Членовите на Jane’s Addiction се тепаат, па се тужат
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Jul 18
- 2 min read

Од легендарна рок сцена до судница, членовите на Jane’s Addiction сега се борат не со гитари, туку со тужби. Она што почна како носталгична обнова на составот минатата година заврши со удар во рамо, откажани концерти и… правни документи.
Инцидентот се случил во Бостон, каде пејачот Пери Фарел физички се пресметал со гитаристот Дејв Наваро. Според видео снимка, Фарел буквално се залетал со рамо во Наваро и се обидел да удри, пред да биде сопрен.
Оваа сцена стави крај на првата турнеја со оригиналната постава после 14 години. Но, драмата не заврши тука. Во среда, двете страни влегоа во правна битка со тужби поднесени во Врховниот суд во Лос Анџелес.
Наваро, заедно со басистот Ерик Авери и тапанарот Стивен Перкинс, го тужат Фарел за напад, емоционален стрес, запоставување на обврски и кршење на договор. Фарел и неговата сопруга Ети Лау Фарел не останаа покусо, возвратија со своја тужба за, погоди, истите работи (со малку повеќе патос).
Адвокатот на Наваро изјави дека поради однесувањето на Фарел, остатокот од бендот останал заглавен со недовршена турнеја и раскинат договор за нов албум. „Сакаат вистината да излезе на виделина и заслужуваат правична разрешница“, вели тој.
Тимот на Фарел возврати дека сè ова е само обид да се изолира и понижи нивниот клиент, обвинувајќи ги колегите за „типично и предвидливо“ манипулирање со наративот.
А тужбата на Наваро оди уште подалеку: ја нарекува ситуацијата „брза и болна смрт на бендот предизвикана од неиспровоцираниот гнев на Фарел“. Тврдат дека пејачот заборавал текстови, лутал низ песните како турист во својот сопствен репертоар и мрморел додека цуцал вино на сцена.
По тепачката, останатите 15 концерти во Северна Америка беа откажани. Наваро на социјалните мрежи го обвини менталното здравје на пејачот, а Фарел се извини велејќи дека „го достигнал својот лимит“ и се однесувал „неоправдано“.
Но Фарел во својата тужба има своја верзија тврди дека со години бил жртва на малтретирање од бендот, вклучувајќи намерно заглушување на сцената за да не се слуша додека пее.
Ако некогаш се прашувавте што се случува кога старите рокери повторно ќе се сретнат… сега знаете.
Comments