Нови книжевни гласови и изложба в петок на „Клинци“ во Europe House Скопје
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- May 28
- 1 min read

Во петок (30 мај), во просториите на Europe House Скопје, ќе се одржи ново издание на „Клинци“ — мултимедијален настан кој веќе неколку сезони го отвора просторот за млади автори и авторки, поети и визуелни уметници, да го претстават своето творештво пред публика. Настанот е во организација на младинската организација „Култура Бета“ во соработка со Europe House Скопје.
Овојпат фокусот паѓа на четири млади поетеси: Гала Матевска, Ана Тодоровска, Ана Шапкарова и Светла Јакшиќ, кои со своите стихови ќе понудат увид во современиот поетски глас на новата генерација. Нивното книжевно читање ќе се одвива во придружба на самостојна изложба на визуелната уметница Сара Митковска, чија работа внесува дополнителна димензија на чувствителност, боја и визуелен ритам во настанот. Модератор на вечерта ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски.
„Клинци“ е жива сцена на која се сечат патиштата на литературата и визуелната уметност. Од неговиот почеток досега, на оваа сцена се претставиле над триесетина поети и поетеси и дваесетина визуелни уметници — бројка што зборува за ангажираноста и енергијата со која оваа иницијатива го поттикнува младинското културно творештво.
Настанот започнува во вечерните часови, а влезот е слободен.
Comments