Кочанскиот бенд „Корка“ настапува во финалето на меѓународниот музички натпревар „Imagine Experience“ во Брисел
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 13 hours ago
- 2 min read
Младиот рок бенд од Кочани ќе ја претставува Македонија на сцената на „La Botanique“, рамо до рамо со бендови од девет земји.

Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември ќе настапи во финалето на меѓународниот музички натпревар „Imagine Experience“, кој оваа година се одржува во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија. Настапот ќе ги постави „Корка“ на иста сцена со млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве, во контекст што одамна ги надминува локалните рамки.
Настанот ќе може да се следи и онлајн во живо, а публиката од дома ќе има можност да гласа, што дополнително ја отвора сцената кон поширока, меѓународна публика и директно ја вклучува во процесот на вреднување на младите музички гласови.
Пласманот во финалето доаѓа по победата на „Корка“ на националниот натпревар „Imagine Macedonia“, одржан на 10 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на фестивалот „Здраво млади“. Таму бендот се натпреваруваше со низа силни имиња од актуелната македонска алтернативна сцена, меѓу кои „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“, што ја прави победата уште порелевантна.
Во изминатата година „Корка“ се профилираа како еден од најгласните и најискрени нови бендови на домашната сцена. Нивниот звук: тврд, емотивен и без компромис директно го канализира гневот, збунетоста и чувството на притисок што го носи младешкото искуство денес. Самонасловениот албум, издаден во мај годинава, заедно со низа концерти низ Македонија и Србија, ја зацврсти нивната позиција како бенд кој не само што реагира, туку и артикулира.
Но „Корка“ не се присутни на сцената само преку музиката. Членовите на бендот, од кои повеќето сè уште се средношколци, активно учествуваат и во локалното културно организирање во Кочани. Тие беа меѓу главните двигатели на дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, одржан кај Споменикот на слободата во градот настан што ја покажа моќта на самоорганизирана младинска сцена надвор од главниот град.
Фестивалот беше посветен на Сара Алексова, нивна другарка и прва тапанарка на бендот, која трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“. Тој гест го вгради личното, колективното и етичкото во нивното дејствување, потсетувајќи дека за „Корка“ музиката не е изолирана од реалноста, туку нејзин директен одраз.

Настапот во Брисел, во тој контекст, не е само уште еден чекор напред во кариерата на бендот, туку и симптом на една генерација што бара простор, слушливост и смисла и не чека дозвола за тоа.





Comments