Замина Принцот на Темнината: Ози Озборн почина на 76 години
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 3 days ago
- 2 min read

Ози Озборн, легендарниот „Принц на Темнината“ и еден од највлијателните фигури во хеви металот, почина на 76-годишна возраст. Според семејството, тој починал „опкружен со љубов“, утрово, во близина на најблиските.
„Со неизмерна тага соопштуваме дека нашиот сакан Ози Озборн почина. Беше со своето семејство и опкружен со љубов. Ве замолуваме за почитување на нашата приватност во овој момент,“ гласи изјавата од неговото семејство: Шерон, Џек, Кели, Ејми и Луис.
Неговата смрт доаѓа повеќе од пет години по јавната објава дека боледува од Паркинсонова болест – дијагностициран во јануари 2020.

Од Бирмингем до светската слава
Роден како Џон Мајкл Озборн на 3 декември 1948 година во Бирмингем, Англија, тој го добил прекарот „Ози“ уште во основно училиште. Детството му било тешко – сиромаштија, дислексија, малтретирање, дури и сексуална злоупотреба од врсници. Повеќепати размислувал за самоубиство. Музиката му станала единствено спасение — и тоа благодарение на песната „She Loves You“ од Битлси.
Black Sabbath и раѓањето на темната икона

Во 1968 година станал фронтмен на Black Sabbath, бенд што ќе го револуционизира рокот. Со мрачен, брутален звук и сцена, Ози стана симбол на нов жанр. Прекарот „Принц на Темнината“ не бил случаен — самиот изјавил: „За мене, Ноќ на вештерките беше секоја проклета вечер.“
Во 1979 година, поради екстремен алкохолизам и дроги, Ози бил отпуштен од бендот. „Сите бевме уништени, ама мене ме избркаа. Лицемерие,“ напиша во својата автобиографија.

Воскреснување: соло кариера и Шерон
По отпуштањето, се појавила Шерон Арден – ќерка на менаџерот на Black Sabbath – која му станала менаџер и сопруга. Заедно го изградиле митот на Ози како соло ѕвезда: Blizzard of Ozz, Crazy Train, и уште многу култни проекти. Но животот во светлата не бил лесен.
„Сите ние се изгубивме. Џек се среди, Кели имаше проблеми, јас бев изгубен, а Шерон доби рак,“ изјави Ози.
Во 1989 година, Ози бил уапсен откако, под дејство на дроги, се обидел да ја убие Шерон. Не се сеќавал на инцидентот. Бил осуден на шест месеци рехабилитација. Таа подоцна раскажа: „Многу смирено ми рече: ‘Одлучивме дека треба да умреш’.“
Последната борба

И покрај сите здравствени проблеми, Ози не се предаваше. Во 2023 година објави крај на концертната кариера, но рече дека гласот му е сѐ уште добар — само телото го изневерува. „Тешко ми е да го кажам ова, ама време е.“
Сепак, не се предаде до крај. Во јули 2025 година, за последен пат се качи на сцена со Black Sabbath – во неговиот роден Бирмингем. Последен поздрав пред да згасне светлината.
„По 50 години по патиштата… време е,“ рече во интервју.
Човекот зад митот

Во последните месеци од животот, Ози зборуваше за борбата со Паркинсоновата болест. „Секое утро – нова болка. Почнуваш да мислиш дека никогаш нема да престане.“
Ќерката Кели јавно ги отфрли шпекулациите дека нејзиниот татко умира. „Не умира. Доста со тие будалаштини,“ изјави. Исто така ги нарече „глупости“ старите гласини за самоубиствен пакт меѓу Ози и Шерон.
Наследство што никогаш нема да згасне
Ози Озборн остави зад себе многу повеќе од музика. Тој беше симбол на бунт, искреност и непокор. Човек кој не криеше ништо, кој беше своите демони — и ги претвори во звук.
Зад себе остави сопруга, шест деца и десет внуци. Но и нешто што нема возраст: легендата.
Comments