„Приказната на Силјан“ со американска премиера во Њујорк
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 3 days ago
- 3 min read
Американска премиера на филмот на Тамара Котевска во Менхетен

Некои филмски премиери се најавуваат со црвен тепих и раскошни маркетинг кампањи. Други: со тивка возбуда, типична за документарните приказни што носат нешто поретко: човечка искреност, природна драматургија и симболика што не бара дотерување. Во таква атмосфера вечерва во легендарниот IFC Center на Менхетен ќе слета „Приказната за Силјан“, новиот документарен филм на македонската режисерка Тамара Котевска.

Филмот, кој веќе трепка како значајна точка на радарот на светската документаристика, ја носи приказната за штркот Силјан, вистински штрк, со вистинско гнездо, и со вистинска врска со човекот кој од случајна средба создава нешто слично на заедничка судбина. Ако штрковите традиционално симболизираат дом и раѓање, Силјан вечерва добива уште еден слој: симбол на малата, но упорна кинематографија што го бара своето место во глобалниот разговор.
Филмската авантура на „Силјан“ започна во Венеција, каде освои престижна Cinema & Arts Award, награда што ретко оди кај документарци со толку интимен радиус. Тоа беше првиот знак дека Котевска повторно го допрела она невидливо ткиво што поврзува човекот со природата, нешто што многумина го препознаа и во нејзините претходна филмски проекти.
Оттаму, патувањето продолжи низ NY Doc, IDA Awards, Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival во Калифорнија и уште неколку десетици селекции што го позиционираат филмот како веќе стабилен титулар во документарниот календар. Но најцврстото признание, и најголемиот знак дека приказната допира до глобалната публика е откупувањето на филмот од National Geographic Documentary Films, куќа која знае да препознае уметничка сила зад природните феномени.
Вечерва по проекцијата следи разговор со режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Jean Dakar. IFC Center, место славено за независни документарци и култни селекции, ќе им даде сцена на авторите да проговорат за процесот на создавање на филмот: како се гради доверба со птица што не познава човечки јазици, колку време треба за да се регистрира ритамот на еден штрков живот, и како камерата станува дел од пејзажот, а не наметнато око однадвор.
За американската публика, ова е прва можност да ја слушне оваа приказна опипливо, без превод и без посредување. За фестивалските селектори, тоа е момент на одлучување: дали „Силјан“ ќе продлжи да расте во престојната сезона на награди, или ќе остане драгоцен, но мал бисер во брзата документарна продукција.

Интересот околу „Силјан“ добива дополнителна тежина со најавата дека филмот ќе влезе во двојна трка за Оскар. Македонија го испраќа во конкуренција за најдобар странски филм, а National Geographic го пријавува и за најдобар документарен филм. Ова го отвора просторот за повторување на истата необична можност што Котевска веќе еднаш ја создаде: една авторка со два различни филмски јазици да се најде во двете најтешки категории на Академијата.
Во документарниот свет, ваквата двојност е речиси исклучок. А токму тоа го прави патот на „Силјан“ толку интересен како да е продолжение на логиката на штрковите патувања: долги, трпеливи, со ризици, но со посебна енергија што ја носи самото движење.
Во Њујорк, каде публиката често гледа документарни филмови со големи очекувања, приказните базирани врз природни чуда знаат да имаат привилегија: предизвикуваат чувство на свежина. На улиците околу IFC Center, кои живеат меѓу артхаус филмови, и долги редови на синефили, вечерва се очекува силно присуство на македонската заедница во градот.
За нив, ова е повеќе од премиера. Тоа е момент на колективна близина: да се гледа како малите држави го наоѓаат својот глас во глобалната документарна архитектура.
И можеби токму затоа оваа премиера има симболика што оди подалеку од филмската индустрија. Понекогаш, една птица може да го носи вниманието подалеку отколку што тоа би го можеле човечките амбиции.
Додека светлата на Менхетен полека се собираат како сценографија за оваа премиера, „Приказната на Силјан“ го започнува најважниот дел од своето патување: средбата со американската критика, гледачи и индустриски медиуми. Секој ваков чекор е тест но и шанса плус.
А приказната, префинета во својата едноставност, вечерва ќе се обиде да покаже дека врската меѓу еден човек и еден штрк може да биде доволно силна да го надмине локалното, да го спротивстави урбаното на природното, и да создаде мит што лесно прелетува граници.









Comments