Изложба "кЛИК, сЛИК - сподели кирилица" го обедини креативното пишување и вештачката интелигенција
top of page

Изложба "кЛИК, сЛИК - сподели кирилица" го обедини креативното пишување и вештачката интелигенција



На 22 септември, во рамки на Маалски фестивал во Културно-социјалниот простор Центар Јадро во Скопје, се одржа изложба и книжевен бал насловени како "кЛИК, сЛИК - сподели кирилица."

Настанот понуди амалгам на литература и иноваторски технолошки пристапи.

Гостите на овој културен настан беа несекојдневни книжевни ликови, како Самовили, Барбика од антика, Месечина што плаче, Румена и Дездемона, претставени преку визуелни изведби креирани со помош на природна и вештачка интелигенција. Посетителите имаа можност да ги проследат овие уникатни визуелизации направени со кирилични формули и непредвидливи кЛИКови.


Од особена вредност беа и оригиналните фанзини кои беа изложени. Се работеше за неформални изданија, собрани од поетски и прозни дела напишани од млади таленти. Овој дел од изложбата покажа дека креативноста и визуелната уметност можат да се преплетат на начин што предизвикува восхитување.

Розевата, светкава и панкерска атмосфера го заела просторот, со дела напишани на работилницата за креативно пишување за млади, исто така насловена „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица“. Под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска, учесниците имаа можност да го оживеат својот замислен книжевен лик преку кирилица и вештачка интелигенција, а потоа да напишат кратка фикција или поезија за изработените ликови.

Смилевска и Бошковкса како Дума ин Сума“, на 14 и 15 септември ја одржаа работилницата за креативно пишување - „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица“, како продолжување на претходната работилница за креативно пишување за млади - „Пиши - бриши... Само не оставај на seen“, која се одржа на 5 и 6 јуни.


Организаторите "Дума ин Сума" со соработка на младите уметници Дарко Алексовски и Јован Јосифовски, го овозможија на учесниците да креираат оригинални мали книгички, познати како фанзини. Сечење, лепење, цртање и колажирање беа дел од процесот што резултираше во уникатни изданија.

Фанзините, како неофицијални изданија, се создадени ентузијастички и панкерски, преку "направи сам" техники. Тие обработуваат одреден културен феномен, претставувајќи алтернативен начин за споделување на идеи и креативност.

Во интервју за медиумите, претставниците на "Дума ин Сума" истакнаа значењето на вештачката интелигенција како дигитална алатка за оживување на фантазијата. Преку оваа технологија, замислените книжевни ликови станаа живи и нивните приказни може да се прочитаат во мали книгички, познати како фанзини. "Направи сам" пристапот им дозволи на авторите да избегнат комерцијални рамки и да се изразат во неформална средина.


На книжевниот бал, диџеите Горан Костовски (Индог) и Мартина Пенева создадоа магична атмосфера со своите музички избори.

Дводневната работилница за креативно пишување за млади, организирана под името „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица“, беше поддржана од Министерството за култура преку конкурсот „Цртај на кирилица“.

Маалски фестивал, на кој се организираа овие настани, е гордо покровителство на Асоцијација Јадро, Општина Центар и Министерство за култура се потврди како мост на културната сцена.

bottom of page