Разорниот земјотрес во Мјанмар однесе околу 2700 животи и нанесе огромна штета на културното наследство
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Apr 2
- 3 min read

На 28 март, силен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Мјанмар, оставајќи зад себе катастрофални последици. Според првичните информации, околу 2700 луѓе го загубија животот, а илјадници други беа повредени. Земјотресот се почувствувал и во соседен Тајланд, придонесувајќи кон севкупниот ужас.
Освен човечките жртви, земјотресот предизвика значителна материјална штета. Околу 3000 објекти беа оштетени, меѓу кои повеќе од 95 пагоди и ступи, како и 50 џамии. Овие податоци за уништувањето на културното наследство ги објави на социјалната мрежа X Националната влада за единство на Мјанмар, опозициска група која е во конфликт со воената хунта. Оваа природна катастрофа дополнително ја влошува и онака критичната хуманитарна ситуација во земјата.
Во Мандалај, вториот по големина град во Мјанмар, познат како „златен град“ поради својата импресивна будистичка архитектура, дел од историската палата Мандалај се чини дека е урнат. Државните медиуми објавија дека е оштетена портата Си Шај на палатата, како и часовникот. Градот, кој се наоѓа во центарот на земјата во близина на епицентарот на земјотресот, бил главен град на Мјанмар пред британската колонизација во 1885 година.
Медиумите контролирани од владата исто така објавија фотографии од срушени ѕидови и испукани темели на палатата Мандалај. За време на Втората светска војна, овој комплекс беше речиси целосно уништен под јапонска окупација и воздушни напади, а негова реплика беше изградена на оштетеното место во 1990-тите години. Во главниот град Најпидав, новинари на агенцијата Франс прес беа во Националниот музеј на Мјанмар, каде што виделе како се уриваат делови од таванот и како пукаат ѕидовите. Дваесет-вековниот туличен манастир Ме Ну во Мандалај речиси целосно е уништен, објави Њујорк Тајмс. Слики објавени на Фејсбук покажуваат дека структурата е целосно уништена до непрепознатливост. Новиот манастир Масоејин, исто така во Мандалај, очигледно се урнал. Фотографии и видеа покажуваат монаси околу паднатата часовникова кула на зградата. Мрежата за човекови права во Бурма, организација со седиште во Лондон, во петокот соопшти дека во градот се урнати 24 манастири.

Во моментот на земјотресот се одржувале молитви по повод Рамазан во неколку џамии. Според некои извештаи, околу 700 верници загинале во урнати џамии. Еден човек кој присуствувал на петочните служби во сега урнати џамии во градот Таунгу, јужно од главниот град, изјавил за Ројтерс дека неговата баба, двајца вујковци и тетки се заробени под урнатините. Во понеделникот, на 1 април, верниците се собраа на молитва за Бајрам на место каде што беа уништени две џамии.
Групи за човекови права соопштија дека историските џамии во оваа мнозинско будистичка земја пропаѓаат делумно поради тоа што владата им одбива дозволи за одржување. Во 2018 година, Обединетите нации ја обвинија мјанмарската војска за „геноцидна намера“ против муслиманското малцинство Рохинџа, меѓу другите прекршувања на човековите права. Некои извештаи сугерираат дека хунтата сè уште врши воздушни напади по минатонеделниот земјотрес, иако отпорничките групи се обврзаа на еднострано примирје за да помогнат во спасувачките напори.
Надвор од градот Мандалај, видео снимка забележала како очевидци со ужас гледаат како врвот на златната пагода Шве Сар Јан, изградена помеѓу 800 и 1200 година, се откинува и паѓа на земја.
Сè уште не е јасно дали Баган, локалитет на УНЕСКО за светско наследство кој се наоѓа во зоната на удар на земјотресот, претрпел сериозни оштетувања. Според УНЕСКО, областа содржи 3595 будистички споменици, вклучувајќи ступи и храмови од периодот Баган помеѓу 11 и 13 век. Според локални сведоштва објавени на новински веб-сајт на бурмански јазик, најмалку шест пагоди биле оштетени за време на земјотресот. Во 2016 година, земјотрес со јачина од 6,8 степени предизвика уривање на неколку пагоди во Баган. УНЕСКО сè уште не одговори на барањето за коментар.
Античките градови Пју, вториот локалитет на Мјанмар под заштита на УНЕСКО, кој опфаќа три градови со ровови кои датираат од периодот помеѓу 200 година п.н.е. и 900 година од н.е. - Халин, Бејктано и Шри Кшетра - исто така се наоѓаат во ударниот регион на земјотресот. Не е јасно дали некој од античките градови претрпел штета.
Светскиот фонд за споменици (WMF), организација која работи на заштита на локалитетите на културното наследство, издаде соопштение во кое изрази сочувство до оние кои изгубиле членови на семејството во трагедијата и наведе дека организацијата добила „извештаи за влијанието на катастрофата врз главните локалитети на наследството“.
На 1 април, портпарол на WMF изјави дека организацијата сè уште нема ажурирани информации од теренот во Мјанмар.
„Продолжуваме да ја следиме ситуацијата во Мјанмар и активно контактираме со локалните партнери за да ги процениме потребите и да утврдиме како можеме да обезбедиме значајна поддршка“, рече портпаролот.





Comments