top of page

„Поглед кон далечина обоена сино“ - самостојна изложба на Дарко Алексовски во КСП Центар Јадро, Скопје


Поглед кон далечина обоена сино: новата изложба на Дарко Алексовски во Јадро


ree

На 18 септември (четврток) во 20 часот, во КСП Центар – Јадро, Скопје, ќе се отвори самостојната изложба на визуелниот уметник Дарко Алексовски со наслов „Поглед кон далечина обоена сино“, во кураторство на Славчо Димитров. Настанот е финанскиски поддржан од Министерството за култура и туризам.


Оваа изложба не е само визуелна поставка, туку и покана за размислување за утопијата – како визија за иднината, како хоризонт што секогаш нè оддалечува, но и како состојба која можеби ја живееме во малите секојдневни мигови.



Сината како почетна точка

ree

Во својата книга A Field Guide to Getting Lost, есеистката Ребека Солнит пишува дека сината е боја на далечината: боја на планините кои отсјајуваат на хоризонтот, на небото кое никогаш не можеме да го достигнеме, на сеќавањата што исчезнуваат во времето.


Овој мотив се провлекува низ историјата на уметноста. Во ренесансното сликарство, синиот тон се користел за да се прикаже перспективата и длабочината – колку подалеку е пределот, толку е посин. Во византиските мозаици, пак, ултрамаринот бил симбол на небесното и божественото. Подоцна, уметници како Пол Кле, Анри Матис и особено Ив Клајн ја направија сината боја експериментално поле, каде апстракцијата и чувството за бескрај стануваат неразделни.


Кај Клајн, синото не е само нијанса, туку чиста енергија – неговата „International Klein Blue“ е опит да се долови бездната, духовната димензија на просторот, она што не може да се каже со зборови.


Кај Алексовски, сината е мост меѓу физичкото и метафоричкото, меѓу далечината и копнежот, меѓу утопијата и секојдневието.



Во основата на изложбата лежат и размислувањата на Хозе Естебан Муњоз, авторот на Cruising Utopia. Муњоз предлага утопијата да се сфати не како конечна дестинација, туку како „привремена неорганизираност“, момент кога сегашноста се отвора кон она што „може и треба да биде“.


Алексовски ја преплетува оваа идеја со сопствениот визуелен јазик. Неговите дела функционираат како сеќавања – делумно вистински, делумно конструирани – кои го испитуваат прашањето како минатото и иднината се вгнездени во нашето сегашно искуство. Сината станува медиум низ кој овие временски слоеви се преклопуваат.



Кураторот Славчо Димитров не ја поставува изложбата само како визуелен простор, туку и како градски настан, место каде што теоријата и секојдневната култура се среќаваат.


Димитров, познат по своите критички текстови за современата уметност и ангажманот во областа на културните политики, тука делува како медијатор – отворајќи го поетскиот свет на Алексовски кон прашања за иднината што можеме да ја замислиме и градиме заедно.


фото: Инстаграм;
фото: Инстаграм;

Дарко Алексовски (р. 1989) е визуелен уметник кој работи на пресекот на слика и текст. Неговата пракса често е партиципативна и произлегува од секојдневни искуства, кои тој ги претвора во визуелни наративи.


Алексовски има учествувано на резиденции во Виена, Франкфурт, Линц, Сплит и Дубровник, а неговите дела се изложувани во Мелбурн, Токио, Грац, Чикаго, Белград и Скопје. Минатиот април ја претстави изложбата „Никогаш незаљубен“ во Францускиот институт во Скопје, интимна медитација за љубовта и човечките врски. Во МСУ пак, проектот „Landscapes of Astonishment“ отвори простор за утописки дистанци и магични можности.


„Поглед кон далечина обоена сино“ е обид да се преиспитаат границите на утопијата и да се испитаат можностите за нови хоризонти – не само во уметноста, туку и во начинот на кој размислуваме за нашите животи, иднини и колективни желби.


Со сината како боја на сеќавањето, но и на иднината, изложбата отвора простор за интимна и политичка рефлексија. Таа е повик да погледнеме подалеку, но и подлабоко – во она што можеби веќе го живееме, но сè уште не сме го препознале како утопија.




„Поглед кон далечина обоена сино“

Самостојна изложба на Дарко Алексовски

Куратор: Славчо Димитров


📍 КСП Центар – Јадро, Скопје

📅 Четврток, 18 септември 2025

🕗 20:00 часот


Повеќе за уметникот: вебсајт

Стани Дивотно

Comments


Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page