Поткаст лектира: Пилот епизода на „Брза кучка“ со Никола Гелевски
top of page

Поткаст лектира: Пилот епизода на „Брза кучка“ со Никола Гелевски

За Нова Година пред 5-6 години добив прилично скап поклон: Битс слушалки и она што е најбитно - беа bluetooth, што значи дека не беа прикачени со кабел за (вообичаено) телефонот. И што значеше тоа? Дека набрзо од музика се префрлив на слушање поткасти. Бесконечна низа на поткасти, дигитална верзија на моето детско јас кога бев ушушкана во каучот додека возрасните седат околу масата и разговараат, а јас влегувам и излегувам од таа река која нуди сигурност и удобност.

Па не беше некое чудо дека се примив на слушалиците - и поткастите исклучително лесно. Нема нешто што не правев: одам во продавница, сложувам веш, градинарам, и истовремено сум вклучена во нечиј разговор.


Исто така не беше некое чудо, дека бидејќи без никаков напор се одомаќив кон таа се́ поприсутна супкултура која завршуваше се́ почесто во вестите, дека почнав да размислував како би изгледал мојот поткаст. Купив микрофон. Чекав да заработам доволно да ја комплетирам опремата.


Моето огнено покрстување беше ни помалку ни повеќе со водителот на еден од моите поткасти Whiteboi Chris, еден од водителите на The Patdown with Ms. Pat - која ја запознав на… пазете - култната Breakfast club (Таа сега има Еми номинација за нејзината серија). Плачев од смеење кога ја слушнав и лесно го најдов нејзиниот поткаст, и две години подоцна додека чекав да се приклучам ми требаше момент да дојдам на себе и да се убедам дека тоа ми се случува.

Нора Стојановиќ, откако зборев со нејзината екипа за мојата амбиција, набрзо почна да ме цима да почнам веќе… И почнав: со дива.мк за да дојдам еден ден до поктаст. Ќе се вика ..жива вода? Дива лига? Брза кучка? Дива кучка?

Како и да е, со истото чувство на „дали ова навистина се случува“ - слетав на можност да снимам поткаст и тоа со упаството: почнуваш следната недела! Да не се спремав со години за тој момент сигурно ќе се сокриев под некоја маса.

И дојде вака: - Што правиш Ана - праша Ѓорѓе Јовановиќ.

Па пишувам, се мислам на поткаст …

Поткаст? - ја изгаси цигарата - дојди…

Беше толку едноставно.

И така Коља, Никола Гелевски - кој е секогаш интересен соговорник, секогаш кога ќе се појави во медиумскиот простор, како фурија, го окупира вниманието со интелегенција потхранета со керозин - едноставно се согласи и појави во посоченото време и место, години откако го гледав последен пат како му одбрусува на Александар Пандов „Ти си бараба!“ еве го пред мене, и ми ја прави работата исклучително лесна, целосно намерно.

Го кажувам сето ова да кажам дека без помошта на мојата заедница, сентимент кој го подели и Тома Димовски во неговото скорешно интервју - немаше од мојот сон, да биде ништо. Дури и да фрлев пари во проектот… немаше да стигнам на ниту дел од патот кој успеав да го изодам во овие кратки пар недели кога го лансиравме Брза Кучка.

Па земете нешто од приказната која ви ја нудам, колку и да е пословична, сосема без резерва… Се́ што имаме сме самите себе… Но веројатно и самите го знаете тоа, дури и да одбивате да си го признаете..



bottom of page