Отворен повик за наградата „ДЕНЕС 2024“: Поттик за млади визуелни уметници
top of page

Отворен повик за наградата „ДЕНЕС 2024“: Поттик за млади визуелни уметници

СкопјеФакултет за работи што не се учат (ФРУ) во Скопје, во соработка со престижната интернационална платформа Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), Residency Unlimited од Њујорк и Trust for Mutual Understanding, исто така од Њујорк, со задоволство објавува Отворениот повик за наградата „ДЕНЕС 2024“.


Ова е извонредна шанса за младите визуелни уметници од Македонија до 35 години да го покажат и развијат својот талент.Наградата „ДЕНЕС“, која од 2023 година се доделува на годишно ниво, има за цел да ги награди и истакне талентите кои покажуваат исклучителност во тековната уметничка практика, која вклучува критичко и естетско размислување и дејствување.


Покрај престижната награда, избраниот уметник ќе добие шанса за двомесечен престој на уметници во Њујорк, преку програмата на Residency Unlimited, и учество во едукативниот процес „Совршениот уметник“.



Финалистите на наградата ќе ја отворат изложбата кон средината на ноември 2024 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Мала станица кога ќе биде соопштен и добитникот/чката на наградата ДЕНЕС, односно резиденцијален престој во Њујорк во периодот август-септември 2025 година.
Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.
НАГРАДА ДЕНЕС – НАГРАДА СО ДВОДЕЦЕНИСКИ КОНТИНУИТЕТ
Во 1990 година Венди В. Луерс, основачка и директорка на Фондацијата за граѓанско општество, заедно со прецедателот Вацлав Хавел  и група на уметници дисиденти најпрво ја основале наградата „Јиндрих Чалупецки“ во Чехословачка за да  оддаде признание на уметничката изврсност на младите визуелни уметници, под 35 години, и за да им овозможи искуство на резиденцијален престој во САД.
Основачи на наградата во Македонија се Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк, почнувајќи од 2002/2003 год. Од 2015 год. водството на организација и имплементација на наградата го превзема организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Првичното жири на наградата одлучи да ѝ го даде името по истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во Македонија во периодот од 1953 – 1955 година.
Од 2015 до 2023 год, наградата се доделуваше секоја втора година на млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка до 35 години. Дополнително, меѓу-годината ФРУ ја организира дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“, курирана од Ивана Васева, составена од серија на настани со цел да се зајакне и поттикне знаењето на младите визуелни уметници во земјава. Од 2023 година наградата ДЕНЕС се доделува на годишно ниво и вклучува и други новини и резиденции.
Програмата или мрежата на награди за млади визуелни уметници (YVAA - https://www.yvaawards.org/ ) во текот на неколку години беше востановена како интернационална мрежа на слични награди со поддршка од американската фондација Trust from Mutual Understanding. Денес 12 европски земји се дел од оваа мрежа како: Чешка, Словачка, Хрватска, Косово, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Бугарија, Унгарија, Црна Гора. Во 2015 година организацијата Residency Unlimited (RU) беше ангажирана како организатор на програмата и како домаќин на резиденцијалната програма во Њујорк. - ФРУ

Периодот за пријавување започнува на 16 април и трае сè до 31 мај 2024 година. Сите заинтересирани можат да го пополнат апликацискиот формулар на следниов линк.


Процесот на селекција ќе биде завршен со објавувањето на тројцата финалисти на 5 јуни 2024 година. Финалистите ќе имаат чест да го претстават својот труд на изложба која ќе се одржи во Националната галерија на Република Северна Македонија – Мала станица во ноември 2024 година, каде ќе биде прогласен и крајниот победник на наградата.


Детали за критериумите за аплицирање може да се најдат овде , а информации за процесот на избирање се достапни овде. .


За дополнителни прашања или потреба за информации, апликантите можат да се обратат на координаторката Ивана Васева на е-маил ivana.vaseva@gmail.com или да го посетат веб-сајтот www.akto-fru.org за повеќе информации.


Досегашните добитници на наградата „ДЕНЕС“ вклучуваат некои од најистакнатите личности во македонската визуелна уметност, и притоа наградата продолжува да ја има својата значајна улога во развојот на уметничките капацитети во земјата и на меѓународната сцена.


bottom of page