Како да го разладиме домот без клима?
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 2 days ago
- 2 min read
Мал прирачник за преживување во време на 42°C и спарни тропски ноќи

Во екот на жешкиот афрички бран кој оваа недела ќе кулминира со температури до 45°C – особено во Повардарието – животот без клима уред станува своевиден предизвик. Но нема потреба да се претворите во растопен Снешко. Ова се неколку практични, проверени и ненаметливи совети за разладување на станот и зачувување на здравиот разум.
🌞 1. Затвори во најжешко, отвори во најладно

Наутро, пред сонцето да ја зафати фасадата, затвори ги сите прозорци и спушти ролетни, завеси или импровизирани сенки (бела чаршав, алуминиумско фолио или што и да имаш при рака). Колку помалку светлина и топлина влегува, толку подобро.
Навечер, околу 20:00 па натаму, отвори широкo – особено ако станот има прозорци од двете страни. Ако има промаја, уште подобро. Само внимавај на комарците – мрежа или есенцијално масло од лимонска трева можат да помогнат.
💦 2. Мокар пешкир + вентилатор = импровизирана клима

Ако немаш клима, вентилаторот може да ти стане најдобар сојузник. Стави пред него мокар пешкир или сад со ладна вода и мраз. Воздухот што минува низ водената пареа се лади, иако ефектот е локален и краткотраен – доволен за да си здивнеш барем додека вечераш.
Бонус трик: ставете замрзнато шише вода на работна маса или ноќна масичка. Како мали мобилни фрижидери за душа.
🧺 3. Постелнина што не те гуши

Ако спиеш во постелнина од синтетика, полиестер или сатен – те чека леплива ноќ. Лен, памук или тенки чаршави од природни материјали дишат подобро и не ја задржуваат топлината.
Ставете втора перница – не за под глава, туку за под колена или меѓу нозе – и пробајте да спиете на страна, за да има циркулација на воздух околу телото.
🛁 4. туширање со млака вода = ладна глава

Колку и да е примамливо да се фрлите под ледена вода за туширање, телото може да добие термален шок и да реагира со дополнително загревање. Наместо тоа, туширајте се со млака вода – пред спиење или секогаш кога ќе почувствувате дека телото ви се прегреало.
Ако немате време за туш – натопете марамче и пребришете ги зглобовите, вратот и зад ушите. Освежување во две минути.
🍳 5. Шпоретот е најголемиот непријател

Готвењето среде ден не е херојство – туку директен напад врз температурниот баланс. Избегнувајте шпорет, рерна и било каква термичка обработка од 10 до 19 часот.
Сандвичи, салати, ладни тестенини или однапред зготвена храна од фрижидер се најдобрите сојузници. Кујната не мора да биде бојно поле.
🧠 И уште неколку ситници…

– Ако имате балкон: натопете го со вода – и воздухот ќе стане полесен за дишење.
– Ако живеете на последен кат: изолирајте го таванот колку што можете – и еден стар килим или нова чаршаф-сенка ќе помогнат.
– Ако имате миленик: не го оставајте на тераса или под директно сонце – и тие имаат право на сенка.
🤲 Заклучок: не се растопувај, организирај се

Ова не се совети за „инстаграм“ живот, туку за вистинско преживување. Во екстремни услови, малите тактики прават голема разлика. Сподели ги со комшија, со баба ти, со некој што живее сам.
Чувствувај се слободно да ги прилагодиш, надополниш или да ни пишеш како ти се снаоѓаш.
#ДолгоТоплоЛето е тука и за тоа – споделување грижа, стратегија и солидарност.
Илустрации: Лора Калган;
Comments