Сашо Алушевски и шумата што не сака да се претвори во слика
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 18 minutes ago
- 4 min read
Изложба што ја покажува природата како трага, а не како реплика – шумата како визуелен јаз меѓу гледачот и стварноста.

Понекогаш е лесно да заборавиме дека фотографијата е само тенка мембрана меѓу светот и неговата претстава. Го гледаме отпечатокот, но не и движењето. Ги гледаме сенките, но не и мирисот. Само на моменти сликата ја отвора вратата кон нешто подалечно и попрвично. Во новата поставка на Сашо Алушевски, „На мајката земја – шума“, таа врата се отвора токму толку колку што треба за гледачот да сфати дека зад неа има нешто недостижно.
Алушевски одамна се движи по работ меѓу фотографијата, материјалната природа и прашањето: што всушност гледаме кога гледаме? Неговите претходни циклуси често ги допираат местата каде визуелната уметност не може да го имитира животот, туку само да се приближи до него преку траги, текстури и процеси. Новиот циклус кој ќе биде поставен на 3 декември во мобилната–монтажна галерија во Паркот на франкофонијата продолжува со истата упорност на автор што не се плаши да се соочи со границите на сопствениот медиум.
Сашо Алушевски е фотограф што никогаш не ја третира фотографијата како едноставна репродукција на стварноста. Кај него нема романтизација на природата, ниту наивна желба за „фотографски реализам“. Тој е од оние ретки автори кои се вљубени и во процесот и во материјалот: во хемиската реакција, во нееднаквоста на емулзијата, во случајноста како соработник, не како грешка.
Техниките што ги користи цијанотипија, Van Dyke, гумотипија, гумомаслена техника, колодиум, мордансаж, лумен не се избор од носталгија, туку од потреба. Тие се алатки што овозможуваат природата да не биде само мотив, туку партнер во сликотворниот чин. Кај Алушевски, фотографијата е физички предмет што дише, старее, оставa соларни лузни, а понекогаш сама се одупира на обликот што сакаме да ѝ го наметнеме.
„На мајката земја – шума“ е циклус што ја разгледува шумата не како пејзаж, туку како жив организам што одбива да се редуцира во визуелна формула. На прв поглед, делата наликуваат на снимки од длабока, густа шума гранки, магла, подземни структури, ситна светлина што се пробива низ крошни. Но кога ќе се доближиме, сите тие наводно реалистични детали почнуваат да се расплетуваат во мрежи, точки, слоеви. Дрвјата стануваат текстура, листовите личат на молекуларни структури, просторот се претвора во шема што го негира сопствениот контекст.
Оваа изложба не се базира на „сликани“ шумски мотиви. Таа е резултат на внимателно набљудување и паралелна деконструкција: на лист, на земја, на камен, на вода. Алушевски успева да ја покаже природата не преку јасни контури, туку преку траги и кодови. Како што и самиот вели во текстот за изложбата:
„Фотографската слика не ја претставува природата директно, туку нејзините кодови и траги.“
Овде шумата не е херој од прв план; таа е присуство, енергија, структура што го држи кадарот, но не дозволува да биде прочитана до крај.
Што сака да каже изложбата?
Во оваа поставка има една јасна, речиси филозофска точка: и најпрецизната визуелна репрезентација е само сенка на стварноста. Не случајно Алушевски ја повикува платоновата разлика меѓу идеја, имитација и сенка. Неговите фотографии се токму тој полутон не се ни реалноста, ни нејзината директна имитација, туку некаков остаток од визија што делува како да е повторно и повторно прекршувана во природниот циклус.
Тука, шумата е и буквална и апстрактна. Од една страна, можеме да препознаеме дрвја, кора, под, влажни листови, светлина. Од друга страна, материјалниот свет е разложен на чиста визуелност. Сликата станува истовремено фотографија, мапа и меморија.
Главната порака е речиси нежно предупредување:
ништо визуелно не може да го замени допирот со природата.
Никој печат, ни најпосветениот аналоген процес, не може да донесе со себе мирис на мов или тежината на влажната земја под обувките. Фотографијата колку и да е богата со знаци, нуди само навестување. Реалното се случува пред и после неа, со телото, со воздухот, со шумот од гранките што се допираат.
Во таа мисла има и нешто ослободувачко: фотографијата станува место на игра, а не на илузија. Наместо да се обидува да ја имитира стварноста, таа го признава сопствениот јаз празнината меѓу претставата и искуството. Токму таму, во тој јаз, Алушевски го наоѓа поетскиот потенцијал на медиумот.
Просторот меѓу гледачот и шумата
Изложбата има уште еден слој: она што го гледаме секогаш зависи од нас. Авторот предлага прашање што не е лесно да се игнорира:
дали сликата е надвор од нас или во нас?
Шумата, така како што е фатена во овие дела, е и објект и огледало. Ги повикува гледачите да проверуваат каде точно завршува нивната сопствена проекција. Каде престануваме да го гледаме дрвото и почнуваме да гледаме нешто своје, интимно, можеби и сосема неподвижно?
Постапката со природни материјали и старински фотографииски процеси ни дава сензација дека сликата не е „готова“. Таа продолжува да се менува, барем во погледот на гледачот. Алушевски не нè повикува во шумата, туку нè повикува да ја почувствуваме празнината меѓу реалното и визуелното — простор каде се раѓа уметноста.
Изложбата се отвора во среда, 3 декември, во 18 часот, во мобилната–монтажна галерија во Паркот на франкофонијата, Скопје. Изборот на овој неформален, подвижен простор одговара на самата природа на циклусот: тие фотографии се чувствуваат како да не бараат бела коцка, туку средина што може да дише со нив.
Темата: шумата како место на трага, а не како пост-картичка доаѓа во време кога природата сè повеќе се сведува на дигитален впечаток. Во оваа поставка, природата не е сценографија, туку субјект што го одбива нашето поедноставување.
Поставката е реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам.

