top of page

Стотици демонстранти го блокираа израелскиот павилјон на Венециското биенале: „Нема уметност што може да го испере геноцидот“

  • 3 hours ago
  • 3 min read

Пропалестински активисти, уметници и културни работници протестираа на отворањето на Венециското биенале 2026, барајќи исклучување на Израел од изложбата

На првиот ден од програмата на Venice Biennale, стотици пропалестински демонстранти го блокираа влезот на израелскиот павилјон во Арсенале, претворајќи го еден од најголемите светски уметнички настани во сцена на политички судир, отпор и морална дебата околу улогата на културните институции во време на војна.

Протестот, организиран од Art Not Genocide Alliance (ANGA), траеше околу половина час и привремено го затвори пристапот до изложбата Rose of Nothingness на уметникот Belu-Simion Fainaru. Демонстрантите мавтаа со палестински знамиња и носеа транспаренти со пораки како „No Artwashing Genocide“ и „No Genocide Pavilion at Biennale“.

„Израел, не можеш да се скриеш. Те обвинуваме за геноцид“, извикуваа насобраните, додека делеа летоци и лажни биеналски брошури насловени A Guide to Complicity and Protest.

Атмосферата во Арсенале, инаку препознатлива по тивки редици колекционери, куратори и новинари со акредитации околу вратот, накратко се претвори во протестен коридор исполнет со говори, мегафони и скандирања. Моментот уште еднаш ја отвори старата дилема: дали големите уметнички институции можат да останат „неутрални“ додека светот се распаѓа околу нив.

Повеќе од 200 уметници, меѓу кои и дел од учесниците на овогодинешното биенале, претходно потпишаа отворено писмо со барање Израел да биде исклучен од меѓународната изложба во 2026 година. Тоа не се случи. Наместо тоа, организаторите му обезбедија алтернативен простор во Арсенале, бидејќи официјалниот израелски павилјон во Џардини е во реновирање.

Контроверзиите околу биеналето дополнително се засилија минатата недела, кога жирито за наградите колективно поднесе оставка. Според дел од медиумите и учесниците, причината била политичкиот притисок поврзан со одлуките околу Израел и Русија, две држави кои се соочуваат со сериозни меѓународни обвинувања за злосторства против човештвото.

„Венециското биенале е соучесник во геноцид“, изјави еден од говорниците за време на протестот, нарекувајќи ја изложбата „празна фантазија за инклузија и толеранција“.

Меѓу присутните беше и јужноафриканскиот уметник Nolan Oswald Dennis, чие дело е дел од интернационалната изложба In Minor Keys, концепирана од кураторката Koyo Kouoh, која почина кратко по нејзиниот избор за оваа улога.

„Должност на уметникот е да биде искрен“, изјави Денис за Hyperallergic. „Во овој случај, мора да бидеме искрени околу тоа со кого делиме простор: со геноцидна држава.“

Повлекувајќи паралели со Јужна Африка, тој додаде дека искуството на апартхејдот покажува оти системите на сегрегација и насилство не се вечни. „Ако доаѓате од Јужна Африка, знаете дека апартхејдот мора да се порази. Но уште поважно, знаете дека апартхејдот може да заврши.“

Во друг дел од биеналето, членовите на Pussy Riot се приклучија на активистките од украинската феминистичка група FEMEN во протест пред рускиот павилјон. За разлика од Израел, Русија ќе биде отворена само за време на preview деновите, по што павилјонот ќе биде затворен за јавноста во согласност со санкциите.

По протестот пред израелскиот павилјон, демонстрантите продолжија низ Арсенале и мирно се разотидоа. Нема информации за апсења.

Но протестите веројатно нема да завршат тука. За 8 мај, културни работници во Венеција најавија 24-часовен штрајк во солидарност со Палестинците, што потенцијално би можело да го наруши распоредот на отворањата и привремено да затвори дел од павилјоните.

„Овој штрајк е колективно одбивање на нормализацијата на геноцидот во културата, но и на несигурните работни услови врз кои е изградено биеналето“, изјави еден од организаторите.

Во меѓувреме, Венециското биенале повторно се најде во својата стара, можеби неизбежна улога: не само изложба на современа уметност, туку и огледало на глобалните конфликти, идеологии и линии на поделба што пулсираат под површината на културниот свет.

Стани Дивотно

Comments


Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page