Концерт на Passepartout Duo и Алембик
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Sep 3
- 2 min read
📅 12 септември 2025
📌 Салон 19:19
🕐 20:00

На 12 септември (петок) со почеток во 20 часот, во Салон 19:19 ќе се одржи концертот на италијанско-американското дуо Passepartout Duo и македонскиот состав Алембик. Настанот носи експериментален и авангарден звук, исткаен од два различни музички света кои се среќаваат во Скопје.
Passepartout Duo – патувачки лаборатории на звукот
Формирани во Верона во 2015 година, пијанистката Николета Фавари и перкусионистот Кристофер Салвито го градат својот музички универзум со постојано истражување на материјали, технологии и ритми. Тие користат електроакустични текстури, електромагнетни принципи, па дури и спроводливи текстилни влакна за да создадат полиритмични композиции.
Од самиот почеток живеат во движење – нивните турнеи минуваат низ уметнички резиденции како The Watermill Center (САД), Swatch Art Peace Hotel (Кина) и Embassy of Foreign Artists (Швајцарија). Соработките се неизоставен дел од нивната практика – минатата година го снимија албумот Radio Yugawara заедно со легендарниот јапонски амбиентален состав Inoyama Land.
Особено внимание привлече нивниот изум – електромагнетниот синтисајзер Chromaplane, со кој оваа година го освоија првото место на престижниот Guthman Musical Instrument Competition. До сега имаат издадено неколку EP изданија и четири албуми: Vis-à-vis (2020), Daylighting (2021), Circo Pobre (2022) и Argot (2024). Концертот во Скопје е нивен прв настап во Македонија.
Алембик – домашната алхемија на звукот
Двојката Виктор Танасковски (гитара) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин) делува под името Алембик. Нивниот прв, истоимен албум (2022) е посветен на судирот – но и можната симбиоза – помеѓу природата и технологијата. Музиката е градена така што самото нејзино создавање е дел од концептот, баланс меѓу органското и машинското.
Алембик се веќе препознатливи на домашната сцена, а истовремено активно држат концерти низ Европа (Чешка, Естонија, Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Италија). Тие се редовни учесници во истражувачко-уметнички проекти, а во моментов работат на својот втор албум.
🎟️ Влез: 300 денари (билетите ќе бидат достапни на влез и онлајнѕ преку mktickets.mk)





Comments