Повик до сите велосипедисти: „Ало 091, критично е!“ – Време е за 91-та Критична маса во Скопје
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- May 28
- 2 min read

Групата ентузијасти „НаТочак“, препознатлива по својата долгогодишна борба за подобри велосипедски услови во главниот град, го најавува 91-то издание на Критичната маса. Под мотото „Ало 091, критично е!“, настанот ќе се одржи во среда, 28 мај 2025 година, со почеток во 17:30 часот на Плоштадот Македонија. Велосипедската поворка ќе се движи низ скопските улици и ќе заврши во Градскиот парк околу 18:30 часот.
Ако излезевте од дома пред 10 или 5 години ќе се израдувавте на новооформени јавни простори, на коридори ослободени за пешаци и велосипедисти, на нови велосипедски патеки кои, иако скромни, најавуваа поинаква, поубава иднина за Скопје.
Ако излезете од дома денес ќе видите дека изградените и реконструираните патеки не се одржуваат, срушените столпчиња никој не ги обновува, нови вело-држачи не се поставуваат, пристапноста не се подобрува, решенијата не се надградуваат. Она што се подобрило пред 10 или 5 години таму и застанало. Нема заобиколувања околу автобуските постојки, контејнерите седат непоместени точно среде патеките, а од ѓубрето околу нив едвај можете да поминете. Тешко извојуваните вело-победи се претворија во горки вело-порази.
Овогодинешната Критична маса носи силна порака, изразена преку симболичниот наслов „Ало 091, критично е!“. Со ова, „НаТочак“ сака да го сврти вниманието на јавноста и надлежните институции кон, како што велат, стагнацијата, па дури и уназадувањето на велосипедската инфраструктура во Скопје. Според нив, ентузијазмот и напредокот што беа видливи пред неколку години, кога се градеа нови патеки и се промовираше велосипедизмот, сега се заменети со негрижа и недостаток на визија.
„НаТочак“ ги повикува сите велосипедисти, но и сите граѓани кои сакаат подобро и похумано Скопје, да се придружат на оваа јубилејна, 91-ва Критична маса. Целта е да се испрати јасна порака дека е неопходно итно делување за подобрување на условите за велосипедистите, за поголема безбедност во сообраќајот и за промоција на одржливи начини на транспорт.

Заинтересираните можат да го следат Фејсбук настанот за повеќе информации и да ја погледнат планираната рута на возење, кои се достапни на официјалните канали на „НаТочак“. Исто така, достапни се и промотивни материјали кои учесниците можат да ги споделат за да го поддржат настанот.
Придружете се на 91-та Критична маса и бидете дел од гласот што бара подобро велосипедско Скопје! Ало Скопје, критично е!
Comments