„Празно саќе“: скулптурите на Маргарита Симовска во КИЦ – Скопје
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Sep 16
- 1 min read
Маргарита Симовска со нова изложба „Празно саќе“: скулптури инспирирани од природата и еко свеста

Во Продажниот ликовен салон на Културно-информативниот центар – Скопје, на 18 септември (20 часот) ќе биде отворена изложбата на скулптури „Празно саќе“ од Маргарита Симовска. Ова е третата самостојна поставка на уметницата, која веќе има зад себе регионални и интернационални настапи, како и долгогодишна работа како ликовен педагог и асистент во атељето за мозаик при МАНУ.
Еко свест и скулптура од отпад
Со овој проект Симовска отвора прашања за нашиот однос со природата. Скулптурите се изработени од рециклирани материјали, земени од отпад, и ја следат логиката на формите и патерните што природата ги создава сама. „Празно саќе“ е симболичен аларм – како што вели авторката, ние често живееме надвор од природата, наместо во неа.
Клучниот концепт на изложбата се врти околу принципот FAIR SHARE: ако земаме од природата, мора да ѝ возвратиме за да го задржиме динамичниот баланс.
Изложбата го поставува и едно суштинско прашање – каде и како се вклопуваме ние во природниот циклус „Создади – Уништи – Обнови“? Токму преку формите што потсетуваат на празни пчелни саќиња, делата на Симовска ја повикуваат публиката да размисли за сопствената позиција во светот што го делиме со сите живи суштества.
Маргарита Симовска е родена во Скопје (1986). Средното образование го завршува во Уметничкото училиште „Лазар Личеноски“, а студиите на Националната ликовна академија во Софија, на отсекот за монументално сликарство. Во моментов е на постдипломски студии за визуелни уметности на Интернационалниот Балкански универзитет.
„Празно саќе“ ќе биде достапна за јавноста во Продажниот ликовен салон на КИЦ – Скопје до 2 октомври 2025.





Comments