Минијатурна слика на Пикасо мистериозно исчезна во Шпанија
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Oct 20
- 2 min read
Полицијата истражува како исчезнала сликата наменета за изложба во Гранада

Минијатурна гваш слика на Пабло Пикасо, со наслов „Naturaleza muerta con guitarra (Мртва природа со гитара)“ од 1919 година, исчезнала во Шпанија , потврди културниот центар CajaGranada Fundación. Делото, мало колку еден iPhone SE (12,7 x 9,8 сантиметри), требало да биде дел од изложбата „Bodegón: La eternidad de lo inerte“ („Мртва природа: вечноста на неживото“), која се отвори на 9 октомври во Гранада.
Сликата, чија вредност се проценува на околу 600.000 евра, била испратена од приватна колекција во Мадрид, но при распакување на делата на 6 октомври , три дена пред отворањето на изложбата, кураторите откриле дека делото недостасува.
Според соопштението од институцијата, уметнините пристигнале со доставно возило на 3 октомври и биле пренесени со виљушкар во складиште под постојан видео-надзор. Сепак, пакетите биле погрешно нумерирани, што оневозможило детална проверка без целосно отворање. Персоналот ја потврдил само документацијата, а не и физичката содржина на пакетите, пред возачите да си заминат.
Шпанскиот дневен весник El País јавува дека во возилото имало двајца лица кои преноќиле во близина на Гранада. Засега нема приведени, а истрагата е насочена кон тоа во кој момент од патувањето исчезнало делото, и дали воопшто било качено во камионот.
CajaGranada Fundación поднела пријава до Националната полиција на Шпанија, која ја води истрагата. „Ги ставивме сите наши ресурси на располагање за да се расветли случајот,“ стои во нивното соопштение.
Ова не е првпат делата на Пикасо да бидат мета на крадци. Во 2012 година, неговата слика „Tête d’Arlequin“ беше украдена во Холандија, а во 2019 година француски суд осуди електричар кој заедно со сопругата скрил 271 дела на Пикасо во својата гаража 40 години.
Мистериозното исчезнување на минијатурното платно, кое требаше да ја отвори изложбата за „вечноста на неживото“, ја потврдува токму спротивната идеја, дека уметноста понекогаш живее најбурно зад затворени сандаци и недовршени етикети.





Comments