догма – зборникот делува како просторно ширење. Како отворање прозорец кон знаење што не се плаши од сложеност, ни од историја, ни од идни тела за кои, како што велат уредниците, „сè уште не знаеме што можат да направат и да бидат“.
Промоцијата како простор за заедничко читање и отпор
На настанот во КОТУР ќе разговараат Ирена Цветковиќ, Јана Јакимовска (Радио Милева) и Калиа Димитрова (МЕДУЗА) – три гласови кои самите се движат низ активизмот, медиумите и културната критика. Промоциите на МАРГИНИ ретко се само претставување на книги; почесто се средби на заедници што сакаат да мислат заедно и да создаваат отпорни структури во атмосфера во која јавниот говор за родот сè поотворено се инструментализира.
Посетителите ќе можат бесплатно да добијат печатен примерок – гест што зборува за интенцијата ова знаење да циркулира.
Да останеме со проблемите, а не да ги затвориме
Во уредничката забелешка на Мања Величковска, Славчо Димитров и Сара Миленковска се чувствува тон што многумина ќе го препознаат како нужност во денешното време: да не се бега од „проблемите со родот“, туку да се остане со нив, да се талка низ нив, да се мислат. Тие пишуваат:
„Родот повторно лебди како сениште, како проблем и неизвесност за која авторитарните гласови и фашистички страсти се мобилизираат хистерично… Наспроти нив, стои оваа книга, како повик да останеме, и после сѐ, со проблемите со родот… со остроумност и смеа, перформативно и импровизаторски.“
Во тоа има нешто човечко, нешто што говори за начинот на кој општествата растат: не преку затворање, туку преку отворање. И можеби токму затоа овој зборник е повеќе од академска публикација — тој е своеобразен културен документ на моментот во кој живееме.





Comments