top of page

Куќата од мали коцки – тивка анимација за сеќавањата, времето и загубата


Наградуваниот анимиран краток филм „Куќата од мали коцки“ на Кунио Като е бездијалошка, поетска медитација за стареењето, сеќавањата и животот што потонува слој по слој.



„Куќата од мали коцки“ (The House of Small Cubes )е мал, тивок, речиси невидлив филм ако не му пријдеш со забавено дишење како да приоѓаш на пеперутка или диво животно. Нема дијалог, нема објаснување, нема потреба да се „разбере“, само да се остане со него некое време, како со стара фотографија пронајдена меѓу страници на книга.


Што ќе видиме кога ќе се приближиме? Куќа што расте нагоре бидејќи водата непрестајно расте. Старец кој додава нов кат секогаш кога сегашниот ќе стане неупотреблив. Секој кат е сегашноста, секое нурнување е во минатото. Просторите што веќе не можат да се живеат не исчезнуваат, тие само тонат. Под водата остануваат маси, чаши, детски чекори, нечии очи. Архитектурата тука не е функционална, туку мемориска. Куќата е тело. Водата е време.


Филмот трае дванаесетина минути, но се чувствува како еден долг внатрешен монолог што никогаш не бил изговорен. Визуелниот јазик на Като е намерно кревок: линии што не се сигурни во себе, бои што личат на сеќавање пред да избледи. Нема спектакл, туку упорна, тврдоглава тишина. Токму таа тишина ја носи емоционалната тежина.


Куриозитет што вреди да се знае: филмот ја доби наградата Оскар за најдобар краток анимиран филм во 2009 година – редок момент кога нешто толку интимно и антиспектакуларно влезе во центарот на глобалната сцена. Кунио Като, дотогаш релативно маргинален автор, остана верен на својот минималистички, речиси зин-естетски пристап и по овој успех. Ниту го „објасни“ филмот, ниту го претвори во платформа за големи пораки.


Често се чита како алегорија за климатските промени, но филмот одбива да биде заклучен во еден кат. Може да се чита како филм за стареењето, за губењето, за прилагодувањето, за животот што продолжува и кога не изгледа логично да продолжи. Или едноставно за тоа како ги складираме спомените: не во главата, туку во просториите што веќе не ги користиме.

Зошто да се гледа?


Затоа што The House of Small Cubes не бара ништо од гледачот, освен внимание, присутност. Затоа што нè потсетува дека минатото не е зад нас, туку под нас. Дека се раѓаме во иднината секој ден. И затоа што во култура што постојано бара гласност и став, овој филм избира нешто порадикално: тивка, упорна емпатија.




Стани Дивотно

Comments


Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page