Крсте Роџевски и Томика Рид со заеднички концерт во Македонската филхармонија
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 2 days ago
- 2 min read
📍 Македонска филхармонија
📅 13 септември 2025
🕗 20:30 часот

На сцената на Македонската филхармонија во Скопје ќе се одржи специјален концерт на Крсте Роџевски (гитара, вокал) и Томика Рид (виолончело) – двајца уметници кои повеќе од една деценија градат своја заедничка музичка приказна што се движи меѓу џезот, експерименталната музика и современите интерпретации на традиционалниот звук.
Музичкото партнерство меѓу Роџевски и Рид започнува пред десет години, кога Томика го свиреше виолончелото на албумот „Bitter Almonds“, второто студиско издание на Роџевски. Подоцна ја слушаме и на синглот „Горно Дупени“, како и во новиот аранжман на традиционалната песна „Ој љубов“, напишан од Роџевски за саундтракот на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски.
За време на пандемијата, Роџевски го снима „Fair Weather Friends“, љубовно писмо до Чикаго и неговата џез и експериментална сцена, каде повторно ја вклучува Томика како дел од музичката екипа. Еден интересен детал: во тие години и двајцата живееја во истото маало во Чикаго – West Loop – што им овозможи да го продлабочат своето пријателство, да развијат инсајд хумор и да разменуваат идеи и концепти. Таа интимна, игрива енергија денес е препознатлива во нивните заеднички настапи.
Ова ќе биде нивен втор заеднички настап во Македонија. Првиот се случи на OFFest 2019, кога заедно со Мери Халворсон, Тома Фуџивара, Мајкл Бланко и Кирк Кнафке ги изведоа композициите од првите три албуми на Роџевски.
Крсте Роџевски живее и работи во Њујорк од крајот на 90-тите. До денес има издадено седум студиски албуми за етикети во САД и Грција. Во неговите изданија соработуваат врвни имиња од њујоршката и чикашката сцена, како Крис Дејвис, Адам Рудолф, Ингрид Лауброк, Мери Халворсон, Бил Ласвел, Џеф Паркер, Никол Мичел, Крис Спид и други.
Томика Рид е добитничка на престижниот грант за генијалци на Фондацијата МекАртур (2022). Таа е членка на легендарниот Art Ensemble of Chicago и AACM, дел од Artifacts Trio (со Никол Мичел и Мајк Рид), настапува во трио со Крег Тејборн и Чес Смит, како и со својот квартет заедно со Мери Халворсон, Тома Фуџивара и Џејсон Робке. Била професор на Милс Колеџ и е основач на Chicago Jazz String Summit, кој го води од 2014 година.
Настан поддржан од културни партнери
✨ Спонзор: Еурофарм
📡 Медиумски покровители: Jazz FM 100.8, Канал 103, Antenna 5
Commentaires