top of page

Мирко Попов: Градот ме тера да плачам

Во пресрет на "Градот ме тера да пеам" и "Крај Вардарот Џез" (повеќе за фестивалите деновиве), Мирко сосема отворено ранлив со зборови на охрабрување среде околности кои се упорно тешки, заморни, сурови... самиот пркос е чин на бунтовништво. Но, небитно што ние имаме да кажеме, Мирко најубаво ќе ви раскаже за неговото утро, после децении.



"Се вратив едно утро дома скроз накресан се разбира :) и ја пуштив оваа музика (компилација) да преслушам што тоа кажува јубилејното 200-тото издание на ПМГ Рекордингс. Така фино откачен, совладан од нежна утринска емоција, слушам неверојатно добра музика и плачам и плачам... и плачам. Плачам од возбуда колку се убави овие песни; плачам од морничавоста на сознанието за нашиот опстанок среде оваа македонска коруптивна жабокречина; плачам од што сум педесет годишна будала која 30 години го прави истово ова: живее од денес за утре и ги собира најубавите песни за да им ги понуди на гладните, жедните и незаинтересираните. Плачам заради привилегијата да го живеам својот сон. Но, тоа е сон за кој сами се изборивме. Го изборивме поради тоа што бевме воспитани, образовани, култивирани, бестрашни и убави.


Ова е приказна за убавите деца на овој град... убавите деца на оваа земја. Ги има многу, ама живеат опкружени со купишта омраза, простотилак и игнорантност. Тоа се деца кои имаат 20, 30, 50, 70 години... сосем небитно колку години имаат. Нивната понуда е конструктивна идеја. Основа да се изгради подобар град, подобар свет, пред се за нас самите. Најпрво во мојата глава, а сега и во реалноста, ПМГ Рекордингс е запис за современата Македонска музичка култура. Пример за убавината која во себе ја носи овој чуден народ кој се задоволува со премалку. Темел (подрум:) за изградба на едно попродуховено денес и утре. Континуитет кој го предизвукува гласното, динамично малцинство на културолошки пресврт. Искрена понуда. Вројатно надеж. Не знам навистина. Тука сме, слободни да твориме свои песни на својот јазик, свои згради, свои патишта кон сонцето кое великодушно ни ги милува глупавите глави. Таа слобода треба да се искористи. Без страв. Слобода е кога човек не се плаши. Предлагам да не се плашиме од промената на подобро.

Comments


bottom of page