„Култура Бета“ со ново издание на „Поетска епизода“ на фестивалот „Комшилук“ во Побожје
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Sep 13
- 1 min read
Поетски гласови во срцето на Побожје: „Култура Бета“ со ново издание на „Поетска епизода“ на фестивалот „Комшилук“

Во селото Побожје, утре ќе се одржи фестивалот „Комшилук“, настан кој веќе станува препознатливо место на културна размена и соседска блискост. Во рамки на програмата, Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ го продолжува циклусот поетски читања „Поетска епизода“.
На ова издание ќе настапат поетите Марија Велинова, Ива Петреска, Владимир Мартиновски, Викторија Ангеловска, Марија Ангеловска, Александра Спасевска и Стефан Спасовски, како и младите автори Ивана Јовановска и Андреј Медиќ Лазаревски кои ќе ја имаат и модераторската улога.
Поетската сесија ќе се одвива од 11:30 до 12:30 часот во една од куќите во селото, создавајќи интимна и органска атмосфера за средба со поезијата.
Фестивал на заедништво

„Комшилук“ и годинава ја задржува својата препознатлива разноликост: покрај поетските читања, програмата вклучува свирки, концерти, настапи на културно-уметнички друштва, изложби, работилници, предавања, како и дегустации на јадења приготвени од локалните жители. Фестивалот го оживува село Побожје како простор на културно и општествено поврзување – место каде што уметноста и секојдневието се надополнуваат.
Со ова издание на „Поетска епизода“, „Култура Бета“ ги отвора своите програмски активности за вториот дел од годината. Организацијата останува доследна во својата мисија – да создава сцена за младите гласови, но и да овозможи дијалог со веќе афирмираните автори.
Поетското читање во Побожје е уште една можност поезијата да излезе од класичните институционални рамки и да стане дел од поширокиот културен мозаик што го нуди „Комшилук“.





Comments