top of page

Што е Slow Food и што носи Slow Food Салон 2025: заедно со природата

Slow Food Салон 2025 обединува мали производители, фарми, едукација и гастрономија околу идејата за одржлива храна.

ree

Slow Food не е гастрономски тренд, туку филозофија што го поврзува вкусот со одговорноста. Движењето се залага за храна што е добра (вкусна и автентична), чиста (произведена во согласност со природата) и праведна (со фер однос кон оние што ја произведуваат).


Во време на индустриска исхрана, загадена животна средина и губење на локалните знаења, Slow Food го враќа фокусот кон малите производители, сезонската храна и образованието за тоа од каде доаѓа она што го јадеме.


Токму оваа идеја стои зад Slow Food Салон 2025: „Заедно со природата!“ – настан што ја отвора храната како културно, еколошко и општествено прашање.

Движењето Slow Food започнува во Италија во 1986 година, како реакција на отворање ресторан за брза храна во историското јадро на Рим. Наместо класичен протест, следи културен одговор: одбрана на локалната кујна, ритуалот на јадењето и правото на вкус.


Во 1989 година, во Париз е потпишан Манифестот на Slow Food, со кој движењето добива меѓународна рамка. Неговиот основач, Карло Петрини, ја формулира суштината јасно и недвосмислено:


„Slow Food ја брани идејата дека задоволството од храната е основно човеково право, а не привилегија.“

Во самиот Манифест стои и една од клучните мисли што и денес ја одредуваат филозофијата на движењето:


„Противставени сме на универзалната лудост на Брзиот живот и ја потврдуваме вредноста на бавноста.“

Slow Food се темели на три едноставни, но радикални принципи:


  • Добра – храната треба да биде вкусна, автентична и културно вкоренета.

  • Чиста – производството мора да ја почитува природата, почвата, водата и биодиверзитетот.

  • Праведна – фер услови за оние што ја произведуваат храната.



Овие принципи се директна спротивност на индустрискиот модел, каде ниската цена често значи висока штета – по здравјето, животната средина и локалните заедници.





Зошто Slow Food е особено важен за Македонија



Во Македонија, храната одамна не е само гастрономско прашање. Таа е поврзана со лош квалитет на воздух, деградирана почва, осиромашени рурални средини и сè поголема зависност од увоз.


Парадоксално, земја со силно аграрно наследство денес се соочува со губење на локалното производство и стандардизација на вкусот. Во таков контекст, Slow Food не е романтика, туку практична алтернатива: поддршка на малите производители, зачувување на земјата и водата и враќање на знаењето за храната во јавниот простор.


Иако често се доживува како „увезена“ идеја, Slow Food во Македонија постои со децении – само без етикета. Домашното сирење од сурово млеко, ајварот направен од локални пиперки, медот од мали пчелари, виното од автохтони сорти – сето тоа се примери на good–clean–fair храна.


Сè повеќе македонски фарми денес применуваат агроеколошки принципи: минимална хемија, грижа за почвата, почитување на сезоните. Овие практики покажуваат дека одржливоста не е теорија, туку секојдневна работа.


Во земја со сериозни еколошки предизвици, локалното производство значи и пократок пат од нива до маса, помал еколошки отпечаток и поголема контрола врз квалитетот на храната.




Slow Food Салон 2025: храната како јавен разговор



Slow Food Салон 2025: „Заедно со природата!“ ја носи оваа филозофија во јавен, достапен формат. Програмата опфаќа:


  • Саем на мали производители и салон на пијалаци

  • Тематски форуми за едукација, одржливо производство и Slow Food туризам

  • Презентации на фарми и маслинарство

  • Едукативни програми за деца

  • Мастер-класови и школа за одржлива гастрономија

  • Простор за вмрежување на организации и иницијативи поврзани со храната



Slow Food не нуди спектакуларни решенијa но нуди внимание, одговорност и избор. Во земја што се бори со квалитетот на животот, ова движење потсетува дека промената започнува од основното – од тоа што го јадеме, како го произведуваме и со кого го споделуваме.


Програма: цел ден посветен на храната и одржливоста


ree

Отворање на настанот


11:30 – Свечено отворање и поздравни говори



1. Саем на мали производители – Свечена сала



11:00–20:00

Изложба на храна од мали локални производители – место за директна средба со оние што ја создаваат храната, со јасно потекло и приказна.





2. Салон на пијалаци – Кристална сала



11:00–20:00

Изложба на семејни винарии, дестилерии и занаетчиски пивари, со акцент на мали серии и традиционални техники.





3. Slow Food Арена – Банкет сала



Тематски форуми што ја отвораат храната како јавна тема:


  • 12:00–14:00 – Едукација за одржлива иднина


    Модератор: Ване Марковски

  • 14:00–16:00 – Храна произведена во согласност со природата


    Модератор: Марко Марк

  • 16:00–18:00 – Slow Food Travel


    Модератор: Ирена Спировска






4. Slow Food маслинарник – Кристална сала



11:00–20:00

Презентација на македонското маслинарство: ладно цедени масла, ферментирани и сушени маслинки и други маслинови производи.





5. Slow Food фарми – Кристална сала



13:00–18:00

Презентација на применети агроеколошки принципи на три македонски фарми – примери за одржливо производство во пракса.





6. Едукација за деца – Свечена сала



Програма што ја приближува природата до најмладите:


  • 11:00–12:00 – Шепотот на природата

  • 12:00–14:00 – Природна сложувалка

  • 14:00–15:00 – Разговор со природата

  • 15:00–17:00 – Малите чувари на живиот свет






7. Мастер-клас – Сала Конти 1



  • 13:00–14:30 – Вина од органско грозје или со минимална интервенција


    Ивана Симјановска

  • 16:00–17:30 – Спарување на природно ферментирана храна со вина од Slow Wine


    Слободен Чокревски и шеф Зоран Мајновски






8. Школа за одржлива гастрономија – Сала Конти 2



  • 12:00–13:30 – Производство на сирење од сурово млеко со природни сирила


    Давид Неделковски

  • 14:30–16:00 – Природно ферментирани месни производи


    Деан Здравковски






9. Slow Food миксологија – Аперитив бар



13:00–17:00

Подготовка на македонски коктели со локални состојки.





10. Плоштад за вмрежување – Фоаје



11:00–20:00

Презентација и вмрежување на граѓански организации и фирми поврзани со производството на храна и одржливи практики.



Slow Food Салон 2025 се организира со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и шведската организација We Effect.















Стани Дивотно

Comments


Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page