Започнува „Викенд на гордоста – Скопје 2025“: Југоквир во фокусот со изложба за панкот и симпозиум за квир култура
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 4 days ago
- 3 min read

Претстојниот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“, под тематската рамка ЈУГОКВИР, свечено ќе биде отворен на 3 јуни во Музејот на современа уметност (МСУ). Програмата започнува во 20:30 часот со импресивната изложба „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“, која ќе биде проследена со симпозиум на тема „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“ на 4 јуни.
Големата архивска поставка во МСУ, курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ во соработка со Славчо Димитров, нуди ретка можност за домашната публика. Според кураторскиот текст, "со изложбата на сеопфатен начин се истражува пресекот на фотографијата и словенечкото панк-движење во периодот од 1977 година до средината на 1980-тите години, заедно со периодот што му претходел и што следувал по панкот." Ова е петто издание на изложбата, која по успешното отворање во Цанкарјев дом во Љубљана, патуваше низ Пфорцхајм, Грац/Лафелд и Нови Сад.
Во Скопје, како што објаснува Гржиниќ, изложбата е "приспособена на просторниот капацитет на галеријата и фокусот на Коалицијата Маргини на нејзината сексуалност, супкултурата и перформативните аспекти." Посебен акцент е ставен на "супкултурните и алтернативните настани во Љубљана во текот на 1980-тите години, вклучително и појавата на ЛГБТ+ заедницата, подемот на групи каква што е Лајбах и други смели, субверзивни активности." Меѓу уметниците чии дела се изложени се Јанез Богатај, Јануш Чех, Божидар Доленц, Тоне Стојко, групата Релации / 25 години Лезбејска група ШКУЦ-LL и Игор Видмар.

Кураторскиот текст понатаму ја нагласува улогата на фотографијата, наведувајќи дека таа "се претвори во суштински медиум за распространување на пораките на панкот за општествените и политичките прашања и понуди алтернативни перспективи и визуелно го долови етосот на времето." Се додава дека "панк-фотографијата често документира провокативни чинови и пркос кон конвенционалните норми." Словенечкиот панк, освен критика на системот, претставувал и "просоцијалистички бунт на работничката класа и на младите против општествената неправда, политичката апатија и економската криза." Целта на поставката е да се истакне "отпорот како политичка категорија што му се спротивставува на телото на политиката со политиката на телото."
Изложбата е реализирана во соработка со Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите (ЗРЦ САЗУ). Во Скопје, таа е организирана од Коалиција МАРГИНИ во рамки на Викендот на гордоста, во партнерство со МСУ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, со дополнителна поддршка од ИЦ при САНУ, Љубљана, д-р Ото Лутар, како и од А.К.Т; од Пфорцхајм и уметничкиот директор Јануш Чех.
Програмата продолжува на 4 јуни во КСП Јадро, со почеток во 19:00 часот, каде ќе се одржи симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“. На него ќе учествуваат истакнати автори, уметници и истражувачи како Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК од Словенија, Германија, Австрија и Шпанија. Тие ќе дискутираат за "историите и современите стратегии на отпор на ЛГБТ+, квир и транс заедниците во однос на државната моќ, доминантните наративи и глобалниот технокапитализам", со цел артикулирање на "радикални и деколонијални визии за идни побуни и политички заедништва."
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе трае од 3 до 14 јуни и ќе се одвива на повеќе локации, вклучувајќи ги МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија. Организиран е од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка и партнери како Тиииит! Инк., МСУ – Скопје, А.К.Т; од Пфорцхајм, и ЗРЦ САЗУ. Како што се наведува во соопштението, Скопје Прајд Викенд, Прво Па Женско и Перформанс Платформа го посветуваат јуни на современата и критичка перформанс уметност, "како гест на грижа, релациска, политички ангажирана уметничка практика и акт на демократизирана јавна имагинација."
Целосната програма на настанот, како и постерот и зборникот на Викендот на гордоста - Скопје 2025 - ЈУГОКВИР, се достапни онлајн. Фестивалот е поддржан од Heinrich Böll Stiftung, Friedrich Ebert Stiftung, А.К.Т; и Global Fund for Women.
Comentários