„Муабет со портретот и актот преку цртежот“ изложба на Лоран Куфало во КИЦ
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 8 hours ago
- 1 min read
Во изложбениот салон „Империјал 1“ на Културно-информативниот центар – Скопје, на 16 октомври во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Муабет со портретот и актот преку цртежот“ од ликовниот уметник Лоран Куфало.

Куфало (р. 1967, Скопје) е дипломец на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (1992), член на ДЛУМ од 1998 година, со искуство во телевизиска и филмска сценографија и графички дизајн. Има изложувано во Скопје, Сан Франциско и други простори, а оваа изложба претставува негово враќање на домашната сцена по повеќе од една деценија.
Во „Муабет со портретот и актот преку цртежот“, уметникот ја третира линијата како „корен на секоја креативна идеја“ — едноставна, но моќна трага што го открива неговиот темперамент и внатрешна состојба.
„Цртам движење, поглед, психолошка состојба, карактер… секој лик и секое тело за мене се универзум“, вели Куфало.
Изложбата е составена од портрети и акти во кои едноставната линија станува динамичен разговор со емоцијата и моментот, повикувајќи на тивок, беззборен дијалог меѓу гледачот и цртежот.”
Изложбата ќе биде отворена до 29 октомври 2025 година во Културно-информативниот центар – Скопје, салон „Империјал 1“.
Comments