„Култура Бета“ по вторпат ја отпочнува акцијата за стари книги, плочи и цедеа
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Aug 26
- 2 min read
Донаторска акција за стари книги, плочи и цедеа во „Илика“ – дел од фестивалот „Ре-култура“ и мисијата на „Култура Бета“.

Во пресрет на второто издание на фестивалот за алтернативна, младинска и критичка култура „Ре-култура“, здружението „Култура Бета“, заедно со кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“, повторно ја отвора донаторската акција за стари изданија – книги, плочи и цедеа.
Организаторите ги повикуваат љубителите на музика и литература, колекционерите и сите кои сакаат да придонесат кон градење независна културна сцена, да донираат примероци во добра состојба во кафе-книжарницата „Илика“.

Собраните изданија ќе бидат изложени на донаторски базар за време на фестивалот „Ре-култура“ на 26 и 27 септември. Средствата собрани од продажбата ќе се вложат во поддршка на локалната младинска сцена – нови настани, изданија и иницијативи.
Акцијата трае од 18 август до 18 септември. Донациите се примаат секој ден освен недела, од 8 до 13 часот и од 17 до 22 часот во „Илика“.
„Со оваа акција сакаме да ја поттикнеме заедницата на директно учество во независната култура, на реупотреба на старите предмети и на создавање нови врски меѓу уметниците и публиката,“ велат од „Култура Бета“.
„Култура Бета“ е здружение за афирмација на младинската култура кое последниве години се позиционира како простор за нови поетски, визуелни и критички гласови. Зад него стои мала, но посветена група млади уметници и уредници – поети, историчари на уметност, филмски критичари – кои создаваат платформа за алтернативни содржини, книжевни и мултимедијални настани и поддршка на локалната сцена.
Во нивниот фокус е градењето на независна културна инфраструктура: соработки со културни простори, реакција на општествени случувања и создавање услови младите автори да бидат видливи. Акцијата за книги, плочи и цедеа е дел од таа поширока мисија – да се поттикне културна солидарност и да се оживее духот на заедничко градење на сцена.
Целосната програма за фестивалот „Ре-култура“ ќе биде објавена наскоро.
Comments