„Силјан“: Македонскиот документарец кој го освои светот е номиниран за престижната Cinema Eye Honors награда
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 1 day ago
- 2 min read
Гласањето за документарниот филм „Силјан“ на режисерката Тамара Котевска е отворено до понеделник филмот е номиниран за престижната Cinema Eye Honors Audience Choice Award, една од најценетите меѓународни награди за документарна уметност.

По својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција 2025, „Силјан“ се најде во фокусот на светската критика и брзо стана едно од највпечатливите документарни остварувања на годината: нежна, поетска и длабоко човечка медитација за осаменоста, пријателството и кревката врска меѓу човекот и природата.
Оваа недела, IndieWire ексклузивно го објави новиот трејлер за филмот, опишувајќи го како „најубавиот документарец на годината“ и повикувајќи ја глобалната публика да гласа.
Гласај тука: cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting
„Силјан“ веќе се вбројува меѓу најистакнатите документарци во пресрет на оскаровската сезона. По одличниот прием во Венеција каде критичарите го нарекоа „триумф“ и „чудо над чудата“ филмот наскоро ќе се прикажува во киносали низ целиот свет, во дистрибуција на National Geographic Documentary Films.
Критичарот Кристијан Блауелт од IndieWire напиша:
„‘Приказната за Силјан’ е без сомнение најубавиот документарен филм на годината - внимателно изработен, човечен и поетски приказ на односот меѓу еден постар човек и штркот кој му станува пријател и спасител.“
Во центарот на приказната е Никола, човек кој се обидува да ја зачува семејната фарма откако неговите најблиски се иселуваат во потрага по сигурен живот. Во миг на осаменост, еден штрк случајно слетува во неговиот двор и така започнува тивка, речиси митска врска меѓу човек и птица, меѓу болка и надеж.
Иако реална, приказната носи во себе одглас од стара македонска легенда за залутаниот син што се враќа дома откако се претвора во штрк мотив што во филмот се претопува во современа алегорија за миграцијата, разделбата и можноста за повторно поврзување.
Со суптилна камера и поетска прецизност, Котевска создава современ мит за човековата издржливост и нежност, каде документарното се спојува со духовното.
Режисерката Тамара Котевска ја следела семејната приказна на Никола повеќе од година и пол, уште пред да се појави штркот. Првично инспирирана од темата за миграции и глобализација, таа открила нешто многу поретко: вистински момент кога животот почнува да ја имитира уметноста.
„Силјан“ прераснува во човечко сведоштво за времето, природата и повторното пронаоѓање на смислата, филм што потсетува дека старите митови не исчезнуваат тие само чекаат да бидат препознаени во современоста.
Во моментов, Котевска е на американска турнеја во рамките на својата Оскар кампања.
Пред неколку дена настапи меѓу десетте најдобри документарни режисери на годината, според селекцијата на The Hollywood Reporter, на фестивалот во Савана, Вирџинија.
Турнејата продолжува низ неколку американски градови, а јавноста ќе може да ја следи преку медиумите и официјалните канали на филмот.





Comments