Книжевноста и јазикот во фокус: Новите членови на ДПМ на заедничка книжевна средба
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 24 hours ago
- 1 min read
8 мај (четврток), 12:00 часот, Друштво на писатели на Македонија – влез слободен

Во чест на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, и по повод 80 години од кодификацијата на стандардниот македонски јазик, Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) организира настан кој ги става јазикот и книжевноста во заеднички дијалог.
Овој четврток, на 8 мај со почеток во 12:00 часот, ќе се одржи книжевна средба и разговор со новите членови на ДПМ: Искра Донева, Милчо Мисоски, Митко Гогов, Хана Корнети, Симона Јованоска, Атанас Бојаровски, Драгана Лукан Николоски и Лулзим Хазири. Публиката ќе има можност да ги слушне дел од нивните најнови книжевни текстови, но и да ги запознае нивните гледишта и творечки визии одблиску.
Настанот ќе започне со воведно обраќање од Славчо Ковилоски – писател, поет и универзитетски професор на Институтот за македонска литература, како и главен уредник на списанието „Стожер“. Во своето обраќање, Ковилоски ќе се осврне на врската меѓу јазикот и книжевноста, посочувајќи на значењето што го има јазикот не само како средство за изразување, туку и како основа на културниот идентитет.
Настанот е отворен за јавноста. Сите љубопитни за современите книжевни гласови и за развојот на македонската книжевност се добредојдени.
Comments