Поетроника за млади во Public Room: поезија со пулс на електроника
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Oct 10
- 2 min read
Updated: Oct 23
Музичко-поетскиот проект „Поетроника“, зад кој стојат Андреја Салпе и Оливер Митковски, ќе настапи во Public Room на 29 октомври со специјална гостинка – српската поетеса Радмила Петровиќ. Настанот ги спојува музиката и поезијата во единствено аудио-визуелно искуство наменето за младата публика.

На 29 октомври (вторник), со почеток во 20:00 часот, Public Room ќе биде домаќин на „Поетроника за млади“ – ново, едукативно продолжение на уметничкиот проект кој со спој на поезија и електронска музика создаде сосема нов сценски израз.
Зад проектот стојат Оливер Митковски и Андреја Салпе, а овојпат, на сцената им се приклучува и српската поетеса Радмила Петровиќ – еден од најистакнатите млади гласови на современата регионална поезија.
Настанот е дел од проектот „Научи ги младите да ја сакаат поезијата“, чија идеја е да им ја доближи поезијата на новите генерации не преку книжевни анализи, туку преку живо, современо и инспиративно доживување.
Преку музичко-поетски перформанс, стихот станува ритмичен, звучен и визуелен — начин на израз што ѝ е природно близок на генерацијата што расте со звук, екрани и дигитална култура.
Ново поглавје во регионалната соработка
Првичната идеја за настап со Радмила Петровиќ прераснала во нешто многу поголемо – нова уметничка фузија и сериозна регионална соработка, која го проширува концептот на „Поетроника за млади“ и отвора нови можности за културна размена меѓу младите уметници во регионот.
Петровиќ, чии стихови се преведувани и препознаени по искреност и директност, ја внeсува свежата енергија на балканската женска поетска сцена. „Поетроника е судир на традицијата и електронската култура – продолжение на поезијата во звук, во движење, во живо присуство. Тоа е моќта на зборот што не се плаши да звучи.“ – вели таа во пресрет на настапот во Скопје.
Андреја Салпе, еден од водечките електронски продуценти во земјата, создава звучен пејзаж што ја внесува поезијата во современ контекст.
Оливер Митковски, актер со впечатлива сценска енергија, ѝ дава на поезијата живост, човечка топлина и присуство.
Во заеднички настап, овие тројца автори создаваат ново поглавје во културната едукација, покажувајќи дека поезијата може да биде современа, заразна и блиска до младите.
„Поетроника“ веќе има свое место во локалната културна сцена – настапите во МНТ и другите простори беа оценети како редок пример на сценска поезија која се доживува со сите сетила. Новото издание во Public Room го продолжува тој пат, со акцент на младата публика и нејзиниот начин на слушање, гледање и чувствување.
Значи да сумираме:
🗓 29 октомври 2025 (вторник)
🕗 20:00
📍 Public Room
🎟 Цена: 250 денари
🔗 Билети: drugastrana.mk/event/poetronika-za-mladi
💬 Поддржано од Министерството за култура и туризам на РСМ





Comments